Издавачката куќа „Интеракција плус“ ја објави новата книга со авторски бајки „Девојчето Кактус“ од Христо Петрески. Овој автор ѝ е познат на пошироката јавност по своите книги со авторски бајки, од кои книгата „Златното јаболко“ е лектира за петто одделение во основното образование.
Писателот Петрески, кој мошне ревносно и посветено создава нови авторски бајки, сега се претставува со книгата „Девојчето Кактус“, во која се застапени вкупно 26 авторски бајки. Во сите нив се опфатени голем број теми и мотиви, а преовладува светот на фантазијата и имагинацијата, односно, како што вели самиот автор, невиденото и недопреното. Преку контрасти и спротивности најдобро се изразува тоа што е правилно, па младите читатели лесно и брзо и самите можат да извлечат заклучоци. Реалниот свет и светот од фантазијата и имагинацијата се допираат, судираат, проткајуваат и дополнуваат.
Оваа книга е петта книга со авторски бајки од писателот Христо Петрески, кој и докторира на темата „Авторска бајка – компаративна анализа“.