Трета награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“
Откога знаеше за себе, госпоѓа Дафина Давидов најмногу од сè сакаше да победува. Првите показатели што укажуваа дека Дафина е родена за да биде најдобра се појавија уште во градинка, за време на ликовните активности што следуваа по ужината. Децата од нејзината група тогаш шкрабаа некои непостојни животни, како розови ежиња, а со ракавот од другата рака си го бришеа носот, па по пет минути знаеја да се загледаат низ прозорецот и со подотворените устиња целосно да се загубат во глетката, оставајќи ги чудните ежиња сами на лепливите листови хартија. Дафина не беше таква. Дафина секојпат црташе мртва природа. Најмногу сакаше да слика тркалезна плитка чинија во која секогаш имаше мртва риба, легната и ококорена, декорирана со преполовен лимон. И навистина тоа го правеше умешно за едно дете што уште оди во градинка. Воспитувачките секогаш ги покажуваа цртежите на Дафина како пример и ги лепеа во ходниците на градинката, а таа гордо се фалеше со својот приватен Лувр пред неуспешните шестгодишни уметници.
Некој би рекол дека првите податоци што укажуваа дека Дафина е родена да биде најдобра датираа уште од утробата на нејзината мајка. Всушност, ембрионот Дафина растеше со уште еден ембрион, кој во текот на бременоста исчезна, а таа кога ја раскажуваше оваа приказна, ја кажуваше со особена гордост, потенцирајќи дека oчигледно била поистрајниот фетус и веројатно затоа ги изела своето братче или сестричка. На слушателите оваа приказна им предизвикуваше и терор и восхит истовремено, судејќи им по изразот на лицата, а Дафина токму тоа и го сакаше.
Госпоѓа Дафина Давидов отсекогаш сметаше дека е посебна. Во четврто одделение им кажа на родителите дека наредниот ден нема да оди на училиште затоа што ја обзела есенска меланхолија, а и дека ја мачат одредени егзистенцијални прашања. Згора на сè, не можеше на ниедна должина да се поистовети со своите соученици. Никој не можеше да напише ни приближно длабок есеј како нејзиниот, на часовите по хорско пеење никој не знаеше толку чисто и со хируршка прецизност да ја испее „Аве Марија“ како неа, а на часовите по јазик никој потечно од неа не го зборуваше англискиот. Тогаш почна да крои планови како некогаш ќе се пресели во Америка, каде што предвидуваше дека ќе има попристојна конкуренција, па кога наполни осумнаесет години, Дафина реши да го промени сопственото име. Всушност, вистинското име на Дафина беше Дафинка Давидовска, но сметаше дека една буква и еден суфикс ѝ го отежнуваат патот до светските успеси.
Животот на госпоѓа Дафина Давидов навистина се претвори во еден долг и сериозен конкурс. Низ годините, ѕидовите ѝ станаа покриени со дипломи, светкави признанија и фотографии на кои ѝ се врачуваат статуетки, а таа гледа продорно во камерата, и како да изговара преку очите: Ха-ха, повторно победив, ха. Не знам како воопшто помисливте дека оваа позлатена ѕвезда ќе има нечие друго име изгравирано на себе освен моето. Ха.
Дафина, со својот еднолиниски глас. Дафина, со своите испакнати и темни очи. Дафина, со својата мала грпка за која другите се шегуваа дека ѝ се појавила од носење многу успеси на грбот. Дафина, со своите победи што тропкаа, шушкаа или мируваа во темнокафени рамки. Дафина, која живееше за да биде запаметена, еден ден на патот кон дома, ненадејно како гром од ведро небо, настрада од мозочен удар и кога ги отвори очите не паметеше ништо. Дури ни самата себе.
Докторот ѝ кажа дека губењето на меморијата е честа последица по тешки мозочни удари и дека можеби некогаш ќе ѝ се врати јасноста, но и години подоцна Дафина не можеше да се сети на ниеден момент од своето минато. Познаниците и пријателите секојдневно пред неа ги листаа старите весници и со прстите ја покажуваа нејзината фотографија на обележаните страници, или го пишуваа нејзиното име на компјутерот отвoрајќи ги сите вести што ја споменуваа. Често ја земаа под раката ѝ ја носеа кај ѕидот во дневната соба на којшто беа прикачени архивите од нејзините успеси, со надеж дека очите ќе ѝ светнат кога ќе ѝ дојде која е. Но сето тоа на Дафина не ѝ значеше ништо, освен во тие неколку мига кога можеше да го задржи сеќавањето додека не го пуштеше брзо потоа како мал балон полн хелиум накај небото, останувајќи со празна рака.
По таа темна епизода, секое будење на госпоѓа Дафина Давидов во сопствената куќа ѝ претставуваше тегоба. Збунетите очи секое утро ѝ изгледаа недорасонето и изгубено штом ќе ги видеше сопствените ѕидови на успехот на којшто не се сеќаваше. Секој момент од нејзината архивирана непобедливост ја вознемируваше и секое одново читање на пофалниците ѝ создаваше посебна горчина во устата, која не можеше да ја поднесе. Некои денови само ќе си ги покриеше очите и го забрзуваше чекорот за побрзо да го одмине натрупаното ѕидиште на патот.
Едно претпладне, додека го допиваше второто горчливо кафе и ја завршуваше цигарата, зјапаше тивко во ѕидот и во еден миг толку ѝ се слоши што почна долго да повраќа пред него. Откако исповрати сè што имаше, Дафина почувствува необично голем глад. Го отвори замрзнувачот, извади парче риба, го испржи и го постави во плитка чинија, декорирано со преполовено парче лимон. Откако се најаде со особена сладост, отиде до ѕидот и со замрсените прсти што мирисаа на морско дно одлепи една диплома и си ја избриша устата, а подоцна и прстите. Додека ја виткаше стутканата хартија со сопственото минато меѓу лепливите прсти, погледна накај прозорецот и се ококори. Можеше да се заколне дека во дворот од својата куќа виде како тромаво проаѓа еден мал розов еж. Со испакнатите очи го гледаше малото животинче како безгрижно се препелка по земјата и, можеби првпат во животот, госпоѓа Дафина Давидов искрено се насмевна.
Моника Стојановска