Во рамките на интердисциплинарната програма „Без/редие во светот на уметноста“ во Музејот на современата уметност, Владимир Јанковиќ, професор по хуманистички науки на Универзитетот во Манчестер, Велика Британија, го одржа предавањето „Синтетички неба: спектакл, опскурност и естетското постоење на трагите“. Тој ги проучува кондензирачките линии на небото направени од авионите, кои предизвикуваат еколошка контроверзност и внимание кај јавноста. И покрај тоа што овие појави се објаснети како најголеми човечки артефакти со значително влијание врз животната средина и атмосферата на Земјата, тие немаат негативна конотација, како другите еколошки девастирачки процеси: климатските промени, излевањето на нафтата, растот на температурите, пожарите и токсичниот отпад.
Во оваа насока беа проследени голем број уметнички дела што ги интерпретираат овие појави, тргнувајќи од нивното прозаично постоење, како предмет на уметничко и естетско вреднување, сѐ до естетизацијата на насилството врз животната средина, како процес во културата.
Владимир Јанковиќ е застапен со голем број публикации, кои се однесуваат на историјата на атмосферските науки, урбаната климатологија и атмосферската естетика: „Читајќи го Небото“ (2001), „Соочување со Климата“ (2010), исто така и коедитираните изданија „Интимни Универзалности“ (2009), „Клима“ (2011) и „Градски времиња“ (2012).