„Света саможртва за Mакедонија“ – нов драмски текст на Зоран Пејковски

По повод 120-годишнината од смртта на големиот македонски револуционер и војвода Христо Узунов, годинава од печат излезе драмскиот текст „Света саможртва за Македонија“ на Зоран Пејковски, трагедија во 18 сцени со пролог и епилог во која преку брзи и динамични сцени се отсликува краткиот живот на револуционерот и војвода Христо Узунов, кој напуштајќи го земскиот свет, станува не само херој туку и светител на македонското револуционерно движење и на македонската револуционерна борба. Рецензенти се Димитар Пандев, Наташа Котлар-Трајкова и Катерина Момева, издавач е „ПНВ-публикации“.
– Историографијата ќе забележи дека тој како прв човек на востаничкото раководство на охридскиот реон, а потоа и на битолскиот, чувствувал голема грижа за сите Македонци што останале доследни на заветот и каузата за Македонија…., станува еден од столбовите на македонското револуционерно движење. Задоен со чист македонизам и патриотизам нему не му останува ништо друго, освен светата саможртва за Македонија… Тој докажува и пред себе, но и пред македонскиот народ дека и светоста ја заслужува со достојност и почит. Неговите мигови на безизлез докажуваат дека тој не бил кукавица, туку борец за правдољубие и чест, така што и кога било најтешко, тој заедно делејќи ја болката со Македонците останува со својот народ, давајќи им безусловна љубов, и на Македонија и на Македонците, борејќи се пред сè за нив како силен показател дека ослободувањето на Македонија мора да се движи во континуитет. Христо Узунов, будејќи им го чувството на восклик на умот и желбата за самостојна Македонија, ни покажува дека треба како вистински фанатици да се посветиме кон македонската револуционерна борба, покажувајќи и докажувајќи ни дека за секој од нас Македонија треба да биде една и единствена кауза. Делата за Македонија треба да се продолжат – пишува авторот Зоран Пејковски. С.Ј.