Јас и сега, иако слеп, творам. Диктирам, а ќерка ми Солзица ги запишува моите нови сатирично-хумористични стихувани форми, како и хаику-поезијата. Ги објавив и моите хаику-збирки „Хаику харикири“ и „Хаику исчашености“. Продолжувам да творам, но не се надевам дека ќе го дочекам објавувањето на новите дела, вели Георги Сталев

ГЕОРГИ СТАЛЕВ ПОПОВСКИ (92), УНИВЕРЗИТЕТСКИ ПРОФЕСОР, ПИСАТЕЛ И ПРЕВЕДУВАЧ

Долгоочекуваната и планирана средба со Георги Сталев Поповски, познат македонски писател, преведувач и универзитетски професор, конечно се оствари. По неколкучасовната средба, полна со спомени и емоции, едвај се разделувам со него и со неговото семејство. Си ветуваме повторна средба. Од тука натаму не сум при себе. Уште сум во височините на кои ме однесе разговорот со големиот Георги Сталев Поповски.

Автор сте на еден богат творечки опус во областа на литературата. Што значат за вас процесот и поривот да се создаде една песна?
– Фактот што меѓу мојата прва песна напишана во гимназиските клупи и мојата втора песна помина период од десет години, значи дека многу долго чекав тој порив да дојде. А повторно се решив да пишувам поезија за да променам нешто во тоа мое творење, не да го дополнувам со некое осмислување туку да дофатам нешто друго, заради самиот себе. Песните, отчукани на машина, долго стоеја необјавени во мојата торба. Но еден колега, на еден издавач му предложил мојата прва стихозбирка „Гороломникот пред мојот крст“ да излезе како десетта книга во неговата едиција. И така се случи.

Дебитирате со роман, продолжувате со стихозбирка, следуваат роман за деца и млади, драми во стихови, поеми, а во вашиот најнов творечки опус имате хаику и цртички. Од толку жанровски различен опус, каде се пронаоѓате најмногу?
– Во сите. Затоа што во сите тие жанрови има по нешто мое, мое искуство, доживеано, преживеано, среќно или несреќно. А зошто не продолжував во еден жанр? Затоа што се обидував, почнував и завршував. И сметав дека тоа е доволно. Не заради публиката, туку лично заради себе сакам да творам во различни жанрови.

Сепак, покрај литературната и образовната дејност, книжевната и пошироката јавност најмногу ве знае, цени и ве слави како исклучителен преведувач, односно препејувач на импозантен број литературни дела. Зошто избравте препејување, а не преведување?

– Прво да ви кажам еден куриозитет… Јас сум примен во Друштвото на писателите на Македонија поради мојот препев на романот во стихови „Евгениј Онегин“ од А.С. Пушкин. Уште пред да биде објавен препевот, Блаже Конески и Гане Тодоровски го рецензирале и ме предложија за член на друштвото. Така, на првиот пролетен избор бев примен како единствен нов член, а есента истата 1956 година член на ДПМ стана Матеја Матевски. Препејувањето поезија ми се виде многу поинтересно. Преведов само едно прозно дело и потоа сфатив дека многу е полесно да се преведува проза отколку поезија, па затоа за мене предизвик беше поезијата. Постоеше став дека јамбот во македонската поезија не постои. Но јас до толку го совладав што можам да зборувам во јамб. Дури тоа еднаш и јавно го презентирав пред публика.

Како се случи да го препеете „Сердарот“ на Григор Прличев, од грчки на македонски јазик, па со тој потфат да си обезбедите еминентна позиција во преведувачката фела?
– И тоа беше сосема случајно, ако воопшто постојат случајности. Во декември 1953 година, јас се подготвував за дипломскиот испит. Препрочитувајќи го прозниот превод на „Сердарот“ направен од Крум Тошев мравки ме полазија од возбуда. Го замолив татко ми Стале Попов, кој знаеше грчки, да се обидеме заеднички да направиме препев. Татко ми ме поддржа. Оригиналниот ракопис на грчки знаев дека постои во фиоките со стари книги на тогаш Филозофскиот, а денес Филолошки факултет. Отидов кај мојот професор д-р Харалампие Поленаковиќ, му кажав за идејата и го замолив да ми го даде оригиналниот ракопис. Иако со доза недоверба во мојата идеја, ми го даде материјалот и ме замоли многу да го чувам дадениот единствен примерок од библиотеката. Татко ми од оригиналот од грчки повторно направи прозен превод, јас направив споредба и ги најдов разликите меѓу неговиот и преводот на Крум Тошев и за неполн месец мојот препев беше завршен. Си го носев отчукан на машина во мојата чанта, која мајка ми ми ја купи кога тргнав во прво одделение, а јас со истата таа завршив факултет. На скалите на Филозофскиот факултет ме сретна професорот Блаже Конески и ми кажа дека знае оти работам на препевот. Му кажав дека е готов и му го подадов. Тој прочита неколку строфи и веднаш ме упати кон издателството „Кочо Рацин“, со цел препевот да му го предадам на уредникот Тодор Димитровски, а тој, пак, да го вклучи во збирката посветена на шеесетгодишнината од смртта на Григор Прличев. За рекордно краток период излезе тој препев и веднаш „Сердарот“ на македонски јазик се рецитираше насекаде низ Македонија.

Во вашата препејувачка дејност, особено сте наклонети кон руската литература. Тоа го потврди и медалот од фондот „Лермонтов“, што на некој начин е круна и признание на вашиот влог во препејувањето на руската литература на македонски.
– На факултетот имавме група за славистика каде што главни предмети беа рускиот јазик и руската литература. Јас, иако од друга катедра, бев чест гостин на предавањата од професорката Серафима Пољанец, која предавањата ги држеше рецитирајќи наизуст поезија и делови од прозата на руските поети и писатели. Тоа ме воодушеви. Пројавив интерес за нејзините часови и се јавував за дискусија, а таа не ни знаеше дека не сум нејзин студент. Се свртев кон Пушкин. Препејував за себе, без никаква намера тоа да биде објавено. Во време кога го правев мојот единствен прозен превод на „Спроти новите дни“ од Тургењев, некој од лекторите во издателствата слушнал дека го препејувам Пушкина, ги виде моите препеви и ми укажа на одредени пропусти во врска со закономерноста што ја бараат стиховите на Пушкин. Ги извршив корекциите, препевот на изборот од творештвото на Пушкин го предадов за печат и тој беше прифатен. А потоа, служејќи го воениот рок, додека сите учеа лекции од воената школа, јас ги препејував стиховите од Евгениј Онегин.

Награда или казна во вашиот живот и кариера е да се биде син на Стале Попов?
– Татко ми со литература почна посериозно да се занимава дури по својата четириесетта година. Јас сум прв читател на неговиот „Крпен живот“ уште додека беше во ракопис. Но популарноста на неговото дело не беше причина јас да се занимавам со литература. Сепак, јас, пред тоа веќе почнав да пишувам поезија. Еден критичар пишува дека едвај сум се извлекол од сенката на татко ми со појавата на мојата драма во стихови „Болен Дојчин“. На некој начин, тоа е и вистина. Јас бев прифатен како добар препејувач, но не и како автор. Некои критичари ја критикуваа мојата прва поетска книга дури и пред да ја прочитаат.

Постои ли рецепт за квалитет и континуитет на литературната сцена?
– Нема рецепт. Јас и сега, иако слеп, творам. Јас диктирам, а ќерка ми ми ги запишува моите нови сатирично-хумористични стихувани форми, како и хаику-поезијата. Ги објавив и моите хаику-збирки „Хаику харикири“ и „Хаику исчашености“. Сега продолжувам да творам, но не се надевам дека ќе стигнам да ги видам објавени… Тука ќе ја спомнам и мојата збирка раскази „Рапсодија во сиво“ пандан на композицијата на Гершвин „Рапсодија во сино“. Во таа збирка има 31 расказ и ниту еден глагол, за секоја буква еден наслов. На пример, во расказот за буквата А пишувам за турската пушка „абердарка“. Пушка што со испукувањето ја носела веста за извршената воена задача.

Кој е вашиот најголем успех, а кој најголем неуспех?
– Во мојот живот доживеав многу триумфи и многу падови. За нешто бев награден, за нешто бев казнет. На пример, за мојот краток роман „Смев на крвта“ излегоа, верувале или не, четиринаесет книжевни критики. Од нив, седум беа целосно позитивни, а седум целосно негативни. Во една од позитивните критики стои „се роди ново големо перо“. Јас ја прифатив лошата критика и долго време не напишав роман. Сепак, мојата најголема трагедија во животот е загубата на син ми.

На што сте особено горди?
– Во однос на придонесот кон македонската култура, многу ми е драго што за време на мојот мандат како министер за култура од 1978 до 1982 се изградија центрите за култура во Прилеп, Битола, Штип и во Македонски Брод.

Припаѓате на редот на оние доследни и монашки верни посветеници на книжевноста. Какви насоки би им дале на денешните млади творци?
– Би ги поздравил сите млади што творат во областа на литературата и не само оние што успеале туку и оние што се обидуваат да успеат, да продолжат да творат, не за слава, туку да работат за македонското дело. Еве, гледаме дека сме во постојана опасност да нѐ ликвидираат како нација. Нека бидат упорни, нека го чуваат и нека го претставуваат македонскиот јазик низ своите дела, а така ќе се презентираат и самите. Да не творат за награди и за слава. Наградите доаѓаат сами од себе.