Истражувањата на американските културни институции, како што се АЛА и ПЕН, покажуваат зајакнување на културната цензура во САД, а најцелени се содржините што се однесуваат на ЛГБТ-заедницата, етничките и расните малцинства. Јакнењето на десницата и конзервативизмот во Соединетите Американски Држави сѐ повеќе се одразува и на културната сфера. Постојано пристигнуваат нови вести за напорите на христијанските и националистичките групи, кои резултираат со апсурдни забрани на книги, дивеење над „безобразните“ ренесансни скулптури и воведување закони што ги ограничуваат слободите на жените и малцинствата – и сето тоа под слоганот за заштита на децата.
– Најновите и мошне алармантни податоци покажуваат дека во САД досега се забележани најмногу предлози за забрана на книги, а повеќето од книгите за кои се поднесени барања за отстранување од библиотеките се напишани од членови на ЛГБТ-заедницата и припадници на расни и етнички малцинства, или се книги во кои тие се протагонисти – велат од АЛА (Американската библиотечна асоцијација).
Најпроблематична книга е „Џендер квир“
Токму АЛА објави список на книги што најчесто се цел на конзервативните групи. Најпроблематична книга е „Џендер квир“, графички роман-мемоари за родовиот идентитет на Маја Кобаба, која се идентификува како небинарна личност, додека втора најзабранувана книга е „Сите момчиња не се сини“ од Џорџ М. Џонсон, мемоари што раскажуваат за детството, адолесценцијата и студентските години на Џонсон како квир-личност со афроамериканско потекло.
– Со објавувањето на оваа листа, која опфаќа 13 дела, сакавме да го свртиме вниманието на сите оние храбри автори чие творештво го менува статус квото и нуди свежи перспективи за сложените општествени проблеми. Замижувањето пред реалноста прикажана во овие приказни нема да ги отстрани тие проблеми. Книгите ни даваат храброст и ни помагаат да се разбереме – изјави Леса Кананиопуа Пелајо-Лозада, претседателка на АЛА.
Во 2022 година, според истражувањето на американскиот ПЕН, биле побарани забрани на дури 2.571 наслов, што е зголемување за 38 отсто во однос на 1.858 наслови во 2021 година и најмногу барања досега. Некои од книгите што се цел на цензура биле и палени.
Огноотпорно издание на „Приказната на слугинката“
Една од најзабрануваните книги на сите времиња во Америка е познатата „Приказната на слугинката“ од писателката Маргарет Атвуд. Но Атвуд реши да се бори против цензурата на многу генијален начин и се здружи со својот издавач, „Пингвин редном хаус“, за да создаде огноотпорно издание на романот.
– И покрај решителните напори за цензура и замолчување, оваа незапалива книга е симбол на нашата колективна определба да ги заштитиме книгите, приказните и идеите од оние што се плашат од нив – изјави извршната директорка на американскиот ПЕН, Сузан Носел.
„Приказната на слугинката“, објавена во 1985 година, послужи како инспирација за истоимената хит-серија, која стана меѓународен симбол на феминистичката борба.
– Да се надеваме дека нема да дојдеме до фаза на масовно палење книги, како во „Фаренхајт 451“ на Реј Бредбери. Но ако се случи тоа, да се надеваме дека некои книги ќе се покажат како незапаливи, дека ќе продолжат да се шират тајно, како што се случи со забранетите книги во Советскиот Сојуз – изјави Атвуд.
Во своето истражување, американскиот ПЕН идентификуваше најмалку 50 групи вклучени во промовирањето на забраните на книги на национално, државно или на локално ниво. Овие групи споделуваат списоци со книги и користат тактики, како што се организирање училишни одбори, барање нови системи за оценување на изданијата во библиотеките. Некои одат дури и дотаму што поднесуваат кривични пријави против одредени наставници и библиотекари. Повеќето од овие групи, кои ги претставуваат конзервативните општествени ставови, се создадени во 2021 година, а многу апликации за забраните на книги може на некој начин да се поврзат со нивните активности. Некои од нив ги претставуваат христијанските националистички политички ставови и многу имаат цел да ги реформираат државните училишта, во некои случаи да промовираат повеќе верско образование.
Забраните постојат откога постои пишаниот збор
Но забраните за книги во САД не се ништо ново. Познат е случајот од 1850-тите, кога е објавена книгата „Кабината на чичко Том“, роман на Хариет Бичер Стоу, кој се залагал за укинување на ропството, што секако не им се допаднало на сопствениците на робови, па книгата била забранета и запалена. Потоа во 1873 година беше донесена забрана за поседување непристојни и неморални текстови, со цел да се спречи ширењето на знаењето за сексуалноста и сексуалната заштита. Еден од многуте примери на книжевна цензура е книгата „Љубовникот на Лејди Чатерли“ од Д.Х. Лоренс, која во 1929 година беше забранета во САД поради многу деталните секс-сцени. Тогашниот сенатор Рид Смут верувал дека таквата книга не треба да стигне до јавноста, па дури изјавил дека книгата „ја напишал човек со болен ум и душа толку црна што ја затемнува дури и темнината на пеколот“. Посвеж пример се книгите од серијата „Хари Потер“ на писателката Џ.К. Роулинг, кои неколку години беа меѓу првите на листите на најспорните книги, од причина што малиот волшебник, наводно, промовира антисемејни чувства, окултизам, сатанизам и насилство.