Уште од времето кога се појави филмот „Париз, Тексас“ (1984) речиси се знаеше дека ќе го добие епитетот култен филм. Вим Вендерс е роден во Диселдорф (1946), средното образование го завршува во Оберхаузен, а на „експерименталните“ студии по медицина не се задржува повеќе од една година. Импулс на среќа за кратко пронаоѓа на Филозофскиот факултет во Дизелдорф, сметајќи дека ќе може да ги разбере толкувањата на загадочниот Аристотел, но и францускиот метафизички егзистенцијалист Сартр, а можеби да го разоткрие мистичниот свет на елегичниот Кјеркегор; оваа замисла не дава плод, па затоа заминува за Париз каде што неговите разнишани соништа се топат кога не успева да се запише на факултет.
Шетајќи како последен десперадос низ париските булевари ја здогледува Кинотеката, која му разоткрива нови хоризонти на оптимизам и му влева енергија во неговиот либерален дух; неретко гледа по седум филма дневно и така започнува Вендерсовата љубовна одисеја со филмот. Денес е почесен професор на Факултетот во Сорбона, на филмскиот отсек со докторска титула (потписникот на овие редови своевремено имаше можност да присуствува на неговиот мастерклас на Филмскиот фестивал во Солун), кој ја воодушеви публиката не само со неговата харизматична природа на вистински ерудит, но и несебичните одговори на поставените прашања каде што ги освои симпатиите со својот препознатлив хумор.
Дека недостигаат филмови во кои царуваат добрината на човечкото срце и големите подвизи кога треба да се спасуваат луѓето што ги сакаме, најдобро ќе се увериме во љубовната мелодрама „Париз, Тексас“.
Филмот започнува со сцената кога пред нас се појавува осамен човек во пустина во близината на мексиканско-американската граница како грешно библиско суштество што се откажало од светот, со голема брада, фармерки, бејзбол-капа и аветистички очи, кои како да изнурнале од Бројгеловите слики. Ликот на Тревис го толкува Хери Ден Стентон, едно од оние актерски имиња што без некоја особена причина е потценето од холивудската машинерија, па ако сакате дури и ако се соберат повеќе реномирани актерски имиња би можеле да му позавидат за неговиот вроден талент. Братот на Тревис, Волт, го толкува Дин Стоквел, кој со својата сопруга го има посвоено внукот Хантер живеејќи во илузијата дека му се биолошки родители. По неколку неуспешни обиди Тревис конечно го наговара својот син Хантер да ја пронајдат мајката Џејн (Настасија Кински), која секој месец доставува пари до банката за Хантер, а работи во пип-шоу. При првиот обид кога Tревис се обидува да воспостави контакт со Џејн на работното место, грубо е отфрлен од еден од сопствениците (го толкува легендата на њујоршката џез-сцена, Џон Лури, саксофонски виртуоз). Во следниот обид вооружен со (по)голема самодоверба успева да стапи во контакт со Џејн и да ја прераскаже нивната бродоломна љубовна приказна во улога на совршен оратор, а кога започнуваат да се разлеваат првите солзи низ лицето, во музичка заднина одат акордите на мелодичниот Реј Кудер. Крупниот план доаѓа до израз низ камерата на волшебното око на Роби Милер, зумирајќи го кревкото лице, но и загриженоста за нивните судбини. Тревис е во дилема дали повторно да се обединат сите тројца како некогаш во едни поубави времиња, но се чини чувствува дека нема сила за слични авантуристички походи како во минатото и одлучува само Хантер да го зближи со Џејн, а тој стоички ги посматра од подножјето на хотелот. Од тука сведок е на возобновената искра меѓу мајката и синот, а нему не му преостанува ништо друго, туку како осамен ангел да го продолжи своето патешествие низ булеварите на загадочните американски метрополи.