Досега филмот го видоа околу 50 луѓе, сега со онлајн проекциите и со Берлин веројатно и многу повеќе. Имаше различни мислења, но она што е унифициран став на сите е дека направивме филм за широка публика. Ведра и весела акциска комедија, без многу помпезност, но пак со многу шарм и карактер, вели Димитар Оровчанец за својот нов филм „Убиј ги прво децата“, прикажан неодамна на Европскиот филмски маркет на престижното „Берлинале“
Димитар Оровчанец, режисер и сценарист
Некако тивко, без многу помпа, во медиумите се појави кратка вест дека вашиот нов филм „Убиј ги прво децата“ имаше проекција на Европскиот филмски маркет во рамките на престижниот филмски фестивал во Берлин. Прво вашите впечатоци од настанот, а потоа и накратко зошто беше толку слабо покриен маркетиншки?
– Откако знам за себе посетувам филмски фестивали колку што можам, без разлика каде се и од која категорија се. Сакам да гледам филмови; секакви, од нискобуџетните „Б“ слешер хорори на Лучио Фулчи до најпоетичните драми на Тарковски. И заради тоа одам на фестивали, за да гледам филмови. Во Берлин за првпат бев на филмски маркет од толку грандиозен статус и на толку високо ниво. Но не бев таму за да гледам филмови, туку да го презентирам мојот филм и заедно со продуцентот да се обидеме да го продадеме за што е можно поголема публика. За првпат бев „од другата страна“ и стекнатото искуство е бeсценето. Многу работи ми се сега појасни во однос на филмската индустрија. Инаку, не е дека беше слабо покриен маркетиншки, воопшто не беше покриен маркетиншки! Немаше потреба да „се фалиме“ дека филмот ќе ни биде прикажан на ЕФМ. Тоа не е проекција за јавност, ниту е од компетитивен тип, туку е платена проекција за филмски професионалци, агенти за продажба, дистрибутери, продуценти… Исто така, филмот сѐ уште е во работна фаза. Можеби не фали многу за да се комплетира, но не е готов. Има мали работи што треба да се доработат, а малите работи прават голема разлика. Кога ќе го затвориме филмот во следниве две-три недели, тогаш ќе се фокусираме на неговата промоција. Има време пред да биде прикажан за македонската јавност, така што, сѐ во свое време.
Колку е значајно тоа што Агенцијата за филм закупи проекција на филмот на „Берлинале“, што добива еден филм со овие проекции?
– Мене ми е многу драго што Агенцијата одлучи да закупи проекција на ЕФМ за нашиот филм и благодарен сум им на сите таму. Зошто го одбрале токму „Убиј ги прво децата“ е прашање за Агенцијата за филм. Предностите што ги носи една ваква проекција е тоа што филмот има можност да биде виден од луѓе што понатаму можат да го промовираат и/или откупат. Но предизвик е воопшто да ги донесете тие луѓе на проекција. Секој ден има стотина прикажувања од ваков тип. Јас имав среќа што ми е продуцент Атанас Георгиев, инаку член на АМПАС („Академи оф моушн пикч артс енд сајенсис“), кој преку своите контакти успеа уште десетина дена претходно да ги покани вистинските луѓе. За среќа, не бевме со празна сала, како што многу често знае да биде на овие проекции. Во соопштението до медиумите се наведува дека филмовите прикажани на маркетот во Берлин добиваат можност да се претстават пред 2.000 професионалци од 110 земји во светот и да бидат откупени или селектирани на некои од филмските фестивали… Па, има ли и, ако има, какви се ефектите од проекцијата во Берлин досега?- Ова е прашање за продуцентите. Јас ќе се обидам да ви одговорам накратко и од мој аспект. Нашата цел беше да најдеме агент за продажба што потоа би направил стратегија за промоција и продажба на филмот, вклучувајќи и учество на потенцијални фестивали. Се запознавме со многу луѓе, но уште повеќе избраа да го гледаат филмот онлајн наместо на проекција (како што е најчестата практика последниве години). Таа активност сѐ уште трае. Таму на самото место имавме неколку понуди, но додека не ги видиме сите опции нема да носиме никакви одлуки.
Јавноста малку знае за вашиот нов филм, прв игран долгометражен, „Убиј ги прво децата“, во продукција на „Трис филмс“. Може ли да ни откриете нешто повеќе за приказната, снимањето, екипата, процесот низ кој поминавте?
– Ова е мој прв наративен долгометражен филм. Претходно имам еден долгометражен документарен филм од 2003 година. Секако, речиси и не е споредливо. „Убиј ги прво децата“ е акциска комедија. Приказната, односно сценариото, се случи многу набрзина. Ја напишав за еден месец. Не беше тешко со оглед на тоа што сите карактери, дијалози и случки ми беа познати; на некои сум бил сведок, а некои пак се анегдоти што ми биле прераскажани. Јас само најдов начин да ги спојам во сценарио. Накратко, тоа е приказна за тројца тинејџери, една надмена балерина, нејзиниот лудо вљубен дечко и неговиот луциден најдобар другар со украден пиштол, кои во едно деноноќие заглавуваат во најтемните лавиринти на криминалното подземје поради погрешно земен телефон, кој содржи компромитирачко видео. Филмот е сниман исклучиво во Скопје, со целосно македонска екипа, а продуциран е од „Трис филмс“ и „ДМФ филмс“, кои всушност ја реализираа продукцијата. Со еден-два исклучоци, сѐ се тоа луѓе со кои сум соработувал претходно. Имав прекрасен каст со високоталентирана актерска екипа и се надевам дека ќе се гордеат со филмот колку што и јас се гордеам со сите нив. Со оглед на буџетот, моравме да снимаме брзо и ефикасно. Да немав така подготвени актери и вредна екипа, немаше да стигнеме да го снимиме филмот само за 25 дена. Ова е македонски – скопски филм. Дури и саундтракот е исклучиво македонски, каде што Ел-Ди Пистолеро и диџеј Гоце ни направија песна специјално за филмот. Секој што ќе дојде да го гледа ќе ги препознае ликовите, местата, муабетите, хуморот, музиката… Во Берлин најдраго ми беше тоа што и странците се смееја речиси на истите драматуршки фрази како и нашата тест-публика, која го гледаше филмот во различни работни верзии, а за време на монтажата на филмот. Од туѓо искуство знам дека е филм што се гледа двапати, со пуканки и весело друштво.
Какви ви се плановите во врска со прикажувањето, кога и каде ја планирате домашната премиера, или можеби некои фестивалски претставувања?
– Како што спомнав претходно, сѐ уште чекаме да видиме што ќе се договориме како исход на проекцијата во Берлин. Потоа ќе направиме стратегија за иднината на филмот. Она што е сигурно е дека многу наскоро ќе го финализираме филмот и ќе имаме затворена премиера. А за македонската јавност ќе имаме премиера подоцна во годината. Ќе видиме, рано е да се каже.
Се потпишувате како сценарист и режисер на краткометражни филмови, ТВ-реклами, кампањи, документарни филмови, музички спотови, телевизиски документарни филмови, ТВ-емисии…. Ова е ваш прв долгометражен филм. Тешко ли беше да се реализира првенчето?
– Јас професионално се занимавам со филм и видеопродукција уште од студентските денови. Имам многу багаж зад себе, многу различни искуства. Од друга страна, кога уживате во процесот на реализација, од подготовки до монтажа, како што уживам и јас, не само што не е тешко „туку и на радоста ѝ нема крај“, додека трае процесот. Најсреќен сум кога снимам и реализирам, така што воопшто немав тешкотии да го сработам филмот. За жал, од причини познати само мене, задоцнив со дебитантскиот филм приближно 15 години. Но, кој да брои наназад или пак да бара причина за „веќе истурено млеко“. Она што ми е мене важно е овој филм да ми отвори врати за уште многу идни проекти. А јас имам уште многу приказни за раскажување.
Какви се досегашните критики или впечатоци од оние што имале можност да го погледнат филмот? И колку ви е важно мислењето на колегите, публиката, блиските…?
– Досега филмот го видоа околу 50 луѓе; сега со онлајн проекциите и со Берлин веројатно и многу повеќе. Го гледаа мои блиски колеги режисери, сниматели, монтажери и уметници, како и таргетирана тест-публика. Како и за што било друго, имаше различни мислења, но она што е унифициран став на сите е дека направивме филм за широка публика. Ведра и весела акциска комедија, без многу помпезност, но пак со многу шарм и карактер.
Не би сакал кинематографијата да ни заличи на некоја туѓа
Во врска со „Берлинале“, колку е важно за нашата кинематографија да биде присутна на големите фестивалски случувања во светот на филмската индустрија? И зошто најчесто стигнуваме само до штанд на фестивалските маркети, а не и до филмови во програмите, уште поретко во компетиција?
– Не се согласувам со вас. Македонија е мала земја со многу мали буџети за филм и уште помалку професионални филмски работници. На сето тоа, последниве седум-осум години имавме филмови на Санденс, Венеција, Берлин, Кан, Слемденс и каде сѐ не. Имавме и филм со две номинации за „оскар“. Ако се земе предвид бројката на снимени филмови во овој период, па и не изгледаме толку лошо. Моето мислење е дека треба повеќе да се инвестира во нови автори што ќе прават македонски филмови, со македонски теми, а за интернационална публика. За жал, забележувам тренд на сѐ повеќе „ангажирани“ филмови што обработуваат и промовираат за нас непознати ставови и идеи, глумат дека се во потрага по некаква социјална правда, а не се занимаваат со македонски теми, ликови и приказни. Тоа не се искрени филмови, без разлика дали одат по фестивали. Тоа се веќе заборавени филмови што пополнуваат простор и агенда. Не би сакал кинематографијата да ни заличи на некоја туѓа туку да продолжи да се формира во свој правец и со наши вредности, без разлика што сме толку мали и нѐ има толку малку.