Изложбата насловена „Живот“, создадена по повод 79-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во центарот за убивање Треблинка, во окупирана Полска, е отворена во Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Авторка на изложбата е Жаклина Мучева.
– Не постои друг народ што како еврејскиот минувал низ судбински бездни, прогони и уништувања. Не постои друг народ што како еврејскиот почнувал од почеток, се вкоренувал и му се радувал на животот. Не постои народ што како еврејскиот го втемелува минатото во сегашноста за да создаде иднина. По прогонот од Шпанија и со доаѓањето на Балканскиот Полуостров, Евреите го дополнуваат богатиот мултиетнички, мултикултурен и мултиконфесионален балкански колаж, кој филигрански го декорираат со својата култура, идентитет и менталитет. Корените што длабоко ги пуштаат во плодната културолошка почва, додавајќи го својот етнос, ја најавуваат нивната долговековна распосланост на овие простори. Свесни за своите корени, за својот идентитет, за својата различност, тие создаваат цврста врска меѓу генерациите, чувајќи ја љубоморно својата посебност. Народите растат во историјата. Погромот на еврејската заедница во Македонија е злосторство без преседан, историски чин што нема логично објаснување. Траумата од пеколниот 11 март ја чувствуваме и денес, 79 години по стивнувањето на „Адио керида“ – вели Мучева.
Според неа, опстојувањето на еврејскиот идентитет, и покрај сите историски околности, не се наруши. Оваа изложба е посветена на преживеаните Евреи што ја возобновија заедницата, Евреи што дадоа придонес во градењето на новата повоена држава, Евреи што создадоа живот.
– Придонесот на припадниците на Еврејската заедница во севкупниот развој на Македонија е голем. Оваа заедница претставува важен дел од историјата и традицијата на земјата. Некои од нејзините членови оставија голема трага во науката, културата, економијата и политичкиот живот. Преку изложбата го оживуваме споменот на нашите родители, баби и дедовци. Со нашето опстојување во оваа заедница, на поколенијата им обезбедуваме билет за живот без предрасуди, живот што негува заедништво, живот што дава обврска да се помни и задача да се чува. Затоа ја преземаме трајната одговорност да создаваме иднина во која дрвото на животот во нашата Еврејска заедница ќе го одгледуваме како нашите предци. Да го вкоренуваме посилно, да го оплодуваме, а тоа ќе ни врати живот – вели авторката на изложбата.
Изложбата е отворена за публика и може да се посети во наредните 30 дена.