Филмот „Кајмак“ на македонски режисер Милчо Манчевски продолжува со успешниот фестивалски живот и на 17 август ќе биде прикажан на „Сараево филм фестивал“, најважниот фестивал во регионот, во програмата „Опен ер“. Дел од филмската екипа на „Кајмак“ ќе продефилира на црвениот килим на 29-то издание на фестивалот.
Со првокласна филмска понуда, дури и за најпребирливите филмофили, програмата „Опен ер“ ќе се одржи под отворено небо во Стари Град (Вијеќница), а филмовите, како што велат организаторите, ќе бидат прикажани на најголемото филмско платно во регионот. Покрај најновото дело на Манчевски, во програмата се уште 14 филма, помеѓу кои и „Астероид сити“ на Вес Андерсон, „Паднати лисја“ на Аки Каурисмаки, „Бакнете ја иднината“ на Ненад Чичин Шаин, продуциран од Мет Дејмон и Бен Афлек, како и „Навистина никогаш не беше тука“ на шкотската режисерка и сценаристка Лини Ремзи, една од највозбудливите авторки во независната кинематографија, која ќе го добие почесното признание „Срцето на Сараево“.
Манчевски е стар пријател на „Сараевскиот фестивал“ – „Пред дождот“ играше на првото издание во ноември 1995 и Манчевски присуствуваше на проекцијата додека Сараево уште беше под опсада! Потоа, тој самиот ги собра членовите на бордот на почесни директори на фестивалот Ингмар Бергман, Мартин Скорсезе, Милош Форман, Нагиса Ошима и Ричард Гир.
Паралелно, „Кајмак“ го очекува и американската премиера, на 33-то издание на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија, од 15 до 30 август. „Синеквест“ е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силициумската Долина. Токму на „Синеквест“ пред три години, „Врба“ на Манчевски беше крунисан со наградата за најдобар филм и претставен како „филм што нема да го заборавите“. До крајот на август и почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан уште на четири фестивали: 36. Филмски фестивал во Херцег Нови, „Авант ент Уна“ во Бихаќ, Босна и Херцеговина, „Ај -фест“ во Калабрија, Италија, каде што ќе бидe прикажанa и ретроспектива на опусот на Манчевски, и во главната конкуренција на фестивалот „Балкан панорама“ во Измир, Турција.