Во Театарот за деца и младинци работам веќе десет години. Уште пред да се вработам, а и до ден-денес сметам дека тоа е една од најздравите работни средини и еден од ретките театри во кои буквално цел ансамбл работи, вели актерката Наташа Петровиќ
Наташа Петровиќ, актерка
Актерката Наташа Петровиќ веќе десет години е дел од Театарот за деца и младинци, дел е од здружението за културни активности „Артопија“, ја играше главната улога во филмот „Хомо“ на режисерот Игор Иванов, глумеше во „Сенки“ на Манчевски и во „До балчак“ на Столе Попов, како и во „Синиот час“, „Соба со пијано“, германскиот филм „Еликсир“, потоа во „Лазар“, турскиот „Тајни од минатото“… Пошироката јавност, пак, ја запозна по улогата на козметичарката Натали во телевизиската серија „Преспав“.
Наташа беше вброена меѓу 10-те најдобри млади филмски таленти на Европа, кои беа претставени на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин. Првата главна улога ја толкуваше во 2010 година, во филмот „Како да ме нема“, во улогата на Босанката Самира, во филмот на Хуанита Вилсон. Филм со кој е добитничка на наградата за најдобра актерка на Меѓународниот филмски фестивал во Сиетл, номинирана за најдобра интернационална актерка на Ирскиот филмски фестивал и за најдобро актерско остварување за жени на Миланскиот интернационален филмски фестивал. Петровиќ ја освои наградата за најдобра споредна улога на „Мостар филм фестивал“ за улогата во филмот „Лазар“, во режија на Светозар Ристовски. Важи за една од најангажираните глумици кај нас.
Актуелноста на филмот „Хомо“ не престанува, сѐ уште освојува награди и признанија. Со што ве збогати овој филм на личен план како актерка?
– „Хомо“ е филм за човекот, поточно за преиспитувањето на примарните човечки вредности и освестување на човековата деструктивна моќ, која полека ги уништува него и општеството во кое живее. Филмот следи шест животни приказни на обични луѓе, кои се соочуваат со егзистенционални проблеми како резултат на изместени вредности во едно општество како нашето. Она со што се збогатив во овој процес е разбирање и огромна доза сочувство за одредени профили на луѓе. Маката може да го натера и принуди човекот да заборави на себеси и по секој цена да најде решение за проблемите со кои се соочува.
Како членка на основачкиот тим на „Артопија“, за што се залагате со овој независен театар?
– „Артопија“ се создаде како крик поттикнат од потребата за слободно изразување и творење, а наедно и од потребата да се врати силата на театарскиот израз за поттикнување промени или во најмала рака освестување за проблемите со кои се соочуваме, пред сѐ, за нас како актери во ова наше општество, но истовремено рефлектирајќи се и на другите професии воопшто. Секое здружување од ваков вид, пред сѐ, може да се каже дека е поттикнато од нашите заемни потреби да создаваме, да се надградуваме и да играме. Во „Артопија“ сѐ што создаваме и работиме е со многу љубов и емоции и токму тоа е она што го препознава нашата публика, искреноста во изразот и автентичноста. Сметам дека токму тоа е она со што ја дополнуваме театарската сцена.
Ве вбројуваат меѓу најангажираните македонски актерки. Се доживувате ли така и што ги поттикнува таа ваша сестраност и хиперпродуктивност?
– Не би било фер да кажам дека се доживувам како неангажиран актер, бидејќи работам во континуитет повеќе од десет години, но сепак, мојата хиперпродуктивност, како што ја нарекувате, морам да кажам дека не е задоволена и постојано чувствувам дека можам повеќе и сакам повеќе. За мене во тоа се состои суштината на нашето постоење. Животот е премногу краток и треба секој миг да се искористи за нови и возбудливи предизвици, за нурнување во нови непознати светови и откривање на комплексноста и убавините што тие ги носат. Во секој од нас постои уште понекој скриен талент, тоа е она што ме возбудува, сакам да го откривам секојдневно.
Матична куќа ви е Театарот за деца и младинци, па како профилот на овој младински театар се вклопи во вашиот?
– Во Театарот за деца и младинци работам веќе десет години. Уште пред да се вработам, а и до ден-денес сметам дека тоа е една од најздравите работни средини и еден од ретките театри во кои буквално цел ансамбл работи. Јас, како што веќе споменав, не сум од оној профил луѓе – клати врата земај плата, јас сакам да работам и овде работиме. Театарот за деца и младинци на својата публика ѝ нуди три сцени, претстави за деца, претстави за младинци и куклени претстави. Но како и секоја државна институција, па така и оваа има свои недостатоци. Сѐ што ми недостига во овој театар го компензирам со работата во „Артопија“.
Вашето портфолио е солидно пополнето со претстави и филмови, соработки со врвни режисери, актери… Кој лик ве позиционираше во славната актерска фела?
– Мислам дека улогата на Самира во филмот „Како да ме нема“ изврши најголемо влијание врз мојата кариера. Поточно успехот на самиот филм, како и признанијата и наградите што ми ги донесе, придонесоа за моја афирмација како кај нас така и на европската филмска сцена.
Кој е најкомплексниот лик што сте го одиграле?
– Секој лик има свој комплексен свет што треба да го откриеш за да можеш да влезеш во него и да почнете заедно да го живеете, така што не би можела да одберам само еден лик како најкомплексен.
Улога што си ја посакувате?
– Не постои една конкретна улога што си ја посакувам, си посакувам многу улоги и проекти бидејќи сѐ уште сметам дека не сум одиграла ни приближно доволно улоги, ниту пак можам да се пофалам со широка палета жанрови низ кои сум поминала.
Какви филмови претпочитате за своја душа?
– Драми, понекогаш и научна фантастика, но во последнава година, покрај пандемијава, изгледав широк спектар серии на Нетфликс.
Сонувањето не може никој да ни го цензурира, за каков свет сонувате?
– Сонувам за свет создаден од детска фантазија каде што секој со секого е пријател, каде што луѓето се почитуваат и си помагаат. Свет без болка. Свет во кој има место секој да се изрази и да создава. Свет со многу љубов и пријателства, свет во кој никој не се чувствува осамено и секој има рамо на кое може да се потпре. Свет во кој сите сме еднакви и сонцето има очи и широка насмевка, облаците се од шеќерна волна, а дождот е повод да се танцува на улица и весело да се скока во вирчињата што ги создава.
Во што ја вложувате својата енергија периодов?
– Морам да признаам дека годинава почна некако со побавно темпо одошто очекував. Имам неколку приватни проекти што ги развивам и работам на нив веќе подолго време и се надевам дека ќе ги финализирам годинава. Го вративме репертоарот на „Артопија“ на сцена и полека се подготвуваме за реализација на активностите што ги планиравме за годинава.