Антиупатства за лична употреба
Мил Сашо,
Ти одговарам на твојата молба да напишам нешто за семејството Прокопиеви. Ако бидам жив и отидам во с. Кокино, можеби ќе ги дополнам сознанијата со поопширни податоци за племето Буколовци. Би можеле да отидеме и заедно. Но за тоа, потоа, кога ќе се вратиш од Париж.
По раѓањето на мојот најстар брат Манас, во 1874-та, фамилијарното презиме Буколовци престанало да живее за живуштите членови во Куманово и продолжило како Прокопиеви.
Јас, твојот дедо Александар, сум најмало дете на Копе и мајка ми Анѓа. Имав три постари браќа – Манасија, Ѓорѓи и Борис, и една сестра, Наталија. Татко ми ни посветуваше големо внимание со желание да нѐ школуе, бидејќи сметаше дека како школовани луѓе полесно ќе се пробиваме во животот.
Ќе ти повторам неколку податоци за моите браќа, иако ти веќе ги знаеш. Манас како млад беше учител неколку години, а подоцна се даде на трговија, сето тоа по желание на татка ми Копе. Како виден граѓанин на град Куманово, беше избран во 1916 година за претседател на кумановска општина, на која должност остана повеќе од една година, а по тоа време даде оставка и се пресели во Скопје. Во Ново Маало купи куќа, во која често одевме на визити и во која после живееше син му, бате Иле со фамилијата.
На Ѓорѓи, кој беше најкрасив меѓу нас, по завршувањето на прогимназијата, татко ми му даде капитал да отвори мешовит трговски дуќан, типичен турски дуќан, во кој се продаваше сѐ, од катран до гајтан. Ѓорѓи беше весељак, боем и голем добричина, сакаше и боза од лоза и шира од бира, па како таков го користеа секакви вагабонти и му ги зимава парите. Беше наклонет на музиката и во трговијата си не даде резултат. Умре од туберкулоза. И третиот ми брат, Борис, умре уште помлад, кога почна да се занимава со трговија на жито.
За мене сум ти раскажувал од порано. Многу сум помлад од браќата ми, речиси врсник на внуците. Завршив трговска гимназија во Свиштов и експортна академија во Загреб. Се определив за банкарство и отворив акционерска банка во Куманово. Со баба ти Родна направивме куќа, трета на Прокопиеви во Куманово, ж’та, со убав двор, во едно сокаче близу старата куќа. Чудесно е што тие куќи, по един подолг период, уште служат за живеење и уште се убави, а луѓето од фамилијата веќе ги нема. Таму, во ж’тата куќа, се родива тетка ти Оливера и татко ти Светислав. Во куќата си донесов телефон и грамофон со рачка и голем пајтон, со кој се возев од Скопје и назад. Но дојде кризата. Луѓето станаа грабливи, се клукаа како гладни чавки. Ја оставив банката и се преселив во Скопје, каде што станав директор за Јужна Србија, Косово и Метохија на позната француска фирма „La national“.
Овај задатак да ти напишам нешто за семејството и татко ми Копе ми дојде добро за да се размрдам. Иначе тука, во Скопје, времето е хладно и јас прекарувам дома само со спање, понеже не ми се чете, нити слуша радио, нити гледа телевизор. Ми остана само кафето во „Метропол“. Почнав да се занимавам и со избирање фотографии за фамилијарен албум, од онија на татко Копе и мајка Анѓа до наши дни.
Ти пожелувам многу успех и постигнување на сешто за кое отиде во Париж. Ништо не пишеш за срештата со Паскал, дали нешто исползува од неговото запознавање. Како те прими?
Чувај се од времето. Зимите во Париж се многу хладни и дождливи. Биди ми добре. Ние сме сите добре, а што е најважно, татко ти е здрав и почна да иде на работа.
Целувам те, мој мили Сашо,
Дедо Александар
Писмото стигна во моето сандаче во College Neerlandais, при крајот на февруари 1984-та, значи кога дедо ми Александар наполни 90 години. Сѐ уште го носеше бастунот заради украс, да се дополни филцаната шапка со раб, „паларијата“ и сивиот капут. Се потпираше на него дури на дваесеттиот чекор. Само во зима, на студ и голомразица, бастунот ја преземаше својата основна функција, да го потпира патот, но и тогаш дедо не запираше, не се колебаше, туку со одмерен чекор секое пладне да го испие своето „горко, накај средно“ кафе во „Метропол“ со пријателите пензионери, во просек петнаесет години помлади од него. Кога во летото се вратив во Скопје, тој и натаму редовно одеше на променада до „Метропол“, само што наместо шапка, носеше сламено жирадо, наместо сивиот громби капут – крем костум од ленено платно. До крајот на својот живот, дедо Александар излегуваше на долги прошетки со еднаква потреба и без непотребни паузи.
Не отидовме во Кокино, но, како што си вети, го направи албумот. Прва во албумот е фотографијата на Прокопија, под која дедо Санде ги напишал годините на раѓањето и смртта: 1856 – 1911. Издолженото мазно лице со правилни црти на средовечен маж гледа во нас со малку замаглен поглед. Фесот се издолжил над кусата, веќе сосема побелена коса, во контраст со темните, еснафски потстрижени мустаќи, што ја затскриваат горната, и така потенка усна, додека долната доминира, поистурена, но цврста. Крзнениот (веројатно од лисица) околувратник на капутот како намерно да сведочи за обогатениот успешен чорбаџија. Под капутот се гледа белата подигната кошула без јака. На која возраст се фотографирал? На четириесет или можеби порано (повеќемина Прокопиевци побелуваа млади)?
Спореден со татка си, дедо Санде, на прв поглед, имаше опозитен карактер. Прокопија беше тврд човек, намќор и скржав, син му – добродушен, зборлест и трошаџија. Но, ако на приказнава надоврзам една епизода од животот на старецот Александар, генетската поврзаност станува поочигледна.
Дедо Санде целиот свој живот патуваше, а особено откако стана вдовец и се пензионира. Секое лето, некогаш во друштво со бате Иле, со автобус или воз, крстосуваше низ Балкан. Град по град, држава по држава, ги посети сите, освен една. Онаа на Чаушеску-Дракулеску. Во тоа време, во 1970-тите, со ју-пасошот лесно патувавме по Европа. Но за Букурешт и Романија ретко кој заминуваше. Романија, сепак, беше како некоја црна дупка.
Ама дедо ми, и покрај сите противења на татко ми и тетка ми, тоа лето си реши да оди во Букурешт. И тоа право во Студентскиот дом. Како пензиониран сметководител на Универзитетот, беше убеден дека треба да ги користи благодатите на меѓународната студентска соработка. Некако, само тој знаеше како, го најде телефонскиот број на букурешкиот дом за студенти. Лесно, на француски, ја шармира преку телефон секретарката на домот и закажа престој од 15 јули до 15 август.
Го спакува куферот, меѓу уредно наредените кошули и панталони, ја смести кутијата локум, старовремска, сас слика на источњачки дворац, око чији стубови се пењев ружи, подарок за љубезната секретарка на Студентскиот дом… И, за секој случај, пар хулахопки. Чорапогашти.
И многу убаво си помина.