Следната книга на Владова „Воден знак“ (1990), веројатно, созревала подолго време, па така во неа е видлив своевидниот меланж, соочување со претходни и сегашни текстови низ меѓусебно препознавање и допишување, што го нагласува и Миодраг Друговац: „Идеалот е остварување на Текст како чист изблик на Зборовна Прозрачност“. Оваа суптилна интенција на раскажувачката постапка кај Владова се открива и во книгата проза за деца „Измислување на светот или Ликијада“, создавана во исто време со „Воден знак“. И тука се присутни разложувањето, фрагментацијата, како и поетизацијата на раскажувањето, па иако книгата се определува како роман, таа е, всушност, „нижење на раскази-единки“, како што забележува Оливера Марковиќ во текстот „Под свилените трепки на љубовта“.
И структурата на „Воден знак“ сугерира дека книгата е градена осмислено и грижливо. Додека „Скарбо“, и покрај формалните иновации, е пред сѐ збирка раскази, „Воден знак“ е најблиску до добро вкомпонирано собиралиште на фрагменти – од дневник, од сон, од миговен дијалог со себеси… – ненасловените фрагменти се печатени со бели букви на црна подлога, оние пак со наслови, најчесто еднообразни или двообразни, како „вообичаени“ печатени, именувани белешки. Со тоа, од една страна, како да се потенцира осмозниот принцип во поврзувањето на текстовите (видлив и од трите точки со кои завршуваат „црните“ страници), а од друга, привидната целост уште повеќе да се дели, да се деструктуира во исечоци што во меѓусебните белини, паузи, ја наоѓаат смислата на отсутното, прескокнатото, претчувствуваното.
Во почетниот, ненасловен фрагмент повторно се спомнува Алојзиус Бертран („се насмевнува скептичен и за сопственото дело“). Поетизацијата на прозните контемплации е присутна и во оваа книга на Владова (три фрагменти: „Како сонува Марушка“, „Темна улица“ и „Ваза“ се лирски коментари, дополнувања на истоимените, во раната младост напишани песни). Венеријанската приврзаност кон малите нешта – предмети, глетки, „утехата на зборовите“, „скришните солзи“… – се вообличува во „Воден знак“ со понаметлива сентименталност отколку во „Скарбо“, со изразит копнеж срчата од мигови-одблесоци да се спои и меѓусебно срасне во флуидно, мозаично, но непрекинливо постоење. Констатацијата на Шелева го зачнува токму тој квалитет: „Оттаму интерпретацијата на приказната како Желба кон другиот, во случајот на Владова се покажува точна: бидејќи нараторката со своите приказни ги повикува другите, кои поради типичниот (машки) немир за самопотврда – исчезнале во Заборав, Небитие, Смрт, додека таа, со нарцистичка (женска) самодоволност останала на истото, едно место“.
Опсесивното истражување на детството кај Владова, постојаната блискост и неодгатливост на Куќата и на Дворот со големото Дрво, затскриени во мистериозните лавиринти на Бит-пазар и на сеќавањето, ја реконструираат сетилноста (допир, предмети, дом, отфрленост, чудо) едновремено инспирирајќи ја потрагата по текстуалните можности. Тогаш, овој тип поетска проза би можел да се нарече и поетичка: изразитата свест за текстот поттикнува (слично како кај Дурацовски, иако во поинаква специфична изведба) авторката на „Воден знак“ од наратор што ја бележи или ја гради приказната да се преобразува во коментатор, кој ја чита или ја препрочитува веќе кажаната приказна. Дали се тоа маргиналии на работ на текстот, белешки, писменца… или пак почеток на една нова, заедничка книга со Другиот е веќе дилема од вредносна природа, што Јадранка Владова ја прифаќа со ризикот и со занесот на секој вистински истражувач во писмото што како да ја потврдува провокативноста на прашањето што англискиот есеист Томас Карлајл го поставил пред повеќе од еден век: „А што ако таканаречениот факт не е поточен од фикцијата?“
Есеите за Михајловски, Владова и Дурацовски, пишувани пред триесетина години, што ги преобјавувам со мали измени, беа поттикнати од првите книги раскази на авторите, кои, во осумдесеттите години на минатиот век, внесоа нов дух и свежост во македонската проза. Ме радува што бев дел од тоа важно движење во еволуцијата на нашата прозна книжевност, кога со Бети, Јадранка, Димче, Христо, Јордан, Драги го промовиравме нашиот раскажувачки исчекор во голем број бившојугословенски и македонски списанија, со аргументирани полемики и сроден ентузијазам. Бевме разнолико друштво, немирни, занесени и заемно охрабрувачки.
Интересно е дека мојата посвета пред неколкуте есеи – „на герилците од Петтиот круг, некогашни во дружењето, најприсутни во книгите“ – сведочи дека тогаш, на почетокот на деведесеттите, претходниот период на интензивно заедничко „дејствување“ на некој начин беше завршен, но затоа, во однос на книжевните вредности на оваа група раскажувачи почнаа поопстојни согледувања, иако афирмативната поткрепа се даваше одделно, во согласност со критичкиот афинитет на оценувачот (што е, во критериумска смисла, добар знак во создавањето критичка свест за индивидуалните поетички позиции и доблести).
Би истакнал уште една заедничка авторска предност, за која тогаш пишував, а сега би сакал повторно да ја потенцирам. И Владова, и Михајловски, и Дурацовски имаа богати домашни библиотеки и лектирни искуства. Многубројните книги што ги читаа, ги засакуваа, се удомуваа во нивниот сопствен авторски свет и таму не само што ги сублимираа, ги зајакнуваа нивните артистички способности и ракувањето со нив туку и ги насочуваа кон самоистражувања во градење на нивните сопствени поетики.
Затоа, убеден сум, останува потребата, неопходноста за преиздавање на овие книги, денес реткост во приватните библиотеки, чии првични објави беа во издавачки куќи што веќе не постојат. Инспиративен беше повикот на уредничката на „Арс ламина“, Оливера Ќорвезировска, за разговор организиран токму околу темата за реиздавање вредни дела, како „Ѓон“ и „Скарбо“, објавени пред триесет, четириесет години, што се одржа во рамките на неодамнешниот Саем на книгата. За среќа, благодарение на иницијатива на книгоиздателството „Темплум“, беа повторно објавени собраните дела на Дурацовски. Јадранка и Драги, пак, тие прекрасни автори и луѓе остануваат видливи во нашите спомени, но нивните книги се и можат да бидат силно присутни во македонската литература. Само да се преиздадат!