„Танцот на шарените шамичиња“ на Александар Прокопиев прва во едицијата

„Танцот на шарените шамичиња“ е првата сликовница од новата едиција „Љубов на прв збор“ на издавачката куќа „Арс ламина“, која беше промовирана пред многубројна публика во книжарницата „Литература“. Едицијата е осмислена како едиција на реафирмирање стари, класични, подзаборавени текстови на познати македонски писатели за деца, но и како нов поглед на сликовниците. Таква е новата сликовница со текст на Прокопиев. Идејата е да се користат текстови од автори од друга книжевна провениенција, извлечени од други книжевни контексти и дела, а сепак податливи за самостојно претставување како книги/сликовници за деца.
Освен „Танцот на шарените шамичиња“ на Александар Прокопиев, со илустрации на Сања Симоска, во едицијата има објавено уште две сликовници – „Во полската куќичка“ од Ванчо Николески, со илустрации на Љупка Стојкова, и „Коњчето од рингишпилот“ од Јован Стрезовски, со илустрации на Орце Нинески.

– Воскреснувањето на подзаборавените нешта од националните книжевности секогаш е значајно, во мигов е и во еден вид тренд и во регионот пошироко. Да ја спомнеме само „Јежева куќица“ од Бранко Ќопиќ, првично создадена во 1949 година, која во хрватскиот културен простор доживеа прекрасни воскреснувања, реобјави и како сликовница и како анимиран филм, и тоа во повеќе наврати. Тоа е одличен пат за надоврзување на најмладите генерации на сопствената традиција, на генерациите на своите родители, баби и дедовци. Емоционален, книжевен, воспитен континуитет. Така и кај нас, долги години беше лектира „Мице“ од Ванчо Николески, но овој автор, родоначалник на македонската литература за деца, има огромно творештво што е подзаборавено. Генерации и генерации сега возрасни луѓе имаат израснато токму со поемата во стихови „Во полската куќичка“, која, на радост на многумина, ја преобјавивме како нова, свежа сликовница – вели Оливера Ќорвезироска, писателка, книжевна критичарка и уредничка во „Арс ламина“.

Приказната на текстот на Александар Прокопиев во „Танцот на шарените шамичиња“ е многу интересна сама по себе и е една невообичаена постапка на ексцерпт од една жанровска формација во друга, при што квалитетот на сегментот, на детаљот, дозволува беспрекорно самостојно функционирање.
– Имено, во 2014 година во Хрватска излезе една мала, мошне симпатична антологија на македонскиот расказ за деца, приредена од Ивица Баковиќ, доцент на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Изданието е двојазично (македонски – хрватски), застапени се 11 македонски автори, кои, во принцип, и не се амблематични писатели за деца. Започнува со Цане Андреевски, Бистрица Миркуловска, Александар Кујунџиски – автори што се од сферата на книжевноста за деца, но застапени се и Влада Урошевиќ, Александар Прокопиев, Жарко Кујунџиски (со него завршува оваа антологија) – автори што му припаѓаат на кругот современи македонски писатели за возрасни. Не станува збор за поставување непробојна ограда помеѓу едното и другото, помеѓу литературата за деца и литературата за возрасни, туку само за слободен, широк, флуиден и флексибилен избор и пристап – додава Ќорвезироска.

„Танцот на шарените шамичиња“ е еден од трите раскази на Прокопиев во оваа антологија што се извлечени од неговата книга за возрасни „Човечулец: бајки од левиот џеб“, првично објавена во 2011година во „Магор“, која доживеа три изданија и звучен запис со гласот на Лилјана Крстева.

– Што е интересното во овој текст за да биде објавен самостојно како сликовница? Прво, затоа што е ексцерпт од книга за возрасни, а тоа воопшто не се забележува, не го „оштетува“ ниту го ограничува текстот, туку, напротив, се потпира на својата висока самостојност и беспрекорно функционира како сама раскажувачка единка од еден во друг книжевен формат – од книжевноста за возрасни во книжевноста за деца. Оваа постапка, што делумно може да се нарече и како убав експеримент за проширување, обединување на книжевноста, за бришење на границите меѓу книжевноста за деца и книжевноста за возрасни, ни го овозможува „Танцот на шарените шамичиња“ како одличен текст податлив за илустрирање, како одличен текст за сликовница. Самостоен, прецизен, топол, суптилно воспитен и поучен, на еден модерен начин, без попување и старинска дидактика, без „триење сол“ на главата на децата, како што се вели народски. Алегоријата и алузијата се носечките постапки на приказната… Во овој суптилен нанос од значења, алузии и лирски упатства и поддршка на децата-читатели, Прокопиев ни се претставува како вешт писател и за деца, наспроти фактот што го знаеме сите – дека е вешт, успешен и значаен писател за возрасни, со свое јасно место во современата македонска книжевност – смета уредничката на изданието.

Потрагата по ликовен израз што ќе биде компатибилен на приказната на Прокопиев завршува со Сања Симоска. Симоска е академска графичарка, работи и илустрација, а „Танцот на шарените шамичиња“ е нејзина втора сликовница (прва ѝ е „Кучето што мјаукаше и мачето што џавкаше“ од Билјана Црвенковска, издание на „Чудна шума“).

– Мекоста и духовитоста на приказната на Прокопиев се потцртани, „фатени“ и поддржани, доразвиени во ликовниот израз на Симоска. Смислата за детаљ и на едниот и на другиот автор на оваа сликовница одлично комуницира и заемно се надополнува. Досетливоста во описот на детската соба на Андреј во текстот на Прокопиев и ликовно е „фатена“ од Симоска. Секако, кај едниот автор има што нема кај другиот, и обратно. Спојот, пак, на нивните креативни енергии е збогатување на двајцата, а најмногу, сепак, на потенцијалните читатели. Илустрацијата и не треба само да го раскажува текстот, туку ликовно да го интерпретира и трансферира, токму тоа што го направила Симоска, на пример, со претставување на тепихот во собата на Андреј како базен со скалички за симнување во него, всушност, во тепихот. Очињата и ушињата на малиот голем читател не можат да догледаат и да дослушаат сè одеднаш, но затоа и постојат сликовниците со убави текстови и убави илустрации: да се гледаат, да се читаат/слушаат многупати и никогаш да не биде здодевно – рече на промоцијата Ќорвезироска.


Една мала приказна прерасна во шармантна книгичка

Авторот Александар Прокопиев е одушевен од идејата за оваа сликовница и воопшто за почнувањето на една ваква едиција.
– Да не беше Оливера Ќорвезироска, оваа сликовница немаше да постои, таа го пронајде текстот, го подготви и ја обликуваше оваа многу шармантна книгичка. Со тоа, оваа мала приказна „Танцот на шарените шамичиња“ доби свој сосема нов облик. Од друга страна, Сања Симоска, која ѝ припаѓа на поновата генерација ликовни графичари, ја обликуваше приказната визуелно, со несомнен талент и чувство за сооднос и, што е многу интересно, сега првпат се запознаваме, иако таа сосема се надоврза на мојот сензибилитет – рече Прокопиев на промоцијата.