Изложбата „Сава Шумановиќ и европскиот реализам меѓу двете светски војни“, отворена на плоштадот „Галерија“, во рамките на манифестацијата „Нови Сад – европска престолнина на културата“, вклучува дела од неколку земји: Србија, Хрватска, Македонија и Франција. За првпат публиката имаше можност во живо, на три локации, да ги види делата како „Капачи“ од француските музеи „Хонофлер“ и „Ларошел“, „Турска бања“ од Националната галерија на Македонија, „Шидијанки“, „Пристаништен агент“ на Националната галерија на Музејот на модерна и современа уметност од Риека. Изложбата опфаќа најголем број дела од најзначајните српски слики што се изложени во Спомен-збирката на Павле Бељански, во галеријата „Матица српска“ и во галеријата на слики „Сава Шумановиќ“ во Шид.
– Ваквите претставувања отвораат врати за идни билатерални соработки помеѓу нашите земји. Особена чест и задоволство е за Националната галерија да биде дел од ваков исклучителен настан. Значењето на учеството е дотолку поголемо бидејќи ние како институција партиципиравме и овозможивме пред српската и пошироката публика за првпат да биде прикажана „Турската бања“, дело на Сава Шумановиќ од периодот меѓу двете светски војни (1926 г.), сопственост на Националната галерија. Уметничката критика ова дело го детерминира на самиот врв од неговиот опус, со карактеристичен поетски реализам и умерен колористички експресионизам – истакна директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими.
Стручниот тим на Националната галерија ова дело го категоризира како антологиско, спаѓа во категоријата културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење. Неговиот ран уметнички стил се карактеризира со влијанија главно од кубизмот, но исто така и фовизмот и експресионизмот. Во своите подоцнежни дела, Сава Шумановиќ успеал да развие свој доста оригинален уметнички израз. Поради иновациите и единствениот стил, Шумановиќ може да се опише како еден од најистакнатите српски сликари во 20 век, како и главен сликар од Кралството Југославија. Во текот на 1926-1927 година стилот на Шумановиќ станува помек, односно цврсто вајаните слично на скулптурални форми стануваат помеки, а во прв план продираат дотогаш непознатата сетилност, поезијата на боите и мазната атмосфера на Ориентот, поттикната, меѓу другото, и од личните дијалози со Матис.