Со ова анимираниот експериментален филм „Кросинг сајнс“ стана дел од постојаната колекција на музејот ЦАМ
Анимираниот експериментален филм „Кросинг сајнс“ на Балаќ, кој го режира заедно со Никола Дрвошанов, е избран од жирито на интернационалниот фестивал за видеоарт „Магмарт“ од Неапол, Италија, со што стана дел од постојаната колекција на музејот ЦАМ (Цасориа контемпорари арт музеум). Меѓу 30-те селектирани филма се вклучени дела на уметници од Франција, Грција, Канада, Шпанија, Германија, САД, Италија, Норвешка, Австрија, Португалија и други земји. Делата може да се видат на веб-страницата на фестивалот.
– Со огромно задоволство ви ги упатувам моите лични честитки, а наедно ви благодарам, бидејќи со вашето учество уште еднаш придонесовте овој фестивал да стане извонредна изложба на меѓународната видеоуметност – наведе Енрико Томасели, уметнички директор на фестивалот, во писмото испратено до уметницата Тања Балаќ, по повод изборот на нејзиното дело.
„Магмарт“ е меѓународен фестивал на видеоарт, на кој со текот на годините учествувале повеќе од 1.400 уметници од над 80 различни земји, со илјадници пријавени видеа. Од своето основање во 2005 година, „Магмарт“ отсекогаш го имал за партнер ЦАМ (Цасориа контемпорари арт музеум), кој ги сместува избраните видеа во својата постојана колекција. Во текот на изминатите години, фестивалот презентираше и видеоселекции на биеналиња и меѓународни изложби во Алжир, Иран, Португалија, Шпанија, Норвешка. Од 2014 година фестивалот е биенален, а во 2024 година „Магмарт“ ќе го прослави јубилејот – 20 години постоење.
Тања Балаќ (Скопје, р. 1968) во 1991 г. дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот сликарство. Градејќи го својот уметнички и професионален пат, во 2008 г. магистрира на истиот факултет. Членка е на Друштвото на ликовните уметници од 1991 година, а во периодот од 2006 до 2013 година е и негова претседателка. Од многубројните професионални посети надвор од границите на својата земја, значајно е да се издвои студиската посета во Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство го збогатува и надградува со учество на многубројни меѓународни фестивали и изложби (Србија, Словенија, Шведска, Бугарија, Германија, Романија, Англија, Австрија, Франција…), на кои повеќепати има добиено меѓународни признанија и награди. Покрај сликарството, последната деценија активно истражува и на полето на новите медиуми. Активно се занимава со сликарство, како и со инсталации и експериментални и документарни филмови (видеоарт). Живее и работи во Скопје. В.Д.