Mултимедијалниот проект на Емил Солески, насловен „Керамикум во мермер“, изминатиот викенд беше претставен пред јавноста во неолитскиот локалитет Залив на коските во Охрид. Овој проект ја има во фокус куќата желбеник како трансцендентен објект на субјективното доживување.
– Желбениците се создавани во едно време невреме, кога почнав да фантазирам за едно време, а можеби и невреме, велам можеби оти е изгубена од хоризонтот, но никако изгубена од видокругот на археолозите. Керамикум… Неолит… Младо камено време, време на куќата како место во кое се концентрира и генерира нуклеусот на едно семејство и претставува центар во кој се дефинираат голем број вредности, тенденции и принципи – вели Емил Солески.
Во нашето непосредно опкружување, во нашите дворишта, а особено во нашиот ген е втемелен непрекинат континуитет на цивилизациско опстојување, за што говорат и многубројните локалитети, и тоа низ сите слоеви од човековото постоење.
– Куќата е центарот на вниманието. Камените скулптури ја доближуваат нејзината есенцијална природа во живеењето на неолитскиот човек. Симболот на Големата мајка, кој доминира во секоја од посочените скулптури, е елементот што го поврзува внатрешниот со надворешниот свет. Желбата да се зачува интимното, семејното, го наметнува и одговорот за тесните отвори на тогашните живеалишта. Солески со своите видувања кон она што значи неолитско живеење, преку играта со светлината и изборот на различните камени основи, не препушта да си создадеме слика за она што човекот го поврзува, а тоа се трите суштински елементи неопходни за нашето постоење: земја, вода и сонце. Култот на неолитскиот човек кон овие три елементи ги покажува неговата духовност и цивилизациска надградба. Со овој проект Солески уште еднаш ги потврдува своите високоуметнички вредности, преку кои нам, а и на идните генерации, ни ги наметнува прашањата за и околу нашето постоење на оваа грутка. Но не само тоа, ги отвора и прашањата за нашата (не)грижа околу многубројните локалитети чувари на нашиот континуитет – вели Никола Јованоски, професор и писател.
Емил Солески студирал на Факултетот за ликовни уметности, отсек вајарство, во класата на проф. Бранко Конески, а конзервација и реставрација кај проф. Благоја Кузмановски. Дипломира во 2002 г., под менторство на проф. Жарко Башески. Работи како професор по ликовна уметност и културно-историско наследство во Крушево.