Информативни сесии на програмата „Креативна Европа“

Европската комисија ја објави програмата за работа за 2023 година за спроведување на активностите од програмата „Креативна Европа“, со буџет од 311.700.980 евра. Во 2023 година, „Креативна Европа“ ќе продолжи да биде механизам на ЕУ за придонес кон европските политички иницијативи релевантни за културниот и креативниот сектор, што е усогласено со целите на Новата европска агенда за култура од 2018 година.
Програмата „Креативна Европа“ ќе обезбеди финансиска поддршка за имплементација на активности што ќе опфатат актуелни теми, како што се закрепнувањето и отпорноста на културниот и креативниот сектор, условите за работа на уметниците, предизвиците поврзани со дигитализацијата, климатските промени, родовата еднаквост, одржливоста, културата и благосостојбата и меѓународните културни односи. Новата шема за мобилност за уметници и културни работници („Културата ја движи Европа“), која во 2022 година стана дел од стандардните покани во рамките на потпрограмата „Култура“, за да се обезбеди наследството на Европската година на младите, ќе продолжи, преку резиденции и локални културни програми, да придонесе за целите на т.н. „Новиот европски Баухаус“ – креативна и интердисциплинарна иницијатива што го поврзува Европскиот зелен договор со нашите животни простори и искуства. Иницијативата „Нов европски Баухаус“ нѐ повикува сите да замислиме и да изградиме заедно одржлива и инклузивна иднина што е убава за нашите очи, умови и души.

Клучниот предизвик во 2023 година ќе биде имплементацијата на програмата во 2023 година, приспособена на долгорочниот предизвикувачки контекст што произлегува од кризата поради ковид-19. Третина од целиот буџет е наменета за првите две години од програмата, со што се испраќа силен сигнал за поддршката на Унијата за закрепнување на културниот и медиумскиот сектор по пандемијата. Во 2023 година, програмата се враќа на редовниот профил, што го објаснува намалувањето на средствата во однос на претходните години. Новововедените повисоки стапки на кофинансирање за проекти за соработка во културата, како и за неколку повици во рамките на потпрограмата „Медиа“, како одговор на итните потреби за ликвидност на корисниците, сè уште се релевантни поради долгорочното влијание на кризата од ковид-19 во секторот. Огромниот одговор на повиците во 2022 година, на пример во рамките на проектите за соработка во културата, ќе резултира со важен број тековни проекти во 2023 година, што треба да доведе до одредено намалување на притисокот за следните години.
Покрај тоа, драматичната ситуација во Украина има разорни ефекти врз украинското културно наследство, културните организации и уметниците што не можат да работат и да допрат до нивната национална и меѓународна публика. „Креативна Европа“ се залага за промоција на клучните културни вредности и креативност во градењето инклузивни и кохезивни општества засновани на европските вредности за почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човековите права. Поради оваа причина, првиот објавен повик од работниот план за 2023 година е наменет за културни соработки меѓу Украина и другите земји од „Креативна Европа“, кои поттикнуваат развој, експериментирање, ширење или примена на конкретни практики за тоа како културата и уметноста можат да придонесат за воениот отпор и повоено закрепнување.

Потпрограмата „Култура“ ќе продолжи со стандардни повици и активности насочени кон развивање културни политики и поттикнување соработка, а исто така ќе опфати нови приоритети, како што е поддршката на украинскиот културен и креативен сектор и ќе придонесе за иницијативи на високо ниво, како што е „Новиот европски Баухаус“.
Меѓусекторската потпрограма ќе продолжи да ја поддржува транснационалната соработка во форма на културни и јавни политики; иновативен пристап што одговара на заедничките предизвици и можности на дигиталната транзиција во културниот и креативниот сектор, а ќе се фокусира и на: креативни процеси; деловни прашања како што се управување со права, монетизација и користење податоци; размислување за еколошка и кружна економија; и за иновации за одржливост, инклузија и благосостојба во согласност со приоритетите на „Новиот европски Баухаус“. Во форма на поддршка за информатичкиот медиумски сектор, активностите ќе бидат фокусирани на: новинарски партнерства, следење на слободата и плурализмот на медиумите и континуирана поддршка за следење на медиумскиот плурализам и размена на знаења за медиумската писменост преку границите.

Кај нас, со настан во НУ „Музеј на македонската борба“ – Скопје, започнува серијата информативни сесии посветени на тековните повици на програмата „Креативна Европа“ – потпрограма Култура: „Проекти за соработка“ и „Циркулација на европски книжевни дела“ за 2023 година. На настанот во Скопје ќе бидат презентирани: Повикот за категоријата „Проекти за соработка“ на програмата „Креативна Европа (Култура)“ и Повикот за категоријата „Циркулација на европски книжевни дела“, додека пак здружението за мултиетничко музичко образование „Рома рок скул“ – Скопје ќе го претстави проектот „Музиката поврзува: Рок-музиката поттикнува инклузија низ Европа“. Исто така, своите проекти ќе ги претстават и двата културни оператори: „Бата прес милениум“ ДОО и друштвото за издавачка дејност „Сказнувалка“. Сите заинтересирани на настанот ќе можат да направат и индивидуални консултации.
Серијата информативни сесии продолжува уште во четири града, и тоа: на 25 јануари во Велес, на 26 јануари во Tетово и Гостивар, а на 27 јануари ќе биде организиран информативен настан во Штип.
Организатори на информативните сесии се Министерството за култура (Одделение за Креативна Европа на ЕУ-потпрограма Култура) во соработка со Музејот на македонската борба, театарот „Јордан Х.К. Џинот“ – Велес, центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ – Тетово, центарот за култура „АСНОМ“ – Гостивар и центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип, како и корисниците на програмата „Креативна Европа – потпрограма Култура“: здружението за мултиетничко музичко образование „Рома рок скул“, „Бата прес милениум“ ДОО и друштвото за издавачка дејност „Сказнувалка“ од Скопје. В.Д.