Томи Џуровски, графички дизајнер и илустратор

Томи Џуровски е еден од четирите победници на натпреварот за илустрација што го организира „Карактер дизајн челинџ“. Илустрацијата со која ги освои симпатиите на жирито е дизајн на кој е претставен македонскиот овчар Стојан, облечен во традиционална македонска облека. Право на учество на натпреварите што ги организира оваа организација имаат околу 300.000 нејзини членови од целиот свет. Џуровски дипломира анимација на Факултетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА и досега има работено во повеќе графички студија. Занаетот го учи прво во „Тотем“, студиото за графички дизајн на неговиот татко Ласко Џуровски, а потоа работи како графички дизајнер, аниматор и илустратор во наши и во странски студија со светско реноме. Тој е уметнички директор и косопственик на студиото за мобилни игри „Фјуриус авокадо“, кое го основа заедно со Дамјан Михаилов, Марио Ампов, Бобан Стојчевски, Наум Михајловски, Иво Нешковиќ. Една од игрите на која се горди е „Тај дај“, мегахит со над 200 милиони преземања во целиот свет.

Каков натпревар е „Карактер дизајн челинџ“?
– Натпреварот е организиран од светски познатата онлајн платформа „Карактер дизајн референсес“, која служи за промоција на артисти од најразлични полиња од целиот свет. Се организира на месечно ниво од администраторите на оваа платформа. Постои повеќе од девет години, континуирано, секој месец се одбира нова тема на натпреварот и секој член на групата, која има 300.000 членови, има право на учество. Минатиов месец беше 112-от предизвик со темата „Патувачки овчар“ на кој бев избран како еден од четирите победници. Тројца победници се избор на администраторите, а еден е избран од специјален гостин – судија. Според активноста на групата, најчесто има од 300 до 500 пријавени дизајни што влегуваат во силна конкуренција бидејќи доста од овие пријави се од страна на врвни артисти. Пријавените дизајни исто така мора да следат одредени правила на групата за да се обезбеди фер натпревар.
Успеавте да го освоите жирито во конкуренција од 500 учесници од целиот свет. Со што сметате дека се издвои вашиот дизајн од другите?
– Дизајнот на овчарот Стојан успеа да се издвои од другите, пред сѐ, со својот ведар, мил и експресивен лик, како и со дизајнот на неговата силуета што го прави специфичен и препознатлив. Исто така, традиционалната македонска облека и култура му додадоа на дизајнот уникатна нота што не е премногу застапена во групата. Играта на елементи форми, нивната комбинација и претерани пропорции, стилот на цртањето, исто така играа голема улога во издвојувањето на Стојан.
Како го создадовте ликот на македонскиот овчар Стојан облечен во традиционална македонска облека?
– Стојан всушност е создаден како резултат на моето слушање избор на песни од антологијата на македонски фолклорни класици, која ја има издадено МРТВ во 1999 година. Таа ги содржи безвременските гласови на Кирил Манчевски, Александар Сариевски, Никола Бадев, Васка Илиева, Анка Гиева и Јонче Христовски во придружба на нивниот тогашен оркестар. Темата за овчарот, која ја објави „Карактер дизајн челинџ“, перфектно се вклопи во ова чувство за да се преточи таа музика во цртеж, слика, бидејќи овчарите се мотив што се провлекува во повеќе од овие песни и е длабоко вткаен во македонската култура и традиција. Сето ова претставуваше само појдовна точка, која се преточи во долго истражување на традиционалната македонска носија и облека во функција на дизајнот што го имав замислено. Исто така, присуството на промоцијата на македонскиот национален ансамбл „Танец“ по повод нивниот 75-годишен јубилеј и нивниот концерт придонесоа во истражувањето на облеката и чувството што сметав дека треба да го има Стојан во себе. Иницијалната скица се роди како производ на сето ова истражување и соживување со темата. Мојот процес се одвива целосно дигитално, што значи дека постојат доста можности за промени и истражување во раната фаза на цртежот, иако за Стојан мислам дека сето ова одеше побрзо и директно бидејќи создадов добра подлога во фазата на истражувањето. Од иницијалната скица направив и краток експеримент со црно-бели тонови за да потврдам дека дизајнот се движи во вистинска насока и сите негови елементи се на место. Потоа преминав во изработка на финална скица и од таа основа изработив палета на локални бои што ја претставуваат основата за колоритетот на Стојан. Од тука веќе би рекол дека фазата на дизајнирање беше готова и остана само делот на целосна дообработка, кој физички одзема доста време, но и во него секогаш пронаоѓам начин да уживам, особено кога е придружено работењето со гласот на Манчевски.
Каква порака носи овчарот Стојан?
– Пораката што ја носи Стојан е вметната во неговиот радосен весел лик на овчар, кој си поигрува и се радува на своите овци иако живее во време на тешкотии и трагедии. Насмеан, без многу брчки, со засукан мустаќ, подготвен секогаш да им се восхитува и на најмалите нешта и да донесе насмевки и радост на лицата на сите околу себе без разлика на маката, која е проткаена во битисувањето на македонскиот народ од овој период. Радосен и горд на она малку што го има, весел и исполнет, малку и елегантно пополнет, ужива во животот и носи порака на една убава, мила и топла енергија.
Од каква важност се ваквите натпревари, каков поттик се за дизајнерите?
– Ваквите натпревари се од голема важност бидејќи тука се гради здрава конкуренција што те турка да напредуваш и да се подобруваш себеси, да се преиспитуваш, а наедно те тера да изградиш соодветен начин на комуникација за давање и примање конструктивна критика. Овие натпревари, исто така, им помагаат на уметниците да бидат и забележани, како од потенцијалните обожаватели така и од потенцијалните клиенти. Служат и како вежба на креативно размислување во зададени рамки, кое поттикнува добри работни навики како одговорност спрема зададениот рок и почитување на правилата. Со постојаната промена на темите и учесниците се гради и една заедница на уметници, кои заедно создаваат една критична маса. Всушност затоа и сметам дека „Карактер дизајн референсес“ го одржуваат овој натпревар во континуитет толку време. Тие претставуваат одличен поттик дизајнерите да ги презентираат своите вештини пред целиот свет и пред своите колеги, како и да добијат признание за својот напредок и усовршување.


Какви дизајни сакате да создавате?
– Јас лично немам преференции за тоа каков дизајн би сакал да создавам, туку напротив, оставам отворено поле во тој поглед без да си поставувам ограничувања. Во тој случај би рекол дека обожавам едноставно само да создавам. Доста често моменталното чувство е она што ме води кон создавање, а медиумот преку кој ќе се изразам и дизајнот соодветствуваат на тоа чувство. Најсилно ме инспирира гледањето на безбројни уметнички дела од разни уметници преку платформата „Пинтерест“, а во голема мера и музиката, филмот и анимацијата.
Кои се најголемите задоволства и најголемите предизвици во работата на илустраторот или на дизајнерот?
– Најголемото задоволство во работата како илустратор/дизајнер е чувството на креирање нешто што постои само во вашата имагинација, а со кое имате можност да влијаете на нечија туѓа во форма на инспирација. Процесот на изработка исто така носи безбројни мали задоволства бидејќи самите го следите тој пат на креација од идеја до реализација. Предизвиците, за мене лично, се најчесто поврзани со самиот проект, односно секој проект носи со себе некакви ограничувања и побарувања што треба да бидат испочитувани или исполнети. Во зависност од тоа некогаш можеби треба да го адаптирате својот процес на работа за да може да ги постигнете тие цели и тука често се соочувам со предизвикот на одбирање пристап и медиум преку кој тој проект ќе биде претставен во најдобро светло.