Поетичен ламент на меланхолијата
Кога станува збор за европскиот филм (во случајов) „Темни сателити“ во режија на германскиот волшебник Томас Шубер потврдено е дека повеќе внимание се обрнува на филмските аксиоми на професионалност отколку кај американскиот, каде што некои филмови ја надминуваат границата на фантазмите. Сценариото е пишувано заеднички меѓу Шубер и Клеменс според неговата книга. Опусот го сочинуваат три различни приказни.
Во првата, можеби и најзначајната, главни носители на дејството се Јан и Ајша. Сопственикот на сендвичарницата Јан го толкува Алберт Шух. Можеби не е многу значајно за македонската јавност, но, секако, треба да обрнеме внимание бидејќи тоа е име што носи нови и свежи ветрови на оптимизам не само во германскиот туку и во европскиот филм. Тој се вљубува во својата сосетка Ајша, која ја толкува шведската фамфатал Лилит Стангенберг. Покрај неминовното секојдневно сивило низ кое минува, Јан посега по забранетото овошје и се вљубува во Ајша, чиј сопруг не обрнува доволно внимание. Во одличната кореографска сцена на балконот, Јан ѝ припалува цигара на Ајша, а во исто време го разгорува и пламенот на љубовта. Од друга страна, челичната ограда на балконот ги симболизира нејзината заточеност и рането срце. Колку и да сака да избега од прангите на љубоморниот сопруг, таа не може да си прости за сторената кардинална грешка. Од разговорот со Јан дознаваме за нејзиното вистинско име, Јана, пред да премине во муслиманство.
Втората, можеби не толку интересна приказна како претходната, сепак на свој начин носи одредени фрагменти на возбудливост. Тоа е одата на осаменост и случајната средба на градскиот чувар на обезбедувањето Марк, кој патролира во градскиот кварт за емигранти. Луцидниот Шубер не случајно ја прикажува алузијата на „кучешкиот“ живот на Марк, кој со себе има куче. Но сликата на талкачка бесцелност престанува кога профрчуваат меѓусебните искри на страст кога ја запознава емигрантката Марика. Мермерниот поглед добива шаренолика палета на задоволство при секоја средба со неа. Марика ја толкува руската актерка Ирина Владимировна, со богат актерски багаж. Но нејзината животна приказна претпоставувам ќе биде интересна за читателите кога таа одлучува да се занимава со актерство. Имено, во нејзиното семејство мајка ѝ е професионална фризерка, исто како и нејзините дедовци. И покрај нивните безбројни методи на разубедување да не се занимава со актерство, со образложение дека таа професија не носи голема заработувачка, таа го следи својот внатрешен инстинкт. Бунтовниот темперамент на Ирина ја докажува нејзината искрена желба на стоицизам. Прво го завршува Факултетот по комуникација и медиумски бизнис во Москва на Политехничкиот универзитет, во исто време запишува курс по театарска уметност, реторика и филозофија на Московскиот државен универзитет на отсекот за психологија и педагогија. Не ѝ е непозната и презентерската професија на забавната програма на руската телевизија.
Доволна беше нејзината претстава, сега да преминеме онаму каде што застанавме. Марика е изгубена во минатото, не може да ја прежали загубата на својот татко, кој е загинат во виорот на Втората светска војна, па поради тоа цело време шета облечена во неговиот генералски шинел. Во маркантниот Марк ги пронаоѓа загубените идеали на среќа и задоволство кога се припива во неговите прегратки. При нивното танго во запуштениот воен амбар навира сентиментот на минатото, а во заднина оди блескавата нумера „Limit to your love“ од кристалното грло на препознатливиот „трубадур“ Џејмс Блејк. За тоа дали го надминуваат лимитот на љубовта, секој гледач има своја визура, но јас секако знам дека Ирина не го надминува лимитот на талентот. Убаво ја паметиме од рускиот филм „Лето“ на Кирил Серебреников, отсликувајќи ја животната приказна од создавањето на бендот „Кино“, чиј лидер беше харизматичниот Виктор Цои.
И третата, последната приказна, е средбата меѓу чистачката Криста и Биргит. Името на Мартина Гедек (Криста) некако ми звучеше познато, но не можев да се присетам во првичните кадри. Од петни жили ги вклучив мемориските фолдери и се присетив oд каде ја познавам, таа глумеше во маестралниот филм „Животот на другите“, кој е добитник на „оскар“ за странски филм. За Настасја Кински (Биргит) нема што да се каже, сѐ е веќе кажано за неа. Таа е едно од најпознатите актерски имиња во светот на филмот („Париз, Тексас“, „Teса“ „Љубовниците на Марија“). Мора да признаам, и покрај обидите да имам симпатии како порано кон неа, овој пат не се случи тоа. Таа се обидува да шармира со нејзините препознатливи прекрасни тикови со очите, но, сепак, не успева во ова бледо издание.
Да се надеваме дека, сепак, „Темните сателити“ ќе ги осветлат срцата на осамените и ќе ги претворат во амброзија на љубовта.