Весна Мојсова-Чепишевска, авторка на „Конески како тестамент“
Оваа книга е скромно, но искрено исчитување на еден дел од великозначното дело на Конески. Конески како син на својата Македонија, но и како граѓанин на светот нека нè инспирира и нека нè поттикнува на нови исчитувања и проучувања на неговото дело. Зашто и оваа книга „Конески како тестамент“ не завршува со точка. Таа провоцира со своите три точки… За да не ни се случи да не го разбереме тоа што го испеа последниот македонски гуслар, кој „свири на гусла без струни“ (како во песната на Раде Силјан), вели Весна Мојсова-Чепишевска, авторка на научната книга „Конески како тестамент“
Професорката Весна Мојсова-Чепишевска минатата недела ја промовира својата нова научна книга „Конески како тестамент“.
Книгата е резултат на долгогодишната посветеност на Мојсова-Чепишевска на делото на Блаже Конески. Во книгата се отвораат повеќе прашања и се анализираат сегменти од делото на великанот, коишто претходно не се согледани или потемелно анализирани и коментирани од македонската книжевна наука.
Весна Мојсова-Чепишевска е редовна професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на кој повеќе од три децении предава група предмети од областа на современата македонска книжевност, a повеќе од една деценија и предмети од областа на книжевноста за деца, како и од областа на македонската култура.
Авторка е на над 350 објавени научни трудови во домашни и во странски списанија, како и на осум книги, приредувачка е на седум антологии и коавторка на една белетристичка книга.
Од октомври 2019 година е директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а две децении работи и како лекторка по македонска литература на школите на семинарот.
Членка е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и на Македонскиот славистички комитет (СМК). Добитничка е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ за најдобра книга, критика и есеистика.
Каков тестамент е Конески?
Минатата година кога интензивно мислев на книгата што сакав да му ја посветам на Конески и истата таа да излезе во неговата година т.е. во годината кога се навршија 100-те години од неговото раѓање, додека пребарував во својата компјутерска архива, додека редев и прередував и ги селектирав текстовите што би можеле да бидат дел од таа книга, некако спонтано ми се наметна и самиот наслов: КОНЕСКИ КАКО ТЕСТАМЕНТ. Впрочем, копајќи по своите текстови како да отворав некое ковчеже слично како ковчежето на македонските моми во кое го подготвувале, го ределе и подредувале својот чеиз. Унгарецот Золтан Чука, големиот познавач на литературите на јужнословенските народи, инаку преведувач на Андриќ и Крлежа на унгарски, во книгата „Светската критика за делото на Конески“ приредена од Паскал Гилевски и од Раде Силјан, ќе напише дека лириката на Конески е редок пример во светската поезија каде што личната несреќа толку спонтано, уверливо и трагично се идентификува сo општата национална несреќа, поради долго време непризнаеното минато на македонскиот народ, поради дрско оспоруваната сегашност и поради сите непризнаени народи и луѓе. И сфатив дека тој тестамент не е само некое парче хартија во која таксативно се наведува што, кому и како и колку му припаѓа. Тој тестамент, всушност, се страници и страници напишани од Конески, песни и песни потпишани со неговото име, мисли и мисли излезени од неговото срце. И, ете, од тоа мое трагање за тоа колку е навистина голем Конески се случи и книгата „Конески како тестамент“.
Лириката на Конески е редок пример во светската поезија каде што личната несреќа толку спонтано, уверливо и трагично се идентификува сo општата национална несреќа, поради долго време непризнаеното минато на македонскиот народ, поради дрско оспоруваната сегашност и поради сите непризнаени народи и луѓе
И како што Конески (спонтано можеби) доаѓа до мислата дека одговор на прашањето „кој е и што е?“ може да најде со посредство на своите духовни претходници, преку нивните дела, така и јас можам да најдам одговор на истото прашање преку моите исчитувања на Конески, кои, пак, ми ги дава своите читања на низата негови, но и мои претходници. Зашто претходниците на Конески, како Партенија Зографски, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Димитар Миладинов, Григор Прличев, Крсте Петков Мисирков, Кочо Рацин се и мои претходници, но и зашто неговите сопатници и книжевни другари, како Славко Јаневски, Димитар Митрев, Матеја Матевски или Коле Чашуле, се мои претходници. А печатот на тестаментот на Конески го открив во онаа идеја на Атанас Вангелов од неговата книга „Филолошката критика на Конески“ кога вели: „Тој, како и неговите далечни духовни предци св. Кирил и Методиј“, се жртвува себеси за да изведе ’смачкано племе‘ од длабокиот мрак на анонимноста и да го вклучи меѓу културните народи во светот.“ Така што оваа книга е скромно, но искрено исчитување на еден дел од великозначното дело на Конески.
Зошто е важно да се истакне секој помалку познат сегмент од неговиот тестамент? Зошто ни е важно да влеземе во деталите на творештвото на великанот?
Да се обидам да го покажам тоа само преку два примера. Мој убав и возбудлив разговор со Конески го започнав преку дијалогот што тој го води со две значајни фигури на македонскиот 19 век и тие воопшто не се случајно одбрани. Со првиот, со Партенија Зографски, го врзува учебникарството. Имено, двајцата се јавуваат како составувачи/пишувачи на учебници. Така, книгите на Конески, „За македонскиот литературен јазик“, „За литературата и културата“, „Граматика на македонскиот литературен јазик“, како и „Историја на македонскиот литературен јазик“, се примарни учебници во македонската филолошка наука и како такви се во постојан дијалог со учебниците на Зографски: „Кратка Свештена историја…“ и „Началное учение за децата“ (пишувани на јазик заснован врз неговиот роден галички говор). Партенија Зографски објавува и две статии што се од особено значење бидејќи во нив дава преглед на разликите меѓу македонскиот и бугарскиот јазик. Тој преглед и покрај непрецизностите, како што истакнува самиот Конески во својот труд „Македонските учебници од 19 век. Дејноста на Партенија Зографски“, „особено во односот на лингвистичката терминологија, ни го открива Партенија како човек што ги уочувал јазичните појави, што мислел за нив и ги систематизирал“.
Во обидот на Зографски за издавање граматика во она време, за кој говори уште во своите статии, се препознава архитекстот на „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Конески. И самиот Конески во трудот што го споменав за својот културен татко вели: „Една македонска граматика, излезена тогаш, би укажала влијание во нашиот културно-просветен развиток. Дека пак Партенија можел да ја сврши таа работа, покажуваат неговите забелешки по одделни јазични прашања“. Така, во неговата статија печатена во наставки имаме опит да се скицираат извесни партии од граматиката, како што се одделните прашања за членовите и за промената на именките. Конески со помош на креативната корекција реагира на овие скици за граматика на Зографски. Тој, всушност, и нагласува дека една од улогите при создавањето на својата Граматика ја имаат одиграно токму раните обиди за граматика на народен јазик на Мачуковски, Пулевски и, секако, на Зографски. Дека тој го надминал својот културен татко докажува и фактот за Граматиката како фундаментален текст во кодификацијата на македонскиот литературен јазик, според зборовите на Пол М. Фостер, при што истакнува дека „… оваа граматика е сè уште основната таква работа што се користи во Македонија и вон од Македонија (македонистиката во светот), и сведочи, делумно, за генијалноста на авторот и на неговата методологија.“
Со вториот, т.е. со Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Конески го врзуваат учителствувањето и особено „Таблица перваја“. Онаа на Џинот од 1840 година е еден практичен школски текст, сличен на многубројни тогашни т.н. „таблици“ што биле во употреба по училиштата во Грција, Романија, Србија, Бугарија. Имено, таблицата била на мода и, според неа, се учело во многу училишта на Балканот. Таа ја претставува преодната етапа од ќелијното учење до алилодидактичкиот метод. Џинот ужива глас не само на добар учител туку и на умен човек, на филозоф. Според Конески, „Македонија го доби во него својот најистакнат учител“, а појавата на „Таблица перваја“, Конески ја смета како почеток на една нова епоха во развитокот на македонската просвета и писменост во 19 век. Основната мисла на Џинот за доброто како врвен идеал на животот, како и неговите беседи за пријателството и разумноста се подлога и во „Таблица перваја“ на Конески. И како што Џинот ја сфатил потребата од соодветна лектира за душата за тоа време со која ќе му се покаже на својот народ како може да владее и како чесно може да си служи себеси и на своето општество, така и Конески ја почувствувал потребата уште еднаш да му го каже својот аманет на својот народ како соодветна лектира во неговото време. И тоа да го направи непосредно пред своето заминување од овој земски свет. Во духот на своето време кога морализаторството и поуката и над сè религијата се основен елемент што завлегол длабоко во мисловниот свет на нашиот интелигент, Џинот љубува да филозофира, предодреден до извесен степен и од самата природа. На тој начин и Конески љуби да филозофира, поточно да мудрува и така се случува неговата „Таблица перваја“ од 1993 година. Ја пишува и ни ја остава во аманет… и си заминува!
Какви сѐ истражувања правевте? Колку време беше потребно да ги спакувате вашите мисли и анализи во една книжевна целина?
Книгата „Конески како тестамент“ е развиена низ две поглавја, и тоа: I. КОНЕСКИ КАКО ПОТТИК и II. КОНЕСКИ КАКО ИНСПИРАЦИЈА.
На секој одреден или фиксиран текст му претходи и одреден архитекст. Во оваа смисла оваа книга се гради како што и претходно нагласив преку дијалогот со вредностите што ме опкружуваат како автор, како книжевно-историски и книжевно-теориски истражувач. Тоа е најискрен дијалог на мојата индивидуална свест со колективната свест на ова мое време, колективната свест, која како најмногу да се манифестира токму преку делото на Конески. И тој интензивен дијалог траеше нешто помалку од дваесетина година. Какви сѐ истражувања правев, сега и не би можела да ги синтетизирам. Ама, на пример, ја паметам големата возбуда што ми ја предизвика истражувањето за неговите релации со светската славистика, поточно за таа силна врска што Конески ја развил со странските и особено со руските слависти. Ова истражување го правев по повод 45 години македонистика на МГУ „Ломоносов“ во Москва, што беше одбележано минатата година. Истражуваш, читаш и гледаш дека уште од далечната 1950 година започнува една поширока акција со која се стапува во контакт со светот и светската славистичка научна мисла. Меѓу првите, како што се сеќава самиот Конески, е професорот од Лондон, Реџиналд де Бреј, кој прв го вклучува македонскиот јазик во својот учебник за словенски јазици. Овој негов учебник потоа станува стандарден учебник по славистика за англоамериканските универзитети. На ова искуство се надоврзуваат и оние на професорот Валентин Кипарски од Хелсинки и особено на Хораст Лант, професор на Харвардскиот универзитет во Кембриџ (САД), кој ја пишува својата Граматика на македонскиот литературен јазик (инаку и прва граматика на македонскиот литературен јазик наменета за странство). И трагајќи така доаѓаш до руските, француските, полските слависти и сфаќаш кого сè познавал Конески и дека македонистиката стапува во контакт со светската славистика зашто Конески е тој што стапува во контакт со светската славистика. И трпки ти протрчуваат по телото!
Во „Коневски како тестамент“ правите анализа на сегменти од творештвото на Коневски, кои претходно не се согледани или потемелно анализирани и коментари од македонската книжевна наука. Какви сѐ сегменти од творештвото на Коневски проанализиравте?
И на овие неколку прашања да одговорам низ конкретен пример. Пишувајќи за Конески како мост меѓу двата града, Скопје и Истанбул, а по повод 35 години македонистика на Универзитетот во Истанбул, јубилеј што беше одбележан минатата година, дојдов и до овие моменти од неговиот творечки живот. Имено, Конески му дал свој печат на тој мост преку книгата избрана поезија во препев на турски на Неџати Зекирија, која излегува во 1981 година под наслов „Везење на ѕвездите“ (Истанбул: Џем, 1981), истата година кога Конески станува добитник на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“. Кратката воведна реч кон овој избор под наслов „Љубов кон една книга“ ја напишал истакнатиот турски поет Фазил Хисни Дагларџа, инаку и тој добитник на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, но во 1974 година, при што го потенцира следново: „Поетите, при раѓањето свое, во своите дланки ги носат првите стихови. Што и да прават во животот, тие стихови не исчезнуваат од нивните дланки. Бидејќи поезијата е нивна единствена преокупација, поетите со своите волшебни инструменти ги доловуваат најдалечните атоми што не се достапни за кој и да е редактор.“
А Конески е резултат на синтеза на три општествени фактори: семејството, социјалната средина и образованието. 1. Растен во билингвално семејство, уште од мали нозе покрај македонскиот, слуша и приспивни песни од мајка си на влашки јазик. 2. Социјалната средина во Прилеп во дваесеттите и триесеттите години на минатиот век е полилингвална, бидејќи образованието се одвива на српски, а во градот покрај македонскиот се зборува и турскиот јазик. 3. Петтиот јазик на Конески е рускиот што го учи во гимназијата во Крагуевац, а на ова се надоврзува и изучувањето на бугарскиот за време на студиите во Софија. Имено, по завршувањето на гимназиското образование во Прилеп и во Крагуевац, првите години на студии ги поминува на Белградскиот универзитет, а потоа продолжува на Софискиот каде што и дипломира. Сето ова ќе го изгради во еден студиозен интерлингвист. „Ослободен од предрасуди, интерлингвистот и компаративниот литерат Конески беше граѓанин на светот и универзален човек“, ќе напише Музафер Туфан во својот труд „Блаже Конески – интерлингвист и компаративен литерат“.
Така што, еве, овој заклучок за Конески како син на својата Македонија, но и како граѓанин на светот нека нè инспирира и нека нè поттикнува на нови исчитувања и проучувања на неговото дело. Зашто и оваа книга КОНЕСКИ КАКО ТЕСТАМЕНТ не завршува со точка. Таа провоцира со своите три точки… За да не ни се случи да не го разбереме тоа што го испеа последниот македонски гуслар, кој „свири на гусла без струни“ (како во песната на Раде Силјан)…