(за поемата „Коњски житија“ од Зоран Анчевски, НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид, 2023)
Поемата „Коњски житија“ на Зоран Анчевски е суверено структурирано и поемски компонирано дело, со богата филозофска и егзистенцијална подлога што ја инкорпорира во згуснатиот, мајсторски воден израз. Отворајќи ја поемата со навестувачки пролог за „Четирите коњи на Апокалипсата“, авторот силно навлегува, преку поетско-драмските стории на главните ликови, коњоликите суштества од митот, фолклорот, религијата, стрипот – Кинтака, Пегаз, Хирон, Хипокамп, Слејпнир, Тројанецот, Букефал, Инкитат, Ламри, Ал Борак, Шарец, Росинанте, Еднорог, Илчи, Џоли Џампер – во суштински етички и егзистенцијални прашања, што од богати поетски – наративни позиции во различни митолошки, историски, егзистенцијални контексти (со завидно знаење на поетот) стануваат вонвременски. Поемата набргу ги наметнува целосноста и компактноста на својата структура, со едновремено строго, а сочно владеење со секоја приказна, во едно широко подрачје на меѓуодноси меѓу коњите и нивните стопани (господари, другари…) во различни временски периоди, на различни географски, митолошки и религиозни делови на светот. Пленат поетските квалитети што се неопходни во создавањето силна поема – сувереното знаење на материјалот и креативната умешност да се трага по важноста на поединечното, сугестивниот, згуснато сензитивен лирски израз и душевноста, човечноста на авторот што го облагородува ова впечатливо дело во еден од најсложените поетски жанрови : „Ние сме од чинки и чуда створени, земјата ни е дом,/ а небото егзил; тотеми сме на сила, слобода и непокор; /на човека сме му покорни, но само ако по мерка ни е тој,/ ако знае почит да има и со љубов да храни сѐ што е живо,/ војна да мрази, иако нас нѐ бива и за војна и за мир./ Плипот јунаци сме носеле на грб и почесни гости во многу сказанија, ја биле точни, ја сосема неточни…/“. Така поетот ја создава, ја индивидуализира во драмски монолози секоја од овие истории за нераскинливата поврзаност меѓу коњот и човекот низ складностите и нескладностите на времињата, со ритам (галоп) некогаш лесен, некогаш бавен и мошне успешно ја користи поетската логика да ги согледа и да ги вкомпонира причините на постоењето на секој лик-коњ, во функцијата на својот временски, но и на својот поемски контекст.
Поемата завршува со кода „Четирите огнени коња на сонцето“ што ја обединува оваа суверена, разиграна ниска на меѓусебно вплетени пеења во впечатлива единствена поема, едногласно издвоена и наградена на годинешниот конкурс за најдобра поема „Григор Прличев“. Импресивен поетски резултат!