Изабела Левенска Миљаниќ, иницијаторка на „Музеј на јавна уметност“

  • Јавната уметност е дел од нашиот секојдневен простор и затоа треба да биде достапна, објаснета и разбрана. Кога знаеме кои дела нѐ опкружуваат, кои автори стојат зад нив и што претставуваат, го развиваме чувството дека градот е жив музеј под отворено небо, вели Изабела Левенска Миљаниќ

Изабела Левенска Миљаниќ е иницијаторка на иновативен проект што го претвора Скопје во музеј под отворено небо, користејќи QR-кодови за да ги доближи јавниот простор и уметноста до сите. Со својата дигитална платформа, односно проектот „Музеј на јавна уметност“ (museumofpublicart.com), таа им овозможува на граѓаните и посетителите да истражуваат скулптури и јавни дела со лесно достапни информации и контекст. Изабела верува дека уметноста не е само фон во градот туку богатство што заслужува да биде разбрано и почувствувано. Низ оваа иницијатива таа укажува на важноста од поврзување со културното наследство што нè опкружува.

Платформата е иницирана од љубов кон уметноста и чувството на одговорност кон градот Скопје. Кој момент или лична емоција најмногу ве инспирираше да ја започнете оваа иницијатива?
– Иницијативата произлезе од љубовта кон уметноста и чувството на одговорност кон просторот во кој живеам. Имаше конкретен момент кога, шетајќи низ Скопје со сопругот, застанувавме покрај скулптурите и разговаравме за нив. Тогаш почувствував дека околу нас постојат дела што носат приказни, но ретко кој навистина застанува да ги слушне. Сакав да им дадам видливост и контекст.

Какво чувство ви нуди овој личен проект и со какво темпо се развива, со која динамика ги збогатувавте содржините?
– Проектот ми носи длабоко лично задоволство – секое истражување, секоја нова информација ја чувствувам како мала победа. Откако ја добив идејата, многу брзо преминав во реализација, за која ми беа потребни само две недели.
Темпото и денес е динамично – некои дела ги обработувам за неколку дена, но за други истражувам значително подолго, преку архиви, книги и контакти со автори или нивни семејства.

Зошто сметате дека е важно јавната уметност да биде достапна и разбирлива за сите граѓани? Дали грижата за градот е грижа за себе?
– Секогаш сум верувала дека грижата за градот е и грижа за себе. Јавната уметност е дел од нашиот секојдневен простор и затоа треба да биде достапна, објаснета и разбрана. Кога знаеме кои дела нѐ опкружуваат, кои автори стојат зад нив и што претставуваат, го развиваме чувството дека градот е жив музеј под отворено небо.

Како се одлучивте да го интегрирате QR-кодот како начин на пристап до информациите за делата?
– Сакав информациите да бидат достапни токму во моментот кога човек стои пред делото, како кога стоиме пред некое дело во музеј. Затоа креирав QR-кодови што водат директно до страницата со информации: автор, година, материјал, историски контекст, фотографија. Поставени се дискретно, отпечатени на издржлив материјал и без да ги нарушуваат самите дела.
QR-кодовите ми се чинеа како најсоодветно решение затоа што таа сосема мала налепница е прозорец кон опширни информации за делото, авторот и контекстот.

Како сакате јавноста да ја доживее платформата museumofpublicart.com – како информативна страница, дигитален музеј или нешто повеќе?
– Не ја гледам како обична информативна страница, туку како дигитален водич и опширно информативно обележје на секоја скулптура. Иако може да се користи и преку интернет дома, најважно е искуството во живо: стоиш пред скулптура, скенираш код и добиваш контекст и приказна.

Мислите ли дека вакви дигитални решенија можат да ја зголемат љубопитноста за уметноста кај младите генерации?
– Да, мислам дека дигиталните решенија и современите форми на пристап го прават културното наследство попривлечно, особено за млади луѓе што се навикнати на интеракција преку технологија. Целта е уметноста да стане дел од нивниот секојдневен живот, а не нешто далечно или „строго музејско“.

Дали размислувате платформата да ја проширите и во други градови во земјата и надвор од неа?
– Да, платформата ја замислувам како нешто што надминува географски граници. Веќе почнав да мапирам дела надвор од Скопје, вклучувајќи и јавни скулптури во Велес, Куманово, Кавадарци, Кoчани, Штип, па и во Берлин. Нема да застанам додека не мапирам споменици од секој град во земјава.
Од овој ноември проектот е избран како еден од учесничките проекти на 15. Биенале на млади уметници (БМУ) – двегодишно процесно ориентирано биенале, курирано од уметницата и кураторка Нада Прља и кураторот и едукатор Себастијан Чичоцки. Тоа значи дека Музејот на современата уметност во Скопје како институција официјално ги препозна потенцијалот и значењето на проектот.
Сигурна сум дека преку оваа партнерска поддршка што ја добивам од институцијата ќе успееме заеднички да реализираме многу од моите идеи за славење и промоција на јавната уметност.

Колку беше сложен процесот на собирање информации за скулптурите и уметниците и за колку јавни скулптури и споменици имате имплементирано податоци?
– Истражувањето е истовремено и предизвик и возбуда. За некои дела информациите се лесно достапни, но за постари или помалку документирани скулптури се потребни архивирање, проверки, контакти со институции, уметници и семејства. Моментално платформата содржи информации и поставени QR-кодови за околу 47 дела, а бројот постојано расте.

Што најмногу ве фасцинира за време на истражувањето? Се случува ли често да наидете на скулптура, податоци, информации што не сте ги знаеле?
– Фасцинирана сум од тоа колку многу значајни дела живеат во сенка, со мало присуство во јавниот дискурс. Најубавиот дел е моментот кога ќе откријам мал фрагмент од историјата и повторно ќе го поврзам со современиот простор.
На пример, преку моето излагање на 15. Биенале на млади уметници во Музејот на Современата уметност, на јавноста ѝ дадов контекст за седум скулптури создадени во рамките на Интернационалното студио за пластика во дрво во Прилеп, реализирано во почетокот на 1980-тите години. Делата создадени за време на интернационалната уметничка колонија во Прилеп првично биле изложени на уметничкиот павилјон „Цвијета Зузориќ“ во Белград (3 јули–30 август 1981) и потоа во Музејот на современата уметност во Скопје (20 април–10 мај 1982), по што биле поставени во задниот дел на музејот, каде што четири децении останаа без информативно обележје и контекст.
Во 2025 година, во рамките на Биеналето на млади уметници, по повеќе од 44 години, повторно се воспоставуваат идентитетот и историскиот контекст на овие дела, благодарение на истражувачката работа во рамките на проектот „Музеј на јавна уметност“ (Museum of Public Art).
На официјалното отворање на изложбата за 15. Биенале на млади уметници, контекстот, името на делото и неговиот автор повторно беа претставени на јавноста и овие скулптури добија свое информативно обележје – како симболично враќање на вниманието на овие дела.

Како ја замислувате иднината на „Музејот на јавна уметност“ (Museum of Public Art)? Планирате да воведете и аудиоводич за секоја скулптура. Може ли да ни откриете нешто повеќе за тоа?
– Да, идејата за аудиоводичи за секоја скулптура ми стои како следна фаза. Сакам да додадам повеќеслојно искуство – не само текст и слика, туку и звук, глас и нарација. Тоа би ја направило платформата уште поинтерактивна и попристапна. Сепак, сѐ уште не е реализирано, затоа што си зададов цел да мапирам барем 80 скулптури пред да се фокусирам на креирање аудиоматеријал.

Како гледате на можноста јавноста активно да придонесува со информации, приказни и предлози за платформата?
– Проектот не го гледам како статичен – туку како нешто што расте заеднички.
Кога го започнав museumofpublicart.com, мојата цел не беше да создадам личен проект, туку простор што ќе нè потсети дека јавната уметност не му припаѓа на поединецот, туку на сите нас. Од самиот почеток верував дека ова треба да биде заеднички потфат и мрежа на луѓе што гледаат, истражуваат, слават и паметат. Јас само ја иницирав идејата, ја отворив вратата, и со неколку QR-кода покажав како може да изгледа еден поинаков начин на поврзување со уметноста во градот. Сега платформата е отворена за сите што сакаат да придонесат: да мапираат споменик, да споделат приказна, да ги слават уметноста и уметниците што ни ја подарија на сите нас. На формата достапна на сајтот сега може да внесете свој споменик, своја приказна, свој глас. Зашто јавната уметност живее токму во тој колективен чин на паметење. Ова не е само мој проект. Ова е наш проект од денес за културно наследство што го мапираме и славиме заедно.