• (Кон претставата „Слепци“ по драмскиот текст на Морис Метерлинк и прозата на Амин Малуф, во режија на Ќендрим Ријани и во продукција на Турскиот театар од Скопје. Главни улоги: Сузан Албелге, Хакан Даци, Јеткин Сезаир, Џенап Самет, Слаѓана Вујошевиќ и др.)

Секогаш кога го читаме Морис Метерлинк имаме чувство дека со неговиот текст тој се вовлекува во нашиот духовен живот како алегориска храна или, поточно, како симболистичка конвергенција со тлото на кое самите се измамуваме дека е нашиот сигурен простор и нашата егзистенцијална вертикала. Имајќи ја предвид „Сината птица“, нашите импресии од делото на овој симболист со заветено рацио се секогаш натопени со една дантеовска флуидност, но и наросени со патината на модерното време, кое секогаш сме во дилема од кое минато би го пресметувале. „Слепци“ е сепак алегориска дијалошка приказна, која има циклична драматургија што повеќе се рецитира отколку што се игра, кратка пиеса во која деперсонализираните ликови се модерни фигури на дезориентирани личности што стануваат слуги на стравот во оној момент кога свештеникот ги напушта. Изгубени, слепи, но и глуви, овие појави и сеништа се предаваат на статиката на неснајденоста и ни нудат слика на една многу блиска дистопија на која укажува Метерлинк, овој пат не посегнувајќи по мудроста. Но кон што посегнал во концепциска смисла младиот и талентиран режисер Ќендрим Ријани? Се чини по она на што Метерлинк веројатно најмалку помислувал: идентитетот. Инспириран од деперсонализацијата на сите ликови, Ријани гради претстава во која потрагата по идентитетската матрица станува голгота, но и патешествие, иако ликовите и во оваа претстава се напуштени од религиозниот водач за да се посветат на своите сеќавања, на една меморабилија што и ги заведува, но и ги разочарува. Влегувајќи во просторот што зрачи со вавилонска различност, простор во кој и публиката станува трагач по својата нафака, Ријани за момент нè одвлекува од нашата интима, од нашите ситни егоизми и нè наведува да размислуваме низ сондата на историската оправданост или неоправданост. Знаеме и ние, но знае и тој, дека минатото не е инструментариум на идентитетските определби, но овој концепт е посветен токму на слепоста, која секогаш, во сите политички констелации се спушта како долгорочен мрак поведен од минатото и политичките недоразбирања. Комаприрајќи ја слепоста од текстот на Метерлинк со слепоста не едно време во кое идентитетот е поле за политичка пресметка, Ријани во ова негово режисерско видување како трет и многу значаен слој ги вметнува личните приказни, кои се раскажуваат на три јазици и чија генерализација нѐ поведува низ едно мултикултурно патување, кое не само што освестува туку и ја надополнува колективната мудрост со љубов и духовна сличност.
„Слепци“ е претстава за промешувањето на духот и исполнувањето на празнината на идентитетските полемики. Покрај режисерскиот концепт, во оваа претстава импресионира и вулканот од актерска енергија на Турскиот театар. Колективниот имагинариум на актерите и актерките од Турскиот театар одушевува не само со својата воедначена актерска артикулација туку и со значенската маса што произлегува од говорните дејства совршено сплотени во ликовите што се изнедруваат и од нивната, но и од нашата лична историја. Овде ќе ги споменеме сјајните актерски партии на Хакан Даци, чија интерпретација на наивното момче што допрва треба да стане маж и личност е парадигматична, лик што стои наспроти трогателната и емотивна приказна на извонредната Сузан Акбелге, чија лична историја е показател за она што значи социјален и општествен немир, а чија актерска вертикала е една од најзначајните во претставата, па енергичната актерска исцртаност на младиот Јеткин Сезаир, кој импонираше со својата динамичност, а кога сме веќе кај динамичноста не можеме, а да не ја спомнеме Слаѓана Вујишевиќ, чиј актерски сензибилитет исто така ни донесе една безвременска лична приказна.

Тука е секако и Џенап Самет, кој својата физичка доминантност на сцената успешно ја метаболизира во лик на водач што е веќе на крајот од силите, актер што во оваа претстава особено успешно ги одигрува очајните мигови, но и огромниот напор да ја победи колективната слепост. Во другите улоги со навистина сјајна посветеност се појавија и: Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Емине Халили, Зубејде Али, Инес Радончиќ и Един Јакуповиќ.
Пулсирајќи низ каноните на режисерската поставеност, визуелниот аспект на оваа претстава подразбира многу индикативна шареноликост, составена од традиционални форми, но и од просторни индиции чија камерност и блискост со публиката ја отвораат и вратата на насушната сличност и симболичност. Одиграна во дворот на „Куршумли-ан“, оваа визуализација беше уште поимпресивно дополнета со костимите на Медина Хиџа и Маја Ѓуреска, чија, пак, временска диверзификација наведува на една друга сличност, а тоа е сличноста во борбата за личниот идентитет и разбивањето на изолацијата наметната од политичките превирања. Во таа насока е исто така и динамичната музичка илустрација на Емрах Џемаили, која се движи од тенките и лизгави звуци на достагата, па до бурните пасажи, кои како да излегуваат како искри од дејството и личните истории на ликовите.
Во својата книга есеи „Богатството на скромноста“, Метерлинк во еден момент ќе рече: „Сите ние живееме во возвишеното. Каде на друго место можеме да живееме? Тоа е единственото место на животот.“ Се чини токму затоа неговите слепци не се откажуваат од пронаоѓањето на вистинскиот пат, од одот по мракот сè до големата светлина. Оваа претстава преку симболизмот на Метерлинк, но и преку експресинистичките прозни сегменти на Амин Малуф, ја соочува бајковитоста со животните пресврти, но и среќата со искушението што во многу наврати нè наведува на тоа да помислиме дали нашиот идентитетски симулакрум треба да биде духовна посвета или е тој само жртва на политиката и нејзината доминација. Личните приказни на кои инсистира претставата фрлаат светлина на сè што значи внатрешна посветеност и интимна доверба и затоа претставата, носејќи ја со себе таа благородна парадигматичност, нè потсетува на тоа дека хуманоста многу лесно се заборава, а тешко е да ја имаме за водилка што ќе нѐ избави од сопствената заумна слепост.

Рецензија на Сашо Огненовски