Вечерва, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи својот велигденски концерт насловен „Per Aspera ad Astra“ („Низ трње до ѕвездите“). На концертот за првпат ќе биде изведена „Голема миса“ во Це-мол, вокално–инструментално ремек-дело на Волфганг Амадеус Моцарт. Диригентка е Ребека Тонг од Индонезија, а како солисти ќе настапат сопранистките Милена Арсовска и Гонца Богоромова Краповски, тенорот Благој Нацоски и басот Игор Дурловски. Настапува и хорот „Едикт“ од Ниш.
Маестра Ребека Тонг е матична диригентка на Симфонискиот оркестар на Џакарта и уметничка директорка на Ансамблот за современа музика во Џакарта. За време на студиите работела како асистентка во Филхармонискиот оркестар на Би-би-си и со Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул. Соработувала и со „Манчестер камерата“. Во сезоната 2020/2021 година дебитирала со Оркестарот на Париз, Францускиот оркестар на Националната опера, оркестарот „Моцарт“ од Париз… Во 2019 година ја добива наградата „Таки“, која ѝ овозможува блиска соработка со американската диригентка Марин Алсап.
Гонца Богоромова Краповски е уметница што своите достигнувања успешно ги афирмира на домашната и меѓународната концертна сцена како една од најистакнатите вокални уметници од помладата генерација на солисти во нашата земја. Како изведувач, таа остава силен впечаток со обемот на репертоарот, кој вбројува дела од периодот на барокот, класицизмот, романтизмот и современата музика на 21 век, и важи за сопран со софистициран уметнички израз и исклучителна вокална техника.
Благој Нацоски е нашиот најпознат тенор во светот. Особенo ценет за неговиот префинет стил при изведбите и извонредната музикалност, Нацоски во изминатите години бележи огромни успеси во Миланската скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија… Кариерата на Нацоски започнува во 2003 со настапот на сцената на Римската опера (Teatro dell’Opera di Roma), како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет.
Игор Дурловски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје и ја завршил својата магистратура со највисока оценка – кум лауде. Дурловски дебитирал во 1999 година во Македонската опера, каде што учествувал во повеќе од 20 премиерни продукции. Неговото меѓународно деби било во Виенската камерна опера. Во 2016 година дебитирал во улогата на Тимур во „Турандот“ во Макао, Кина, а во 2017 година настапил во Операта во Хонгконг со „Аида“. Здружението на македонски композитори му ја додели наградата „Георги Божиков“.