Во годината на големите јубилеи на великаните, 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков, 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, и во годината кога Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје прославува голем јубилеј – 75 години од основањето, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ во Скопје ја организира Четвртата зимска школа, која ќе трае пет дена, до 26 јануари.
– Радува фактот што годинава, со нов концепт и со проактивност, поттикнавме огромен интерес за македонистиката во светот. На Зимската школа ќе учествуваат 81 семинарист од целиот свет, а импресивна е палетата на учесници од 21 земја: НР Кина, САД, Австралија, Германија, Франција, Турција, Полска, Словенија, Чешка Република, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, НР Кореја, Јапонија, Хрватска, Србија, Руската Федерација, Украина, Италија и Тајланд – вели директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Кристина Николовска
На свеченото отворање се обратија Биљана Ангелова, ректорка на УКИМ, Александар Скепаровски, проректор за меѓународна соработка, и Кристина Николовска, а пленарно предавање за Свети Климент Охридски одржа Димитар Пандев.
– Горди на традицијата и на името на патроните на нашиот Универзитет, големите мисионери на сесловенската писменост и култура, во годината кога славиме јубилеј 75 години од основањето на Универзитетот, ги отвораме вратите на македонистиката кон македонистите од целиот свет. Меѓународниот семинар при УКИМ е реномирана матица и активен расадник на македонистиката во светот, којшто својата дејност ја развива преку 11 македонистички лекторати во девет земји – рече ректорката Биљана Ангелова.
Според Ангелова, семинаристите што со прекрасен ентузијазам чекорат по скалите на македонистиката претставуваат светилници на македонистиката во светот. Таа им се заблагодари што со децении ја умножуваат, шират и застапуваат македонистиката насекаде низ светот преку лингвистичка, книжевна, културолошка и преведувачка дејност.
Годинава програмата на Четвртата зимска школа има нов концепт, многу новитети и богати содржини. Семинаристите ќе работат во две секции: јазична и литературно-културолошка (со преведувачка работилница). Покрај лекторските вежби, за првпат има и предавања по македонска книжевност и култура од еминентни професори.
– Мисијата на македонистиката е наш врвен завет, предизвик, наш влог во иднината и најсуштинска потврда на идентитетот. Оти Меѓународниот семинар – сме сите. И оние од чии училници низ светот се раѓа, умножува како писание или како реч македонистиката – јазична, книжевна и културолошка, од сегашните и идни македонисти, семинаристи што сонуваат да бидат учесници на култната и славна Летна школа којашто секоја година се одржува во Охрид. Семинарот е преплет на енергии, синергија, а тој искрен ентузијазам на македонистите заслужува и поширока поддршка. Зимската школа е раскошно јазично, книжевно, културолошко и препевно македонствување. Од денес – сиот свет ќе стане огромна македонистичка училница во која ќе се слева македонскиот прозбор – рече Николовска.
Курсот за македонска книжевност и култура годинава е со нов концепт, кој ќе овозможи поширока палета содржини, како што се предавања од: средновековната книжевност, народната книжевност, македонскиот 19 век, современата македонска поезија, кулутрологијата и популарната култура. На преведувачката работилница ќе се работат препеви на поезијата на великаните Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски, од кои потоа ќе се печатат два зборника поезија со кажувачки. Програмата предвидува и средби со врвни македонски писатели: академик Влада Урошевиќ, Јордан Плевнеш и Венко Андоновски, како и со младиот талент Македон Димитровски. В.Д.