Филип Грбиќ, српски писател

Сашо Огненовски

Филип Грбиќ е еден од најзначајните млади српски прозаисти, добитник на две големи книжевни награди во Србија, „Милош Црњански“ и „Бранко Ќопиќ“. Овие денови излезе од печат неговиот роман на македонски јазик „Прелест“ во издание на „Перун артис“ од Битола, со поддршка на програмата РЕАД – Регионална мрежа за културна разноликост.

По вашите романи се гледа дека инспирација ви е амбисот на современиот живот. Дали современиот, хедонистички и грешен 21 век јури во пропаст и дали останала уште малку човечка вредност?
– Празните приказни за вредностите им ги препуштам на проповедниците и политичарите, а мене ме интересира загатливото присуство на убавината во самиот процес на пропаѓање. Отсекогаш ме погодувало тоа изобилство на возвишеното и катарзичното во феноменот на пропаста. Хомеровата „Илијада“ започнува со ламент поради моралното ослабување на Ахил, по кое онолку прекрасни јунаци станале храна за мршојадците. Во Србија поразот по Косовската битка стана референтна точка наспроти која се врши периодизација на народната епска поезија. Косовскиот пораз стана политички идол. Да го земеме предвид христијанството. Колку уметници биле вдахновени од појавата на пропаста на живиот Бог на крстот? Пропаѓаат боговите, пропаѓаат луѓето и градовите, а уметноста во тоа го пронаоѓа изобилството на трагичната убавина.

Зошто вашите главни ликови се очајници што се борат со несреќите на современиот живот, со духовните метастази и безизлезните ситуации што ги создаваат збунувачките политики на транзитивните општества?
– Наспроти мислењата што преовладуваат во одредени академски кругови, пишувањето не допира до длабочините со помош на претенциозните, опскурни и криптични формулации, туку благодарејќи на внатрешниот склад и на радикалноста на идеите во чие светло е возможно да се разбере смислата на литерарниот текст. Очајот на моите книжевни ликови може да се интерпретира како болка поради непроживеаниот живот. Кога велам дека животот е непроживеан, не мислам само на невротичните инхибиции и блокади, туку и на онтолошката неурамнотеженост на луѓето, кои во овој историски момент, полесно и побрзо отколку кога било испаѓаат од композицијата што ја нарекуваме секојдневие. Традиционалните ориентири, како семејството, училиштето и црквата се растргнати со длабоки, глобални, технолошки трансформации, па ја изгубиле моќта да го прекинат стрмоглавењето на духот, толку карактеристично за нашиот век.

Мислите ли дека станува збор за модерна апологија на човечката пропаст, која не е дел само од овој дел на светот, и Мишел Уелбек зборува за надоаѓачката хипокризија што овде ја сфаќаме како општествен и политички рај наречен Европска Унија?
– Во име на зачувувањето на нарцистичката претстава за себе, Европската Унија ги држи балканските земји во вечна чекалница, зашто веќе одамна се истопила довербата на европските народи во тоа таа организација да симболизира правна сигурност, економска благосостојба и висока култура. Меѓутоа, ако го споредиме евроентузијазмот на Украина со повеќедецениското тормозење на балканските земји на европскиот пат, ќе се излезе дека ние, за разлика од Украинците, сме цинични или реалистични, зависи како гледате на тоа. Но подобро да зборуваме за Уелбек. Поминаа речиси три децении од излегувањето на неговиот прв роман. Оттогаш се промениле многу нешта во геополитичка смисла, но не се променија главната тема и основниот тон на неговата книжевност – невозможноста на љубовта во хедонистичкото, пермисивно општествено опкружување.

Евидентно е вашето големо познавање на историјата и филозофијата, но дали сте помислиле да се свртите и кон вистинската историја во време кога духовите од минатото во овие краишта се интерпретираат крајно ригидно и необјективно?
– Постојат историски епохи што го привлекуваат, така да кажам, научникот во мене. Да речеме, буењето на дивергентните верски и филозофски пракси во 3 век, кога царството се наоѓало во тешка политичка и економска криза. Околностите под кои паганската филозофија, во својот најраскошен и систематски вид, новоплатонизмот, почнала да го губи влијанието пред експанзијата на христијанството, се нешто што не престанува да ја побудува мојата волја да се занимавам со историските и теориски документи од времето на доцната антика. Платонизмот не е победен, но на некој начин е крстен и тој факт ја одреди подоцнежната судбина на Европа.

Како млад писател дали можеби понекогаш сте помислиле да се испробате и во другите книжевни родови: поезија, драма, расказ?
– На прагот сум од четириесеттата. Се прашувам, до кога човек може да ја ужива репутацијата на „млад писател.“ Видот и обликот на моите ракописи ги одредува содржината, односно тематскиот склоп, основното расположение, карактеризацијата на ликовите, односно, просторот што им е потребен за да се „размавтаат.“ Исто така, тука постои еден елемент на произволност што мора да биде спомнат – непосредните принуди на секојдневниот живот неизбежно ги форматираат моите текстови. За плодно творештво и погрижлива работа врз детаљот, потребни се доволно долги периоди на изолација и слободно време.

Романот „Прелест“ е пред македонската читателска публика, успешен е и вашиот дебитантски роман „Руминации за претстојната катастрофа“. Дали да очекуваме трет роман и со што ќе се занимава тој во тематска смисла?
– Во четвртиот чин на Едип во Колон на Софокле хорот објавува дека „најдобро е да се биде нероден“. Истата поетска мисла ја наоѓаме и кај Теогнид од Мегара. Благодарејќи му на Ниче, дознаваме дека оваа идеја е изрично формулирана веќе во елинскиот фолклор. Во својот нов роман ги истражував животите на луѓето што го присвоиле ова гледиште.

Каде е српската книжевност на европската и на светската книжевна мапа и дали е доволно преведувана на други јазици?
– Не сум погоден соговорник за таа тема, затоа што не се интересирам доволно за современата српска книжевност. Имам впечаток дека со изборот на теми и начинот на обработка на истите тие сме се изместиле во длабоката периферија на светската книжевност. Емил Сјоран пред крајот на животот тврдел дека на Балканот не му недостигаат таленти, напротив, се случува овде-онде дури и понекој блесок на генијалност, но за разлика од големите култури, нам на Балканот ни недостига континуитет. Писателите, поетите и филозофите немаат доволно дисциплина во читањето и работата, а можеби немаат ни доволно смелост за да се вклучат во најважните дискусии на нашето време.