Националната установа „Охридско лето“ го организира велигденскиот концерт „Воскресение твоје“ со женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ од Скопје. Концертот ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во црквата „Света Софија“ во Охрид.
„Св. Злата Мегленска“ преку своето 27-годишно континуирано работење стана хорски расадник и културен храм каде што со огромна љубов и посветеност ги поттикна и ги стави во функција сите хорски состави за афирмирање на православната хорска музика низ светот. „Св.Злата Мегленска“ во јавноста се промовира како културен амбасадор и реализатор на низа значајни меѓународни и државни фестивали, натпревари, концерти, предавања и слични настани од областа на хорската култура. Освен музицирањето и пријателското дружење, хорот се стреми кон подигање на патриотските чувства, будење на националната свест и негување на традиционалните вредности.
Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ од Скопје е формиран во 1996 година. Составен е од 22 женски вокали, од кои повеќето се млади академски образовани музичари и студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и од другите државни универзитети во Македонија.
Основачка, диригентка и уметничка раководителка на хорот е академската музичарка Летка Димовска Полизова.