Кон „Столб што пее“ на Томислав Османли, Скопје: „ВиГ Зеница“, 2022 г.

Рецензија

„Светот и не прави ништо друго со еони, освен што непрекинато создава нови страдања.“Т. Османли, „Столб што пее“

Оваа поразителна вистина (земена како мото на овој текст), изјавена од страна на еден од плејадата ликови во најновиот роман на Томислав Османли – „Столб што пее“, се надоврзува на прочуеното циклично сфаќање на историјата на ирскиот поет и нобеловец В.Б. Јејтс, според кое, човечката цивилизација е еден непрекинат синџир од насилства, во смисла дека секое насилство раѓа ново насилство и сѐ така во недоглед. Таа приказна за омразите што трае со илјадници години, во романот на Османли ја актуализира оксфордскиот професор по класична археологија и уметност, сер Вилијам Мичел Ремзи (1851-1939), една реална, историска личност, преку клучното прашање: „Зошто народите имаат потреба да се истребуваат еден со друг?“ „Поради гневот“ – одговара тој во својот внатрешен монолог/дијалог, повикувајќи се на почетокот на Хомеровата „Илијада“. Во својата студија „Гнев и време“, германскиот филозоф Петер Слотердајк бара рехабилитација на гневот, првиот збор вграден во европското културно наследство (со кој започнува споменатата „Илијада“), како концепт што се врзува со концептот слобода. Парадоксот е повеќе од очигледен! Впрочем, парадоксот е одговорот на сите прашања што си ги поставува професорот Ремзи во романот на Османли, прашања „за чудните текови на историјата“, „за силата што уништува градови, цивилизации“ и „одредува судбини на поединци и на цели народи…“ Едно столетие подоцна (во 2021-2022 г.), до истиот парадоксален заклучок доаѓа еден друг лик во романот, младата Бет (Елизабет), сопругата на Марк, кој, за време на нивната заедничка посета на Националниот музеј во Копенхаген, на својот ајфон постојано добива известувања за трагедиите што се случуваат со бегалците.

На ум ѝ падна дека светот е поделен на два дела и дека овој дел од светот на кој му припаѓа Марк со својот ајфон 2021 на кој ја билда свесноста споделувајќи само текст и слика од драмите и трагедиите што се случуваат истиот момент, всушност ја смирува совеста, како впрочем и сите други, за трагедиите на светот од другата страна на рампата, седејќи безбедно во гледалиштето на новата реалност, пиејќи средноевропски пива (…), еспреса и мокачина по допадливо дизајнираните бистроа и кафетерии од средениот, мирен дел на светот, додека отспротива во крвавата арена се случува најпесимистичката, најмасовната и најтрагичната драма што било кога се одвивала во историјата…
„Османли ја обновува својата идеја за овој свет како стварност на парадокси – која толку впечатливо ја искажа и во својата наградена збирка раскази ‘Парадоксикон’ (2020) – како парадокси вгнездени во суштината на човекот. (…) И на цивилизацијата – суштински никогаш хуманизирана“ – истакнува Глигор Стојковски во минуциозниот и опсежен предговор кон романот „Столб што пее“. Стојковски, меѓу другото, го детектира и мошне комплексниот мозаик од приказни и ликови (се појавуваат дури и апостол Павле и неговиот придружник Лука), кои се испреплетуваат низ романот на Османли, како и сложениот хронотоп низ кој се движи нарацијата.
Мистеријата на времето и просторот или категоријата хронотоп претставува трајна опсесија на Османли. Дијалогот на хронотопите во наративот на неговиот најнов роман се остварува како дијалог помеѓу „малото и големото време“ (Бахтин), или времето човеково и времето историско, при што акцентот е ставен на индивидуалните човечки судбини и на драмата што се одвива во сенка на големите историски настани. Притоа, доаѓа до сетилно, хронотопско вкрстување на реалното „hic et nunc“ со историското „таму и некогаш.“ Така, на жртвите од Грчко-турската војна во 1920-тите години (во која учествуваат и француско-англиските и италијанските сојузници) се надоврзува украинската катастрофа од најново време, како и трагедијата од глобалната епидемија на ковид-19, а некогашната судбина на една грчка брачна двојка со две девојчиња, бегалци од Смирна, кореспондира со сириската драма на Харун и Захра цел век подоцна.

Современата бегалска криза е документирана со автентични твитови, фотографии и интернет-адреси, што ѝ дава доза веродостојност на фикцијата, покрај несомнената жанровска хибридизација, интертекстуалност (во романот се интерполирани и два цитата од Светото писмо, но и од други автори, дел од светското културно наследство, потем, филозофијата на Епикур, итн.), интердискурзивност и интермедијалност, како одлики на еден типично постмодернистички роман. Авторот не останува имун ниту на најсовремените дигитални техники, па во романот вклучува и четири музички кју-ар кодови што се симнуваат преку мобилен телефон и на тој начин се постигнува интеракција со читателската публика.
Динамичната монтажна структура, хронотопичноста, мозаичната нарација, како и богатата палета од реални и фиктивни ликови (припадници на различни епохи, народи и религии), на крајот од романот, мошне успешно се вмрежуваат („Светот е мал и испреплетен, нели?“ – вели еден од ликовите во романот; оттаму и насловот на овој текст) преку носечката насловна синтагма – столбот што пее. Тоа е едно парче мермер, една мала стилеја, всушност, надгробен споменик на старогрчкиот мелопоет Сејкилос (1-2 век н.е.), роден во Трајлес (Мала Азија), на кој се врежани најстарите зачувани стихови и мелодија, како сведоштво за уметноста, за убавината и за смислата на постоењето, а во кои можат да уживаат и читателите на романот преку приложениот кју-ар код и адресата на Јутјуб. „Тоа не е само негов епитаф, туку е пред сѐ човекољубив тестамент, филозофска порака што сака да ги ослободи живите од најголемото стравување, стравот од смртта; таа е утешна песна и глас од дамнини што го поттикнува и го бодри потомството да истрајува низ животот, што е огромен дар. Тоа потомство, тоа сме ние. Сите ние!“ Ова толкување на професорот сер Вилијам Ремзи, во симбиоза со неговиот став за времето што, иако повторливо, сепак, „не е празно траење“, го нуди како излез и самиот автор Томислав Османли во финалето на својот роман „Столб што пее“: „Еден подобар, поспокоен, мирен свет, понекојпат е можен. И покрај сѐ.“

Лидија Капушевска-Дракулевска