Претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – своето не го даваме“, во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ, се игра во Драмскиот театар на 23 октомври, во 20 часот. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Градскиот театар од Љубљана и продукцијата на „Град театар“ од Будва.
Премиерата на „Плејбои…“ беше на 10 август, во рамките на фестивалот „Град театар“ во Будва, каде што имаше четири изведби. Играњето на летните сцени продолжи со учеството во драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, а последната фестивалска изведба беше на Бриони во рамките на фестивалот РУТА. Заедничка констатација од досегашните гостувања е задоволство на публиката и уживање во маестралната изведба на традиционалната форма на комедија дел арте на режисерот Иван Пеновиќ.
Во копродукциската претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.
„Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – своето не го даваме“ е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте. „Плејбоите…“ се напишани во 1972 година, а првпат се изведени во Градскиот театар во Љубљана една година подоцна. Напишани се во периодот на исклучително бурни меѓународни и регионални историски движења, во духот на „Сексуалната револуција“ и „Пролетта од 1968 година“, како и под влијание на околностите во тогашна Југославија на кои реагираа уметниците од најмладата генерација. Во нивните дела е присутен таканаречениот лудизам – специфичен одговор на „тешките теми“ што ги отвори повоената генерација на млади луѓе. Лудизмот се карактеризира со целосно отсуство на каква било потрага по смисла, одговори или решенија за егзистенцијалните тешкотии; тој повеќе ги прифаќа работите такви какви што се и, наместо да бара излез во конкретните околности, дозволува настаните да се одвиваат низ „опуштена игра“. Сето ова важи и за „Плејбоите…“. Тоа е вителот на живата еротика, младост и незауздената, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетуваат и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по 1968, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружува и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв, пишува во режисерска белешка за претставата.
Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење). С.Ј.