Работилницата за архивски пракси во филм „Замислување архиви“ ќе се одржи од 15 до 19 август, за време на 15. издание на фестивалот на документарен филм „Македокс“ во Скопје. Работилницата има цел да спои четири внимателно избрани режисери или тимови режисери и монтажери. Главниот фокус на оваа работилница е идентификување различни стратегии и можности за визуелно конципирање архиви, проширувајќи го креативниот опсег на правење филмови. Преку ова колективно, интензивно искуство, се надеваме дека ќе иницираме процес на приближување до суштината на секој проект, дискутирајќи за потенцијалните различни пристапи на секој филмски проект во кој се користат архивски материјали.
– Кој може да аплицира: режисери со долгометражни креативни документарни филмови продуцирани, копродуцирани или снимени во Балканскиот Регион (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Романија, Северна Македонија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска, Црна Гора). Апликацијата треба да содржи: синопсис и разработка, вклучувајќи опис на наративниот пристап (максимум една цела страница); линк до материјал (груба монтажа, монтирани сегменти или rough cut од минимум 15 и максимум 30 минути) – информираат од „Македокс“.
Режисерите на проектот треба да бидат присутни во Скопје за време на работилницата. Доколку е вклучен монтажер, тој исто така треба да присуствува на работилницата. Пријавувањето е можно со прва груба верзија или одбрани материјали до 30 минути со англиски превод и титли. Работилницата е бесплатна. Рокот за пријавување е до 15 јуни.
Кумјана Новакова е меѓу менторите на работилницата. Таа е режисерка чие авторство се базира на истражување, а работи и како филмска кураторка и предавачка. Родена во Југославија, Кумјана работи во полето на филмот од 2006 година. Нејзиното формално образование вклучува студии од областа на меѓународните односи, културолошки и општествени истражувања во Софија, Сараево, Болоња и во Амстердам. Како авторка, Кумјана ги истражува јазиците на кинематографијата поврзани со односите помеѓу моќта, војната, сеќавањата и (не)припаѓањето. Таа се интересира за развивање стратегии за создавање значења од позиција на некој што создава филм и нивните потенцијали како територии на нови колективитети. Нејзините дела се прикажувани и изложувани низ целиот свет. Кумјана е вонредна професорка на Одделот за документаристика и нефикција на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСКАК во Барселона, како и на магистерските студии за филм на Холандската филмска академија во Амстердам. Предавала креативен документарен филм и на студиите за филм „Филм фактори“ основани и водени од Бела Тар во Сараево. Живее помеѓу Скопје и Сараево.
Влад Петри исто така е ментор на работилницата. Влад е филмски режисер со голем интерес за политички и општествени теми. Има диплома по кинематографија (Букурешт, Универзитет за кино и театар) и магистер е по визуелна антропологија (Берлин, Слободен универзитет). Како режисер, тој често внесува лични слики покрај официјални архиви со цел да создаде филм што ја замаглува линијата помеѓу документарен и игран филм. Неговиот дебитантски филм „Каде си, Букурешт?“ е премиерно прикажан на Интернационалниот филмски фестивал во Ротердам. Неговиот втор долгометражен филм „Помеѓу револуциите“ премиерно е прикажан во програмата „Форум“ на Берлинскиот филмски фестивал, каде што ја освои престижната награда ФИПРЕСЦИ и освои селекции и награди на повеќе од 100 фестивали низ светот. Покрај долгометражните филмови, Петри има режирано и неколку кратки филма, кои се прикажани и наградувани на повеќе фестивали. Предавал филм на различни работилници и филмски школи во Романија и во странство. С.Ј.