Пролетни пејзажи, детаљ 2, плотер печат-форекс, 2006 година

Ретроспективна изложба на Жанета Вангели во Националната галерија на Македонија

Ретроспективна изложба на Жанета Вангели ќе биде отворена утревечер, во 20 часот, во „Чифте-амам“. Овој проект на Националната галерија на Македонија финансиски е поддржан од Министерството за култура и туризам. Кураторка на проектот е Маја Крстевска, а стручен соработник е Горанчо Ѓорѓиевски. Изложбата ќе ја отвори директорот на Националната галерија на Македонија, Али Синани, а наедно пригодна реч за ликовниот опус на уметницата Жанета Вангели ќе даде кураторката на изложбата, Маја Крстевска. И, секако, авторката на изложбата, Жанета Вангели, со свое обраќање ќе ја поздрави публиката. Изложбата ќе биде поставена до 14 септември.
Жанета Вангели активно твори и учествува на македонската ликовна сцена од средината на 1980-тите, па до денес, навестувајќи ги антиципациските текови на уметноста со моќен, интуитивен, директен, пробивен, семантички конципиран и длабоко конотиран авторски израз. Внесувајќи нови и радикални промени во визуелниот хоризонт на овие простори, со ова ретроспективно претставување, таа одново го актуализира прашањето за релевантноста на ликовниот говор низ тропите на современата уметничка агора.
– Ретроспективниот проект/концепт „Архив II, 1985–2025: Епифанија“ е втор дел од творечкиот опус на Жанета Вангели претставен во Музејот на современата уметност – Скопје (2017). Првото ретроспективно претставување „Архив, 1987–2017: Синхроницитети“ даде една (по)целосна слика за творечките етапи на Жанета Вангели во период од триесетина години. Имајќи ја предвид самата концепција на тогашното претставување, во рамките на првата ретроспективна изложба останаа недопрени значајни позиции од нејзините архиви, кои се заветиле на времето на преобмислување. Архив II е и можност да се погледне „однадвор-внатре“, во смисла на деридијанското hors de soi en soi, отворајќи комуникација со чинителите на визуелниот дискурс и излагачките кластери на Вангели.

Архивата е привилегирана хетерогена збирка, онтолошки извор со генеричко значење, парадигматски и конкретен ентитет со инхерентно израмнувачка еквивалентност и потенцијална – протонадворешност. Задавајќи нови референцијални рамки и реконструкција врз нова, дијалектичка основа, Вангели покажува неисцрплив потенцијал за класифицирање и групирање, поврзување и раскажување, за ризомирање низ различните документарни и уредувачки поетики. Преиспишувањето во овој уметнички контекст се одвива по пат на архивско преисчитување – поврзување со искуството од минатото како припадност или од сегашноста како коприпадност. Контекстот на позиционирање на архивската граѓа се одвива по пат на нивоа, конституирани од мноштво записи релациски врзани за полиликовната синтагма – Архив II, 1985–2025: Епифанија како собирна поетика. Како резиме на творештвото од четири декади, проектот „Архив II, 1985–2025: Епифанија“ ги претставува ликовните настојувања во континуитет на креативниот процес, осветлувајќи ја естетската линија во поширокиот ликовно-естетски, културно-антрополошки и општествено-политички контекст – вели Натали Рајчиновска-Павлеска за опусот на Вангели.
Жанета Вангели е родена во Битола, Македонија, во 1963 година. Дипломирала на Државниот факултет за ликовни уметности – „Штеделшуле“ во Франкфурт/Мајна во 1988 година. До 2008 година работи како независна уметница. Од 2008 година работи како професорка на Катедрата за сликарство и трансмедиумски практики на Факултетот за ликовни уметности. Вангели е мултимедијална уметница што реализирала самостојни изложби во Скопје, Битола, Белград, Франкфурт/Мајна, Келн, Њујорк, Стокхолм, Аделаид и во Хангжу.