Мастерклас со режисерката Мила Турајлиќ на „Македокс“

Големо финале на викенд-програмата на 14. фестивал на креативен документарен филм „Македокс“, на 20 август се одржаа мастеркласот со режисерката Мила Турајлиќ, во претпладневните часови, и проекцијата на нејзиниот филмски диптих „Досие: Лабудовиќ“, во чии рамки беа прикажани документарните филмови „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ и „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“. Главен протагонист во филмовите е Стеван Лабудовиќ, кој своевремено работел во „Филмски новости“ и бил личниот снимател на патувањата на Јосип Броз Тито.
Мастеркласот со Мила Турајлиќ го водеше францускиот продуцент Виктор Еде. На почетокот Мила зборуваше за својот досегашен принцип на работа, објаснувајќи дека првите филмови ги направила со пријатели и во кругот на своето семејство.
– Филмот е дел од мојот живот и многу ми беше тешко да работам со луѓе што не се дел од мојот пријателски или семеен круг – рече Турајлиќ.
Подоцна со зголемувањето на обемот на обврските кон филмовите што ги правела почнала да вклучува и други соработници, кои би можеле во вистинска смисла да помогнат во креацијата на остварувањата. Така, на најновите два филма биле вклучени две француски монтажерки што не го разбирале српскиот јазик. Турајлиќ го искористила токму тој факт во правењето на драматургијата на приказната како филтер за селекција на кадри од преобемниот материјал.
Имајќи предвид дека првиот филм на Турајлиќ, „Синема комунисто“ (2010), беше посветен на кинематографијата во поранешна Југославија, беше поставено прашање дали нејзина цел е правење филмови за државата што веќе не постои.

Турајлиќ одговори дека со двата нови филма сакала да го забележи моментот кога во нејзиниот роден град Белград се случил големиот настан на основањето на Движењето на неврзаните во 1961 година, кое тогаш се појавило како отпор во Студената војна помеѓу Истокот и Западот, а целта на филмовите е да потсети дека некогаш имало идеја за Третиот Свет.
Во филмот „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ се опфатени пет клучни точки од основањето на Движењето на неврзаните, додека во вториот филм „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ приказната се одвива на територијата на Алжир за време на ослободителната борба против колонијализмот.
– Во сите овие 15 години се обидувам да ги слушнам шепотењата од светот и да ги забележам во моите филмови – заклучи режисерката Мила Турајлиќ.
Во текот на вечерната проекција на филмскиот диптих, во паузата помеѓу двата филма, Турајлиќ одговараше на прашањата од публиката, која го исполни „Куршумли-ан“ до последното место, а втората проекција му ја посвети на Милтон Манаки, бидејќи во архивот на „Филмски новости“ додека ги правела своите филмови пронашла фотографија од посетата на Јосип Броз Тито во Битола во 1957 година, а на фотографијата се Тито, нејзиниот протагонист Стеван Лабудовиќ и основоположникот на македонската кинематографија Милтон Манаки.
Петтото издание на форумот „МакеКоПроДокс“ се одржува од 21 до 23 август во Младинскиот културен центар. В.Д.