Кон претставата „Фирма“ по текст на Роланд Шимелфениг, во режија на Нела Витошевиќ, а во продукција на Драмскиот театар од Скопје. Главни улоги: Ирена Ристиќ, Филип Трајковиќ, Сања Арсовска, Стефан Вујисиќ, Игор Ангелов, Ивана Павлаковиќ

Рецензија

Колку можеме да останеме интактни во деловните односи и дали лажејќи ги партнерите, всушност се лажеме себеси? „Пуш ап 1-3“, драмскиот текст на еден од најголемите германски драматичари Роланд Шимелфениг, кој режисерката Нела Витошевиќ го преименува во „Фирма“, говори за деструкцијата на либералниот капитализам каде што успешноста е слатко задоволство, кое е во исто време и смртоносно.
Остар во репликите и извонредно концизен, Шимелфениг, драматичар што низ своите драми континуирано бара нови сценски изрази, создава дело што е дијалошки фуриозно, а значенски многу длабоко. Кондензатот на осаменоста, кој во својот систем го носи тој либерален капитализам, е нужна темпирана бомба чија имплозија се случува во еден многу чест репетиториум така што сите ликови од оваа пиеса: Анџелика, Сабине, Роберт, Патриција, Ханс и Френк, влегуваат во еден имагинариум, кој, се чини дека нивните неисполнети желби го прават единствен хабитат каде што виреат. Она што е најинтересно во концептот на Нела Витошевиќ е базичната затвореност на сите ликови токму во еден заеднички простор за нив, па така, во таа клаустрофобичност што ја намекнува оваа талентирана режисерка се откриваат вистинските аспекти на трката низ деловните струи.
Базичниот елитизам во оваа рамка на режисерското гледање создава една отуѓеност низ која актерскиот сензибилитет најдобро може да го сублимира и да го формира ликот што го толкува. Но во целата оваа игра има и една многу продуктивна компактност на која инсистира и Шимелфениг, иако се чини дека драматургијата на неговиот текст е доста дисперзирана. Имено, дијалозите што тој ги распрснува имаат еден заеднички именител, а тоа е стигмата. Но мазохизмот што го нуди новото време на подавалник, „сè“ е идентично на „ништо“. И драматиката и режијата во оваа претстава се одлучуваат за сурова и беспоштедна борба со западната идеологија во која Логан Рој од серијата „Наследување“ вели дека „Умните луѓе самите знаат што се“. Превртената ракавица на времето во кое богатството веќе не е среќа, туку е плод на подметнување и измама, всушност е колапсот на духот пред маркантилијанството.

Во тоа слатко заложништво каде што суицидот е дел од стратегијата, актерската енергија е повторно она што го држи овој театарски чин компактен докрај. Врамени во тенискиот (или можеби асоцијатно „сквош“) полигон, сите овие „деловно отуѓени“ единки стануваат затвореници на катранот на дваесет и првиот век. Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов, Стефан Вујисиќ во сите свои релации наметнуваат органика со исклучително прецизни говорни експресии и сјајна внатрешна динамика. Нивната актерска церебралност на овој со текст доста сиромашен, но со значење богат текст на Шимелфениг е во совршена релација со секој од нас во публиката додека ги гледаме низ мрежата како го голтаат слаткиот прелив на горчливото заложништво до далечниот успех, кој сè повеќе станува невидлив, а животните текови и сокови се релативизираат до крајно бледило. Компактноста на нивната експресија ја отвора и длабочината на режисерскиот концепт, но ни ја појаснува и пораката што заедно со застрашувачкиот дијалошки немир на драматургот е вознемирувачка до тремор.

Оваа претстава потсетува на еден конгломерат од американски филмови што се занимаваат со погубноста од бескрајот на профитот, во чии дамари всушност се кријат и хипокризијата, која се прелева и во интимниот живот, безочноста и суровоста за која свесноста речиси да ја нема и целиот тој бран останува како конгломерат од едно цивилизациско искуство, кое, за жал, човекот воопшто не го сфатил, или подобро, одбил да го сфати. Игнорантноста е двојната врата на мазохизмот кога сме веќе кај интерпретацијата на тој либерален капитализам и сивилото на кое инсистира оваа претстава е токму таа орвеловска нишка што сега, во овие околности, веќе станува симплифицирана, затоа што автократијата што ќе се изроди понатаму ќе биде пософистицирана и докрај поддржана од овој вид капиталистички констелации.

Во „Фирма“ еден од најважните аспекти е визуелниот аспект, кој низ сценографијата на Константин Трпеноски, која симболизира полигон за тенис, и костимографијата на Розе Трајческа Ристевска, која претставува деловна облека и импонира со својата едноличност, ни предочува опкружување со тензичност чиј апостроф е во недоразбирањето и дистанцата. Токму низ оваа симболика „Фирма“ изгледа морничаво, а филозофијата на нејзините сцени е цврсто завиена во финансискиот хедонизам, кој како магла ја обвива целата цивилизација. Кратка, но импактна, оваа претстава предупредува на нежната катаклизма што полека ќе го разјадува духот на единственото свесно животно на планетава – човекот.