Фестивалот за европски авторски анимирани филмови „Флипбук филм фестивал 2023“, кој почнува утревечер и ќе трае до 13 август во летното кино на Кинотеката на Македонија, во три вечери ќе прикаже близу 100 филма во четири натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм.
Во главната селекција за најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 14 наслови, најдобрите европски остварувања од минатата година, а за наградите ќе одлучуваат Надја Андрашев од Унгарија, продуцентка и режисерка на повеќе наградувани анимирани филмови, Марко Дјешка од Хрватска, наградуван режисер и стрип-автор и основач на познатото студио за анимација „Адријатик“, и Гоце Цветановски, македонски автор на анимирани и играни филмови.

Аниматори од Унгарија и од Хрватска во жирито за главната селекција

Надја Андрашев е режисерка на анимирани филмови од Будимпешта. Нејзините филмови „Звукот на лижењето“ и „Симбиоза“ беа прикажани на голем број фестивали и имаат добиено над четириесет награди. По долгогодишното искуство во индустријата за филмови, таа моментално е продукциска менаџерка и продуцентка на анимирани филмови, како и програмерка и членка на жирија на меѓународни филмски фестивали. Како режисерка сака да се занимава со лични теми што вклучуваат опсесии, воајеризам и секс.
Марко Дјешка дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Загреб, отсек анимација. Неговите студентски филмови „Искасапени“ (2010) и „Синот на сатаната“ (2012) имаа забележителен успех на многу фестивали, а филмот „Искасапени“ е откупен од ТВ-станицата „Ел Реј Нетворк“ во сопственост на продуцентот Роберт Родригез. Филмот „Град на духови“ ја освои наградата „Октавијан“ на фестивалот во Загреб како најдобар анимиран филм во хрватска продукција во 2016 година. Неговиот неодамнешен анимиран филм „Сите тие сензации во мојот стомак“ освои 25 награди и е прикажан на повеќе од 150 фестивали низ светот, како „Анеси“ во Франција, „Аутфест“ и „Род Ајленд“ во САД, „Анимафест“ во Загреб, ОИАФ во Отава, каде што ја освои и наградата за најдобро сценарио. Еден е од организаторите на фестивалот на стрипови и улична уметност OHOHO од 2019 година. Објавува кратки стрипови во многу светски списанија.
Гоце Цветановски, писател/режисер, студирал кино во Париз, Франција, каде што живеел 17 години. Неговите кратки филмови се прикажани на многу фестивали низ светот и имаат добиено регионални и национални награди. Неговото долгометражно режисерско деби „Бизнисот на задоволството“ беше премиерно прикажано во јуни 2023 година и ја освои наградата за најдобар долгометражен филм на фестивалот за краток филм „Ин д палас“ во Софија, Бугарија. Моментално работи на продукција на анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“. Ова е најголемиот регионален анимациски проект досега, копродукција помеѓу Македонија, Бугарија, Хрватска и Унгарија.

Награди и за анимираните документарци и студентски филмови

За наградите од селекцијата на анимирани документарци и студентската селекција ќе одлучуваат Михал Бобровски од Полска, професор и теоретичар на филм, автор и приредувач на неколку значајни книги од областа филмот, Арба Хаташи од Косово, директорка на фестивалот за анимиран филм „Анибар“, и Наташа Андонова, македонска аниматорка, сликарка, илустраторка и филмска и театарска костимографка.
Арба Хаташи е родена и израсната во Пеќ, Косово. Започнала да волонтира на многу млада возраст во различни невладини организации, со фокус на развојот на културата. Во последните десет години, активно работи на организација на „Анибар“, единствениот фестивал за анимација во Косово, раководејќи и работејќи на трансформација на единственото активно кино во градот Пеќ, киното „Јусуф Гервала“, во мултифункционален, социјален и културен простор. Таа започнува да работи како волонтерка на фестивалот во 2014 година и продолжува да ја координира програмата цели три години пред да биде назначена во 2019 година за директорка на меѓународниот фестивал за анимација „Анибар“. Од 2018 година раководи и со академијата за анимација „Анибар“ и нејзините едукативни проекти за подобрување и развој на образованието во областа на анимацијата во Косово. Била членка на жирито на интернационалниот филмски фестивал за анимација „Фантош“ и „Анима“ – фестивалот за анимација во Брисел.
Михал Бобровски од 2018 година е вонреден професор на Институтот за културни студии, на Филолошкиот факултет, на Универзитетот „Марија Кири-Склодовска“ во Лублин. Докторирал на Јагелонскиот универзитет во Краков, Полска, во 2010 година. Во 2012 година напишал книга за Акира Куросава. Од 2010 година тој е програмски директор и коосновач на „СтопТрик интернешнал филм фестивал“ (Словенија/Полска), настан посветен на уметноста на стоп-анимацијата. Соработува со различни европски филмски фестивали и културни институции како куратор и активист. Автор на голем број рецензии и филмски критики, главно за прашања од јапонската и американската кинематографија и анимираниот филм од арт-хаусот.
Наташа Андонова (1974) е уметница и илустраторка на книги за деца родена во Скопје, Македонија. Магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и била резиденцијален уметник во Париз, 2006 година. Членка е на ДЛУМ. Има повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и во странство. Работела на костимографијата во филмовите „Прашина“ и „Сенки“ на Милчо Манчевски, како и во повеќе театарски продукции. Од 2017 година работи како илустраторка и дигитална уметница во студиото за анимација „Линкс“ во Скопје. В.Д.