Во рамките на Европските денови на културното наследство, вечерва, во 19 часот, во Спомен-костурницата во Велес, ќе биде изложена видеоинсталацијата „Синергија во времето“ на уметникот Страхил Петровски. Куратор на изложбата е Златко Теодосиевски, историчар на уметноста.
Според Теодосиевски, креативноста на Петровски секогаш предизвикува рој мултиплицирани значења, впечатливи асоцијации, провокативни предизвици, често дилеми, неговите „брзини“ на мислата се непредвидливи, не секогаш докрај дофатливи, а резултатот умее напати да биде херметичен.
– Човек треба да умее да се снајде во неговата уметност. Дури и во „едноставноста“ на неговото сликарство, „акцијата“ некогаш ве зашеметува, ве остава без здив. Но тоа е суштината на уметноста, нели – вели Теодосиевски.
Според него, најновата видеоинсталација е зашеметувачки визуелен „кружен тек“ во(н) времето и просторот, каде што не знаете дали сте вие во центарот на движењето или, пак, движењето иницирано од уметникот едноставно ве зграпчило и ве врти центрифугално и центрипетално низ својата патека, циклично забрзува и забавува оставајќи ви дел од секундата да се ориентирате и видите дел од опкружувањето, за веднаш потоа повторно да ве фрли во нова рунда вртежи.
– Страхил, очигледно, молскавично се движи низ времето, минато и сегашно, ги собира во лет импресиите од своите „патувања“ и ги складира во свеста, или потсвеста, да му бидат при рака кога ќе му затребаат. Ако останеме настрана, ако не го следиме – загубата е наша, ускратени сме од едно несекојдневно доживување на интерполација на едно уметничко дело, ова на Страхил, во друго уметничко дело, она на Суботин, Денковиќ и Мазев, наречено Спомен-костурница во Велес – вели Теодосиевски.
Европските денови на културното наследство низ цела Европа фрлаат светлина на одржливото наследство. Се очекува сеевропската тема „Одржливо наследство“ да поттикне анализи и иновативни процеси на вреднување на различностите, како и стремеж за добросостојба на заедниците, на патот кон одржлив развој. Повеќе од 50.000 настани што ќе се реализираат годинава низ целиот континент имаат цел да ја препознаат вредноста на заедничкото европско наследство и потребата тоа да се зачува за денешните и идните генерации. Во рамките на манифестацијата ќе бидат организирани изложби, работилници, перформанси, едукативни активности и организирани посети со водичи, со учество на триесетина музеи, граѓански здруженија, училишта и други институции од четиринаесет града и села во нашата држава.