Големата изложба на француската сликарка и скулпторка Роза Бонер (1822 -1899), отворена во октомври во музејот „Орсеј“ во Париз, останува пред очите на јавноста уште неколку дена, до 15 јануари. Поставката, по повод двестегодишнината од раѓањето на Роза Бонер во Бордо, ја организираат Музејот на убави уметности во нејзиниот роден град и музејот „Орсеј“ од Париз. Оваа голема ретроспектива на нејзината работа е национален и меѓународен настан, бидејќи со изложбата ѝ се оддава почит на оваа извонредна, иновативна и инспиративна уметница. Бонер е позната како икона на женската еманципација, која го ставила живиот свет во срцето на својата работа и на своето постоење. Таа била посветена на препознавање на животните во нивната единственост и преку својата работа ги изразила нивната виталност и „душа“. Преку своето големо техничко мајсторство, таа можела да ја претстави и анатомијата на животните, но и нивната психологија.
Оваа изложба ѝ овозможува на јавноста (повторно) да ги открие моќта и богатството на нејзината работа, изложени се околу 200 дела (слики, графики, скулптури и фотографии) од повеќето престижни јавни и приватни колекции во Европа и САД.
Роза Бонер низ своите дела ја покажува својата ненаситна љубопитност за различноста на видовите и за нивните живеалишта. Таа, исто така, била фасцинирана и од дивата убавина на американскиот Запад и неговите жители, иако никогаш немала можност да го посети. Нејзината исклучителна визија на флората и фауната е резултат на фасцинацијата од животните. Ставајќи ги животните во срцето на своето уметничко творештво во спектакуларни композиции или со нивно изолирање во вистински портрети, Роза Бонер успеала да создаде експресивна работа на извонреден реализам, лишена од сентименталност, хранета со научни откритија и со новото внимание посветено на животински видови на земјата.
Изложбата си игра и со димензиите на делата, претставени се и многу мали формати и монументални дела, најчесто панорамски и динамични, како и вистински портрети на животни во целосна висина. Така, Бонер ја прикажува величественоста на еленот во сликата „Кралот на шумата“.
Родена како Мари-Розали Бонер, таа потекнува од уметничко семејство. Нејзиниот татко Рејмонд, нејзините браќа Огист и Исидор и нејзината сестра Жулиет биле исто така познати по сликарството или скулптурата. За првпат изложувала во Салонот во Париз во 1841 година, а во 1848 година била наградена со медал од прв ред. Следната година ја изложила сликата на која е прикажано орање во Ниверн, нарачана од француската влада, која првично била наменета за Музејот во Лион, но никогаш не била испратена таму. Денес е во колекцијата на музејот „Орсеј“. Во салонот од 1853 година, таа изложила дело што ќе стане нејзина најпозната слика. На неа се претставени неколку коњи во движење на саем во Париз. Покрај тоа што била уметнички ценета, сликата била и финансиски успех за Бонер, бидејќи во 1855 година Ернест Гамбарт платил 40.000 франци за неа. Подоцна, во 1877 година, Корнелиус Вандербилт (1843 – 1899) ја купил сликата и му ја подарил на музејот „Метрополитен“. Во Националната галерија има помала верзија на оваа слика.
Поради нејзината популарност, две нејзини слики биле претставени и на голема уметничка изложба одржана во Манчестер во 1857 година. Како признание за нејзините достигнувања, во 1865 година била одликувана со Национален орден на честа. Во 1859 година, таа купила замок во општината Томери, во кој живеела до крајот на својот живот. Починала во 1899 година и е погребана на гробиштата Пер-Лашез. Една од раните биографии на нејзиниот живот е напишана од американската уметница Ана Елизабет Клумпке.