Неодамна во издание на „Менора“ се појави новата книга на Ефтим Клетников, „Народ избран за спасение и одведен на кланица“. Тоа е по „Рана и јанѕа“ и „Македонскиот крик“, всушност третиот том од колумните на авторот објавувани за време од пет години во „Нова Македонија“, по што следуваше прекин од година и пол, за потоа пак да продолжи. На околу шестотини страници во книгата на Клетников, како и во неговите претходни две книги колумни, централна тема е судбината на Македонија и Македонците во рамките на западната цивилизација, која, за жал, отсекогаш, без прекин, некогаш помалку, а некогаш поинтензивно, ги ништела нив. Особено од 1913 година во минатото столетие сè до денес, кога цивилизацијата со седиште во Брисел и Вашингтон реши да го заврши нејзиниот смртоносен проект со идентитетски геноцид врз нив.
Клетников за сето ова говори од длабински историски, антрополошки и филозофски аспект, согледувајќи ја македонската судбина како архетип на судбината на малите и столчени народи управувани по своја желба и за свој профит од големите западни колонијалистички нации. Книгата има широк спектрален круг на судбини и трагични фрагменти, кои ја склопуваат големата слика на антрополошкиот песимизам на човекот во модерната западна цивилизација, која целосно ги изневери идеалите за кои се залагаа Француската револуција и француското просветителство, како модел на европската етика, ум и разум, а беа многу бргу изневерени од колонијалистичките апетити на цивилизацијата на Волтер и Шекспир. Македонија и Македонците со мартирската судбина во таа цивилизација се најубавата илустрација на отсуството на морална доблест, етика и божествен дух.