Тешко е да се процени вредностa на едно ремек-делото. Колку би чинела „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи, на пример, кога би била на продажба? Најголем дел од делата на познатите сликари денес се во музеи, како „Лувр“, „Ермитаж“ и „Прадо“, а за мошне мала сума пари можат да се видат во текот на целата година. Некои дела на познати сликари, сепак, сè уште се во рацете на поединци, па поради тоа на уметничкиот пазар понекогаш може да се слушне за дела на сликари како Сезан, Рембрант, Климт и други великани на сликарството. Токму делата на овие и други уметници со слична репутација достигнуваат астрономски цени на аукциите. Ова се петте ремек-дела на сликарството што се најскапо продадени.
5. Џексон Полок – „Број 17А“ (1948)
Полок е еден од водечките претставници на апстрактниот експресионизам од средината на 20 век. Тој ги создал своите најпознати дела користејќи ја техниката капка по капка, создавајќи на тој начин хаотични композиции од бои, линии и шари. Оваа слика е создадена во 1948 година, а следната година се појавила на насловната страница на списанието „Лајф“, што му донела голем публицитет на Полок. Денес е во сопственост на Кенет Грифин, богат менаџер и косопственик на фондот „Цитадел ЛЛЦ“.
Цена: 200 милиони долари
Датум на продажба: септември 2015 година
4. Пол Гоген – „Кога ќе се омажиш?“ (1892)
Во 1891 година, францускиот сликар Пол Гоген тргнал на Тахити во потрага по „поискрена форма на уметност“. Две години го обиколувал овој остров и за тоа време насликал некои од неговите најголеми ремек-дела, кои најчесто прикажуваат пејзажи и жени што живееле таму. На сликата „Кога ќе се омажиш?“ се претставени две девојки како седат на тревата. Жената во преден план е облечена во традиционална носија, додека девојката зад неа носи модерна западна облека од тоа време. Првата девојка има цвет до ушите, што многумина го сметаат за знак дека бара сопруг.
Цена: 210 милиони долари
Датум на продажба: септември 2014 година
3. Пол Сезан – „Играчи на карти“ (1894–1895)
Сезан е еден од највлијателните сликари досега. Како претставник на постимпресионизмот, тој постигнал клучно влијание врз развојот на фовизмот, кубизмот и другите современи текови во сликарството од почетокот на 20 век. Пикасо рекол дека тој е неговиот единствен пример, а Матис го нарекол „татко на сите нас“. Во текот на последната деценија на 19 век, францускиот сликар направил серија од пет слики на кои прикажува играчи на карти. Последната слика од оваа серија беше продадена во 2011 година на кралското семејство на Катар.
Цена: 250 милиони долари
Датум на продажба: април 2011 година
2. Вилем де Кунинг – „Размена“ (1955)
Холандско-американскиот сликар Вилем де Кунинг во текот на својата кариера создавал и апстрактна и фигуративна уметност. Неговата слика „Размена“ спаѓа во првата група. Ја насликал со брзи потези на четката, а сликата содржи, типично за него, површини обоени главно во бела, жолта и црвена боја. И оваа слика ја поседува Кенет Грифин од 2015 година.
Цена: 300 милиони долари
Датум на продажба: септември 2015 година
1. Леонардо да Винчи – „Салватор мунди“ (1500)
На сликата Исус Христос е прикажан во ренесансна облека со кристална топка во левата рака. Многу експерти веруваат дека ова одамна изгубено дело на Леонардо да Винчи е создадено околу 1500 година. Други тврдат дека големиот мајстор насликал само некои детали на оваа слика. Кога сликата се појави во јавноста во 2005 година, на многумина им се чинеше дека е дело на следбениците на Леонардо. По реставрацијата се заклучи дека тој речиси сигурно учествувал барем делумно во нејзиното создавање. Сликата е купена на аукција во 2017 година од Министерството за култура и туризам на Абу Даби, но многумина мислат дека нејзиниот вистински сопственик е саудискиот принц Мухамед бин Салман.
Цена: 450,3 милиони долари
Датум на продажба: ноември 2017 година