Марвин Енхолт, германски режисер
Марвин Енхолт е германски режисер, а „Планета на овците“ е неговиот нов документарен филм, чија премиера беше дел од фестивалот на европски филм „Синедејс“. Филмот е реализиран во копродукција меѓу германската продукциска куќа „Берлин продусерс“ и македонската продукција „Трајс филмс“, односно Атанас Георгиев се потпишува како копродуцент на документарниот филм. Филмот ја обработува најсензитивната тема на денешницата – зачувување на природата и негување на природните капацитети на планетарно ниво. Раскажан низ хумор и топлина, овој документарец ја истражува нераскинливата 11.000-годишна врска меѓу човекот и овцата.
Што ве иницира да се фокусирате токму на овие животни?
– Ги сакам овците од дете. Тоа можеби не е нешто посебно, затоа што сите деца ги сакаат овците. Но прашањето е, зошто токму нив, зошто е тоа така? Мислам дека тие шират пријателски дух, смиреност и релаксација и нѐ повикуваат да ги запознаеме. Не попусто во Германија има зоолошки градини за галење овци, каде што градските деца можат да ги видат овците одблизу, да ги допираат. Еден од научниците што го интервјуиравме за филмот вели дека човекот ја сака природата, но бидејќи нескротливата природа го плаши, тој пред сѐ ја сака скротената природа. А овцата е врвен пример за скротена природа. Таа е животно и го живее својот овчешки живот, но сепак е блиска со човекот и свртен кон него. Сакам да го искористам филмот да ѝ го посветам вниманието на овцата што таа го заслужува. Се надевам луѓето ќе ја сфатат вредноста на животните, не само како милениче, порција јадење или снабдувач на млеко, туку и како пионер на нашата цивилизација, која би се развила многу поинаку без овците.
Каков свет сакате да прикажете во „Планета на овците“, колку време истражувавте?
– Идејата е да прикажеме колку е универзална овцата и дека се чувствува дома на сите континенти на земјата и може да се приспособи на сите можни услови за живот. Можеби е најприспособливо суштество, речиси сигурно најприспособливиот цицач што го познаваме. Сакам да прикажам како луѓето и овците живееле заедно до денес и колку човечкиот живот сè уште зависи од овците на многу места – во многу различни култури и животни средини, без разлика дали се во Европа, Азија или во Африка. Кога почнав да истражувам за нив, пред пет години, имаше многу работи што и самиот не ги знаев и открив дека има многу повеќе да се каже за овците отколку што успеавме да најдеме простор во нашиот филм.
Една милијарда овци живеат на планетата. Според вашите прогнози, каков животен век им претстои?
– Се надевам дека ќе продолжат да живеат во релативна слобода во природата, а не во интензивно сточарство како во Кина. Мислам дека овците и во иднина ќе бидат составен дел од животот на многу луѓе. Тешко е да се каже бројка, но со милијарда животни не би го намалил бројот на луѓе што зависат од нив. Можеби ќе има сосема нови облици на соживот меѓу луѓето и животните ако барем во западните општества се зголеми тенденцијата кон руралниот живот и се формираат задруги, како во нашиот филм во Шпанија, во кој товарот на работата е распределен преку неколку рамена.
Каква порака праќате до публиката со филмот?
– Би сакал да ги зачудам и позитивно да ги изненадам луѓето што го гледаат филмот и да им ја пренесам фасцинацијата што овие штедливи и пријателски настроени животни ја имаат за мене. Би бил среќен кога би можеле да ја издигнеме свеста за тоа дека овците му служат на човештвото илјадници години.
Сепак, овците и овчарството полека замираат, како може да ги спасиме?
– Овчарството денес е напорна професија што дава малку принос. Малку се луѓето што сѐ уште сакаат да го работат тоа. Значи, постојат две рачки што треба да се повлечат: заработката мора да се подобри или работата да стане помалку напорна. Последново може да се постигне ако се работи во задруги, а не само еден овчар и неговото семејство да бидат тука за животните 24/7 и 365 дена во годината. Затоа, тоа мора да се направи со зголемување на вредноста и цената на производите, а барем во ЕУ тоа би можело да се направи преку субвенции сѐ додека пазарот не функционира саморегулирачки. Не станува збор за финансирање на неколку овчари, туку за одржување на културата, чие згаснување би имало и далекосежни последици за нашите предели. На пример, овците придонесуваат за спречување пожари со одржување кратка вегетација, односно со пасењето, што не треба да се потцени. Услуга што треба да ја цениме во услови на климатски промени.
Би било ли човештвото таму кај што е денес, доколку не би биле овците?
– Сигурно не. Тешко е да се одговори на сценаријата „што ако“ или „што ако не“: придонесот на овците во развојот на човечката култура е огромен. Дали викинзите би можеле да ги преземат своите походи на освојување без волнените едра на нивните бродови? Дали војниците на Римската Империја би ја зазеле цела Европа без доволно облека за десетици илјади војници? Иако ова се примери за војување, во кои придонеле овците, тоа секако не е вина на животните. Тие им помогнаа на општествата да растат во текот на историјата, бидејќи тие беа непобарувачи, лесни за одгледување и сигурен извор на храна. Тие, исто така, овозможија трговија на долги растојанија, бидејќи тие самите патуваа по трговските патишта и беа нераспадлива стока. Тие станаа универзална валута што имаше и употреба. Латинскиот збор за пари, „pecunia“, доаѓа од зборот „pecus“ за добиток. Најчеста стока во тоа време била овцата, која во Италија и денес ја нарекуваат „пекора“. Згора на тоа, овците оставиле цели површини пасишта голи, како во Шкотска. Секако не е славно дело, но повеќе да се обвинуваат луѓето, кои ненаситно вложувале во тој бизнис за да си го наполнат џебот и да продадат што повеќе волна. Значи нашиот свет речиси сигурно би изгледал многу поинаку. Колку точно е тешко да се каже. Во секој случај, овците што љубопитно те гледаат кога ќе ги сретнеш би ги немало.