Од 10 до 12 септември во Охрид се одржува втората меѓународна конференција на издавачи „Млади европски приказни“, во организација на „Чудна шума“.
Конференцијата се одржува под мотото „Кажи ДА за добра книга“ (кое е мото и на целиот проект „Млади европски приказни“), а учесници, покрај „Чудна шума“, се партнерите издавачи од проектот: „Мителдојчер ферлаг“ од Германија, „Ибис графика“ од Хрватска, „Одисеја“ од Србија и издавачката куќа „Гаврош“ од Македонија. На конференцијата издавачите ќе споделат искуства од својата работа и предизвиците со кои се соочуваат помалите квалитетни и некомерцијални издавачи во Европа и пошироко, како и потребата за вмрежување, заедничка соработка и можностите за проширување на соработката во иднина. Посебен акцент на конференцијата ќе се стави на можностите за превод на квалитетни дела од помали јазици на поголемите книжевни пазари, како Германија, Италија, Франција, Шпанија, Велика Британија…
– Ова е и прв проект за превод и циркулација на европски дела во македонското издаваштво, каде што гледаме вакво вмрежување на повеќе издавачи – не само од регионот туку и од Европа – и каде што носителот на проектот е македонски издавач. Горди сме што нашата соработка продолжува и во уште еден тековен проект – проектот „Планета Надеж (Нова европска проза)“, каде што е вклучен и уште еден партнер – „Содобност“ од Словенија – вели главната уредничка на „Чудна шума“, Билјана С. Црвенковска.
„Млади европски приказни“ е тригодишен проект за превод, објавување и промоција на европски книжевни дела за деца и млади. Во рамките на проектот ќе бидат преведени и објавени 14 книжевни дела за млади читатели од различни возрасти. Книгите се преведуваат од холандски, унгарски, хрватски, германски, норвешки, шведски, словенечки, турски и романски на македонски, како и од македонски на хрватски и германски. Книжевните преводи ги прават искусни и наградувани книжевни преведувачи: Дарко Спасов од словенечки, Ели Пујовска од Холандски, Лидија Димковска од романски, Златко Панзов од унгарски, Родна Русковска од шведски, Калиопа Петрушевска од хрватски, Ксенија Чочкова од германски, Искра Бадева од норвешки и Васко Марковски од турски на македонски јазик, како и Корнелија Маркс од македонски на германски и Магдалена Кукиќ од македонски на хрватски јазик. Сите книги што се преведуваат во рамките на проектот се дела за деца и млади што обработуваат значајни теми.