Делото го затекнавме во лоша состојба. Во почетокот на деведесеттите години било дел од постојаната поставка на музејот. Дошло до оштетување на покривната конструкција, односно прокапување, што резултирало со уништување на боениот слој, пукнатини, брановидни деформации на платнениот носач, депигментирање на одредени позиции, објаснува конзерваторот Љупчо Иљовски

Јадранка Милчовска и Љупчо Иљовски, конзерватори

Еден од поголемите реставраторско-конзерваторски зафати на Конзерваторскиот оддел во Музејот на современата уметност е реставрацијата на едно од капиталните дела во меѓународната збирка, сликата „По нужда добродетел“ на неодамна починатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 – 2023). Сликата е дел од големата донација на уметнички дела од редица италијански уметници, донирани во средината на шеесеттите години, како израз на солидарност со настраданото Скопје во катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
„По нужда добродетел“ потекнува од самите почетоци на неговата уметничка кариера, кога создава група сликарски дела клучни за неговото натамошно творештво, слики исполнети со фрагментарни цртежи, минијатурни светови расфрлани по површината на платната. „По нужда добродетел“ се издвојува меѓу неколкуте рани платна по својата интензивна портокаловo-црвена заднина и неговите карактеристични цртежи и симболи, кои самиот уметник ги споредува со процеси на мислата и на соништата, нешто што е типично за творештвото на Барукело во целина.
Конзерваторите Јадранка Милчовска и Љупчо Иљовски работеа на реставраторско-конзерваторски зафати, кои се состоеја од неколку фази, додека да го доведат делото во посакуваната состојба.

Работевте на конзервација и реставрација на сликата „По нужда добродетел“ од Џанфранко Барукело… За каква слика станува збор?
Јадранка Милчовска: Станува збор за дело од колекцијата на НУ МСУ-Скопје со исклучителна важност и вредност, кое е донирано од авторот во далечната 1970 година, како негов придонес за збогатување на збирката што се оформила по изградбата на новата музејска зграда по катастрофалниот земјотрес во Скопје. Насликана е на платно во комбинирана техника со димензии 190х200 см. На површината на сликата доминира хром портокалова акрилна боја, додека елементите од композицијата се насликани со примена на пастел, акрил, молив фиксирани со мат и сјај-лак создавајќи намерна игра во прв-втор план.


Кој е Џанфранко Барукело?
Љупчо Иљовски: Барукело е светски познат уметник со италијанско потекло, кој во текот на својата долга кариера се занимава со широк спектар на уметнички медиуми, кои се протегаат од сликарство до видеоуметност, преку експерименти помеѓу уметноста и земјоделството.
Како што е забележано од историчарите на уметноста, тој е посебен автор, кој не може лесно да се класифицира во некој од доминантните правци, туку е специфичен по неговиот интердисциплинарен пристап во релациите на вербалниот и визуелниот јазик. Тој од почетокот на 1960-тите станува видлив во светот на уметноста, а еден од најголемите уметници на 20 век, Марсел Дишан, го смета за исклучителен автор и еден од неговите наследници.
За нас претставува голема чест и одговорност да бидеме дел од екипата што учествува во заштитата на културно наследство и ликовно дело од овој ранг, особено што оваа година се одбележуваат и 100 години од раѓањето на Барукело.
Во каква состојба беше сликата?
Љупчо Иљовски: Делото го затекнавме во лоша состојба. Во почетокот на деведесеттите години било дел од постојаната поставка на музејот. Дошло до оштетување на покривната конструкција, односно прокапување, што резултирало со уништување на боениот слој, пукнатини, брановидни деформации на платнениот носач, депигментирање на одредени позиции.
Колку време работевте на конзерваторско-реставраторскиот процес и што е потребно за негова успешна реализација?
Јадранка Милчовска: Конзервацијата не бара временска рамка, туку предуслови од различен вид. Создавањето на истите тие зависи од многу фактори: лабораториска опременост, кадровска селекција, одобренија од Управата за заштитата на културното наследство, фото и техничка документација, физичко-хемиски анализи и анализа на техниката и состојбата на делото.
Овие интегрирани фактори доведуваат до изработка и реализација на успешен проект.
Кои сѐ мерки се потребни за конзервација, реставрација и враќање на делото во првобитната состојба?
Јадранка Милчовска: Процесот мора да биде воден од мултидисциплинарен тим на конзерватори што имаат различни професионални специјалности со цел изнаоѓање решенија за проблемите. Врз основа на изработениот проект беа преземени следните чекори: изработка на фотодокументација, отстранување на прашината и нечистотиите, фиксирање на боениот слој, пеглање, отстранување блинд рам, антисептирање и неутрализација, отстранување на заштитната хартија, шпанување, китирање, нивелирање, ретуш, лакирање…