Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот насловен „Звукот на ориентот“, на кој ќе настапи исклучителниот мајстор на уд, композитор и вокалист Марсел Калифе од Либан. На програмата се авторски дела на Калифе, а концертот ќе го води маестро Лубнан Балбаки од Либан. Ќе настапи и хорот „Про арс“.
Марсел Калифе студирал уд (арапска лаута) на Националниот конзерваториум за музика во Бејрут и оттогаш, тој му вдахнува нов живот на овој специфичен инструмент. Традиционалното свирење на уд било ограничено од строгите изведувачки техники, кои го одредувале начинот на свирење. Високоталентираните и надарени музичари како Калифе, сепак, можеле и успеале да го ослободат инструментот од тие ограничувања и со тоа значително да ги прошират неговите изведувачки можности. Во 1972 оформува музичка група во својот роден град Aмчит, со цел да го оживее музичко наследство на арапската вокална хорска музика. Првиот настап им бил во Либан. Во 1976 г. се родил ансамблот „Ал Мајадин“.
Збогатен со музичкото искуство од претходниот свој состав, гласноста на „Ал Мајадин“ отишла многу подалеку од Либан. Придружуван од неговиот музички ансамбл, започнал далекосежно музичко патување со настапи во арапските земји, Европа, САД, Канада, Јужна Америка, Австралија и Јапонија. За својата креативност, иновативност, образовни и хуманитарни залагања, како и придонесот за промоција на културата и уметноста во арапскиот свет е добитник на голем број награди. По добивањето на националниот медал за култура и уметност од Палестина во 2001 година, Калифе придонесува во финансискиот дел од наградата на националниот конзерваториум за музика „Едвард Саид“ во Палестина.
Лубнан Балбаки е роден во 1981 година во Бејрут и е најмладиот редовен диригент во Либанскиот филхармониски оркестар. Низ целиот свој живот, Балбаки бил опкружен од уметници од блиското семејство: сликари и музичари, кои ја создале инспиративната атмосфера што помогнала да се изгради неговиот музички пат. Откако ја започнал својата музичка кариера, Балбаки работи како музички советник и шеф-диригент со Маџида ел Руми и Марсел Калифе