Режисерот Бранко Ставрев за академик Митко Маџунков
Во времето кога Ацо Алексов беше ангажиран за режисер во новоформираната Македонска радио-телевизија, во театарот во Струмица неговото место го пополнував јас. Театарот успеа да создаде своја автентична физиономија и за кратко време интересот за него се прошири низ земјата. Своите први успеси ги постигна со претставата „Матуранти“ од Жозе Андре Лакур во моја режија, која ги доби сите награди (10) на Здружението на драмските уметници на Македонија. Следуваа наградите за најдобри претстави за „Тутунскиот пат“ од Ерскин Колдвел, „Смртта на Тарелкин“ од Сухово Кобилин, „Смеа низ сокаците“ од Кочо Урдин, „Трамвајот наречен желба“ од Тенеси Вилијамс, „Големата награда“ од Хектор Кинтеро, „Векутума века“ според текстови од Марко Цепенков. Тогаш се усвои идејата дека на театарот освен актери и режисери, потребни му се и писатели што ќе пишуваат пиеси според можностите на ансамблот и според потребите на публиката, и тоа на конкретната, струмичка публика. Новиот планиран подвиг беше како прославениот писател Митко Маџунков, кој во светот стигна тргнувајќи од својот струмички двор, да го придобиеме и за театарот. Сите знаевме колкава љубов има Маџунков за својот роден град, кој е присутен во неговата литература како ниеден друг град на светот. Како знак на признание, Струмица во два наврата му ја врачи наградата што ја доделува по повод Денот на нејзиното ослободување. Затоа и бевме убедени дека идејата да ни се придружи, ќе ја прифати без двоумење.
Маџунков не морав специјално да го запознавам
На нашата покана писателот одговори на тој начин што ја напиша пиесата „Големиот смок“ и не го испрати текстот по пошта од Белград, каде што живееше, туку го донесе лично, а со него и својата искрена подготвеност да се вклучи во реализацијата на пиесата. Пишувајќи за конкретни изведувачи во театарот, Маџунков најпрвин се обрати на актерскиот сензибилитет, кој како и слухот за музиката, е вродена способност. Во годините што следуваа поставив на сцена уште шест пиеси на Митко Маџунков: „Сенката“, „Пуста земја“, „Пат за Лихнидос“, „Чудо големо“ и „Вечна игра“, што е чест и привилегија за мене и за театарот „Антон Панов“ од Струмица, делумно и за Македонскиот народен театар од Скопје, каде што ја поставив пиесата „Мелница“. Треба да се има предвид дека Маџунков не е само писател туку и филозоф, историчар на уметноста, кој освен со уметност, на еден само нему својствен начин, се занимава и со наука, зашто нејзините дострели вешто ги ползува во своите дела за длабински анализи и оригинален потход кон едно поинакво светско устројство, кое моментно кулминира во неговото најново ремек-дело „Правта на библиотеките“.
Како режисер не можете да ги откриете повеќеслојните значења на одредена пиеса доколку не ја откриете личноста на творецот што го создала тоа дело, не го запознаете севкупното негово дело и не го проучите времето во кое настанало тоа дело. Јас не морав специјално да го запознавам Маџунков. За ранина го среќавав во дворот на жолтата гимназија, на маслиновото корзо, во киното „Балкан“ или на театар, во неговиот и мојот роден град. На време му ја почувствував дарбата, занесот, подготовката да се надрасне самиот себе уште во најраната младост. Често поминував покрај неговата куќа на пат кон блиски роднини, ја знаев црквата во која е крстен, книжарницата во чиј излог го здогледуваше Хомер, Толстој, Достоевски, Балзак или Чехов (книжарницата на Јоската), ја знам градската библиотека од која позајмуваше книги (Благој Јанков Мучето), сум го видел како седнува на првиот камен до библиотеката, нетрпелив да види има ли книгата што да му каже или ќе мора тој да ѝ кажува нејзе; заедно сме присуствувале, не еднаш, на реалити-спектаклите што на градот му ги приредуваше поројот зададен откај црквата „Свети Анаргир“, поплавувајќи сѐ што ќе му излезе пред него, го имам среќавано неретко во летната бавча на киното „Балкан“ како се спровира под филмскиот екран оптегнат на два столба, од кој Жан Лик Годар советува како „Да се живее својот живот“, или Федерико Фелини го претставува неповторливиот „Амаркорд“ или „Улица“. Сум го гледал на фудбалскиот стадион несреќен што Беласица ја надиграла Тиверија. Иако преправен и маскиран како да е друг, сум го препознавал како учесник на прочуениот древен струмички карневал. Го имам забележано меѓу гледачите на една од моите претстави во градскиот народен театар („Матуранти“), во која настапуваше и неговиот помлад брат Ристо, Ице, кој денес е ценет лекар во Торонто, Канада.
Некои режисери сакаа да го избркаат авторот од театарот!
Многу мои славни колеги сакаа да го избркаат писателот од театарот, а јас се радував што успеавме Маџунков да го придобиеме за театарот. Вековниот спор помеѓу оние што му придаваат позначајна улога на книжевниот текст и оние што ги афирмираат стојностите на претставата, за нас е решен со длабоката увереност дека театарската уметност е синтеза што ја сочинуваат писателот, режисерот, сликарот, дизајнерот на костимите, композиторот, актерот, осветлителот, тонецот, сценските мајстори, пропагандистот, директорот… На историјатот на секогаш присутниот спор меѓу книжевното дело и претставата потсетивме поради фактот дека драмските дела на Митко Маџунков содржат својства што по многу нешта се разликуваат од таканаречената „фрагментарна драматургија“, која беше широко прифатена во театарската практика на бившата држава, односно во времето кога го отворивме процесот за реализацијата на првиот дел на Трилогијата, „Големиот смок“ (1986), која продолжи со „Сенката“ (1987) и заврши со „Пуста земја“ (1989). Животно заинтересиран за судбината на своето драмско дело, авторот и лично се вклучи во процесите што текстот го пресоздаваат во жив театарски чин – претстава. Искусниот прозаист со младешка жар ги следеше исцрпувачките проби, често збунет од компликуваната атмосфера, која се разгоруваше во анализата на ликовите, за да се погоди точниот тон. Маџунков со голема страст им зборуваше на актерите за ликовите, нивните карактери, темпераменти, гестови, мимики. На почетокот актерите беа збунети, зашто театарот не познава практика на пробите, освен режисерот, да присуствува и авторот. Единствениот господар, одговорен за претставата е режисерот. На моменти состојбата се компликуваше дотаму што актерите отворено му префрлуваа на режисерот зошто воопшто дозволува да му се мешаат во работата. Убеден сум дека соработката со актерите и радоста што тие му ја приредија со претставите, направи да го прифати ризикот од луѓе, да не остане дома да живее сам, да не се уплаши од интерпретациите и да продолжи да создава сценски дела. Критичарите искажуваа свои согледувања за „Големиот смок“, „Сенката“ и „Пуста земја“, главно пофални, но читачот на критиките имаше скудни информации за тоа какви се всушност тие текстови, какви се тие претстави, кои се намерите на писателот, во каков амбиент се одиграни, каков е мизансценот, кои се дострелите на актерската игра, какво е времето на случувањата во неа, костимите, музиката и, воопшто, како е сценски прочитан текстот од страна на режисерот. Дали му бил премногу „верен“ на писателот, или го „изневерил“ во своја полза. Дали имал „нови видувања“ на текстот, или го пренел буквално на сцена. Инаку, сите драми на Митко Маџунков произлегуваат од неговите прозни дела. „Големиот смок“ настана од истоимениот расказ и расказите за Иљо М. „Пат за Лихнидос“ е нaвестен во расказот „Лихнидски очи“, а „Чудо големо“ се „роди“ од расказот „Прослава“, сите објавени во наградуваната збирка раскази „Убиј го зборлестото куче“. Пиесата „Мелница“ е дел од романот „Правта на библиотеките“, а неизведената пиеса „Портата на Леден“ од романот „Кулата на ридот“. Треба веднаш да истакнеме дека тие имаат, но и немаат некоја посериозна врска меѓу себе. Тоа говори во прилог на умешноста на авторот да се поигра со литерарните жанрови. Мене, како режисер на пиесите, таа оригинална постапка на Маџунков ми беше од огромна полза, зашто прозите ми помагаа да ги растајнам скриените значења на драмите.
Да се открие вечноста во сегашноста!
Во едно од своите многубројни интервјуа, Маџунков духовито забележува дека кога го прашале некој светски писател на што работи во моментот, тој изјавил дека се подготвува да стане бесмртен, па да замине од животната сцена. Јас во тој „некој“ писател го препознав токму него. Тој голем ум вечноста ја откри во сегашноста, а „кој ја видел сегашноста, тој знае сѐ“, тврди мудриот Боро Драшковиќ. Во претставите „Големиот смок“, „Сенката“ и „Пуста земја“, ансамблот на струмичкиот театар беше комплетен, зашто на платниот список имаше актери што можеа да изнесат на своите плеќи разновиден репертоар. По третата претстава, „Пуста земја“, ансамблот остана без неговите два столба: Александар Думов, „актерот со вроден логичен акцент и небесен дар“, како што ќе го нарече Маџунков, и Стојан Гогов, „кадарен половина час да зборува со чигар на дудако, тивко но јасно чујно“. Се простивме од нашите први учители по театар со песната „ќе се качам на коработ“, од која одамна беа одземени зборовите за сама да се преобрази во посмртен марш. Градската музика беше нашиот постојан соработник во претставите и за Велигденот за живите и за Задушницата на мртвите. Во тој оркестар настапуваа нашите добри другари, кои творечки се веселеa и тагуваа секогаш со нас. Никогаш нема да ги заборавам тие сериозни мажи што без проблем ни се придружуваа и во други претстави, но беа најнеразделен дел од „Вечна игра“. Заедно создававме музичко-поетска градација, која во „Големиот смок“ почнуваше од една виолина што го следеше животниот пат на домашниот Дон Кихот, Иљо М., во „Сенката“ прераснуваше во градски блех-оркестар, кој ја наткрилува музички целината, а во „Пуста земја“ кулминираше со Шопеновата Соната во Бе-мол. Сметам дека е јасно што и зошто, и овде е конечно време и вистинско место, со огромен пиетет да ги споменам имињата на Кирил Калапоцев, Љупчо Маџиров, Васил Чурлинов, Кире Лазаров и Алфред Вета, струмичките вљубеници во џезот и воопшто во музиката, кои често маршираа како светци низ нашите претстави. На една од најтажните проби на светот, кога се проштевавме од зградата на забранетиот струмички театар, тие во живо учествуваа во потресната претпремиера на „Големиот смок“, во која актерскиот мајстор Александар Думов, поради болест, се збогуваше од улогата на Иљо М., предавајќи му ја во трајно наследство на својот ученик Мите Грозданов, кој достоинствено и посветено влезе во неа за никогаш да не излезе од истата таа. Беше тоа величествен миг, во кој се делевме од просторот во кој триумфираше нашата младост, местото каде што духовно се родивме, стекнавме имиња и се сродивме со големите мајстори на светската театарска мисла Шекспир, Молиер, Чехов, Лакур, Вилијамс, Колдвел, Сухово Кобилин, Арбузов, Ками, Милер, Кинтеро, Држиќ, Роксандиќ, кои станаа државјани на малиот град-држава. На опустошената сцена, која сега служеше како магазин за театарското бифе, беа наредени неколку гајби шишиња од пиво, вино, коњак, кои екипата во налет на бес и гнев ги парчоса, зашто некој принудно, со декрет, нѐ иселува од храмот во кој до вчера молитвевме и палевме свеќи за духовно здравје, наше и на нашите верни гледачи.
Уметноста како спас од тешката болест наречена стварност!
Новата игра продолжи четири години подоцна, во 1993 година, кога Митко нѐ израдува со нов текст. Тоа беше драмата „Пат за Лихнидос“, работена според познати мотиви, како што ја најави самиот. Во неа беа одредени задачи за актерите од помладата генерација. Тодор Биков и синот Бичето беа напишани специјално за Ване Мељев. Александро за Крсте Јовановски, Верѓа и ќерката Ленче за Зора Георгиева, Дебелиот Станко и Торлаков за Кирил Зравески, Станка, жената му, за Тинче Ристевска, Близначката за Мариета Гуциева и Валентина Проданова, доктор Трендафилов за Ванчо Крстев, доктор Арпаџиков-Марулски за Бранко Бенинов, Очето за Кире Георгиев. Праизведбата беше планирана во рамките на манифестацијата „Дојрански ракувања“ и беше посветена на 45-годишнината од основањето на струмичкиот театар. Посакав „Пат за Лихнидос“ да се случи во урнатата црква што постепено ќе се обновува со претставата, но забраната дојде уште пред да почнат подготовките, и признавам дека бев многу скосен поради тоа. Забраната, за жал, ја потврдуваше болната стварност за која стануваше збор во новата пиеса на Маџунков, а која се обидувавме да ја надраснеме со претстава. Зарем може да биде точна констатацијата дека примитивизмот е постојано подготвен да се восхитува на себеси? Зарем лудилото што го зафати светот навистина ги надвишува книжевните и театарски вистини? За среќа, последната Исусова реченица изречена на Голготата, отсекогаш ја сметав за едно од најбазичните наравоученија, па наместо со горчина, атмосферата ја наситивме со радост од творештвото. Сенека зборуваше дека гневот е творец, и ние се обидовме гневот да го преобразиме во енергија што ќе поттикне жив процес преку кој ќе покажеме дека уметноста може да биде спас од тешката болест наречена наша стварност. Шетавме ноќем вознемирени со Маџунков, зборувавме без зборови на брегот во близината на илјадагодишните јавори, се влечкавме низ мракот до пределот Мрдаја, до местата во кои ги оставивме нашите детства и ја мемориравме жалната македонска историја, во која постојано се сопкавме самите. Не е исклучено дека идејата за ранетата природа во која ќе се одвива дејството на претставата произлезе од таа наметната емоција. Одненадеж бела газа ги обвитка зелените дрвја, шарените цвеќиња, огнови букнаа крај водата, сѐ се претвори во диспанзер, во санаториум, темен вилает од кој ќе тргне расклатениот автобус товарен со ученици екскурзијанти, меѓу нив последниот болесник од Диспанзерот Торлаков, распопот Очето, сестрата близначка, наставникот по цртање Александро и тажно-веселите приказни и анегдоти по Патот кон Светлината. Да не го заборавиме и чудесниот сопатник – хуморот, мајтапот којшто извира од односите меѓу патниците, кои и не забележуваат дека зад воланот седи полуслеп возач, пресреќен што еднаш поминал преку цело стадо овци што му се нашле на патот. Хуморот, онаков каков што го подразбира Маџунков, а кој е присутен и во најтрагичните мигови во неговите сочиненија, сите со ред, за состојбите да бидат издржливи, како што би рекол тој, го чувствувам толку близу, што во разговорите со него без да се трудиме внесуваме повеќе смеа одошто печал. Тој така својски се смее што ме повлекува во позитивни предели и мене.
Блаже Миневски