Прочуената „Медеја“ од Еврипид излезе во издание на „Три“. Европид, последниот од големата тројка антички трагичари, останува еден од највосхитувачките драматурзи на сите времиња, заедно со Ајсхил и Софокле. Затоа, неговите дела заслужуваат квалитетни изданија и достапност до читателите.
Препевот од старогрчки јазик го направи Валериј Софрониевски, истакнат преведувач, доктор по класични студии и професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. По одличните преводи на „Менон“ и „Филеб“ од Платон, „Кралот Едип“ од Софокле, „Лисистрата“ од Аристофан, „Децата на Херакле“ од Еврипид и ред други дела од класичната литература, сега имаме и негов одличен превод на уште една книга-темелник од антиката.
Приказната е базирана врз митот за Медеја, која ги убива сопствените деца како одмазда за неверството на сопругот. Нејзиниот лик е инспирација за огромен број нови верзии во сите уметности, во книжевноста и музиката, во филмската и ликовната уметност. Во оваа драма Еврипид раскинува со традицијата, ги поткопува стереотипите и предрасудите, ја оспорува идеологијата на половите заземајќи се за отфрлените и го предизвикува востановениот хеленски патријархален поредок и светоглед, теми што биле и остануваат клучни за човечкиот род, исто како и самата драма.
Класичната литература е неисцрпна и секогаш податна за нови читања и толкувања. Таа е појдовната точка за целата книжевност и затоа овие изданија се многу значајни.