Кевин Амсе, слемер од Белгија
- Амсе, кој неколку години по ред беше финалист на Белгиското слем-првенство, во Прилеп настапи на фламански и холандски јазик, а публиката, покрај неговиот настап, имаше можност да ги чуе неговите стихови на македонски јазик, во интерпретација на актерот и организатор на фестивалот Игор Трпчески
Поет, учител, слемер, така себеси се дефинира Кевин Амсе од Белгија, кој деновиве беше во посета на Македонија. Амсе беше специјален гостин на 15. издание на националниот „Поетски слем Македонија“, кој се одржуваше во Прилеп од 9 до 12 октомври.
Амсе, кој неколку години по ред беше финалист на Белгиското слем-првенство, во Прилеп настапи на фламански и холандски јазик, а публиката, покрај неговиот настап, имаше можност да ги чуе неговите стихови на македонски јазик, во интерпретација на актерот и организатор на фестивалот Игор Трпчески. Во рамките на фестивалот беше објавена и негова книга „Избор слем поезија“, во препев на Ели Пујовска.
– Ја сретнав Елена Пренџова во Брисел, каде што ме покани да дојдам во Македонија. Знаев дека е голема одговорност да се биде интернационален гостин и дека треба да го дадам најдоброто од себе, особено ако се земе предвид колку голем напор е вложен за да ме донесат тука. Штом се качив на сцената, ми падна товарот од рамената, уживав во изведбата. Уживав и во интерпретацијата на мојата поезија од страна на Игор Трпчески и тогаш првпат како да го чув вистински македонскиот јазик, затоа што во секој момент знаев што точно се кажува. Беше забавно, луѓето интензивно и весело реагираа, а тој со неговата изведба направи прекрасна работа, па тоа ми дојде како подарок. На крајот бев среќен дека сѐ помина како што се надевав. Вечерта беше фантастична, а публиката беше многу жива и интерактивна, за разлика од таа во Белгија, каде што обично е тивка. Многу силна енергија имаше во Прилеп – раскажува Амсе.
Пред да ја посети Македонија, за земјата не знаел речиси ништо. Не знаел што да очекува, ниту од луѓето ниту од настанот.
– Пред да дојдам не знаев што да очекувам од земјата и оставив самото да ми се покаже. Секако, малку истражив, но не сакав однапред премногу да знам. Сакав да бидам изненаден. Елена Пренџова, која беше прекрасен домаќин, ми кажа многу за земјата, ме водеше низ Скопје и низ Прилеп. Се чини како земјата да има две лица – ги имате оние големи статуи, споменици, нови згради, и Скопје е навистина убав град, но, од друга страна, се забележуваат напуштени домови и изобилство ѓубре. Има ѓубре на улиците, дури и во реката. И така, го видов и убавото и тажното лице на земјата. Тоа беа моите први впечатоци – вели Кевин.
Тој е воодушевен од историјата на земјата, но и од трудот таа историја да се зачува и да биде жива.
– Студирав историја и етика, па затоа со задоволство посетив неколку ваши музеи. Имам чувство дека доста видно ги истакнувате важните личности со чии дела нацијата станала голема. Уживав во статуите и спомениците на тие што многу придонеле во вашата историја и заклучив дека имате богата историја. Ете, тоа е нешто што го научив со задоволство.
Исто така, додека ме возеа со автомобилот од Скопје до Прилеп, а тоа беше вистинска можност за разгледување, затоа што најчесто јас сум тој што вози, сега го имав луксузот непречено да гледам низ прозорецот и навистина се воодушевував од пејзажот. Имате многу планини, прекрасни планини. Во Прилеп посебен впечаток ми остави празнувањето на победата над нацизмот и тоа дека сѐ уште се слават првите испукани куршуми, за разлика од Белгија, каде што нема веќе големи одбележувања за крајот на војната. Многу е добро што овде тоа сѐ уште се вреднува – раскажува поетот.
Амсе е татко на две деца и работи како учител по етика за деца од 6 до 12 години.
-Тоа е многу убава работа, со децата разговараме за светските проблеми – се шегува Кевин.
Вели дека поезијата му била бегство од реалноста, но и начин да ги артикулира сите чувства од неправдите што ги гледал околу себе.
– Поезија почнав да пишувам како начин да се избега од некои работи, растев гледајќи околу себе насилство и социјални неправди. Родителите ми беа од работничка фамилија, немав помош во мојата изградба како човек, и некогаш се гордеам со себе и со она што го постигнав досега. Ама тоа го сфатив многу подоцна, претходно не бев свесен што имам направено.
Сега сум учител и момче од средната класа, но во овој живот се гордеам со тоа што сум – скромно вели Кевин.
За своите почетоци се сеќава низ смеа, особено затоа што не сонувал да биде слем-поет туку рапер.
– Пред 15 години сакав да бидам славен рапер и тие години пишував такви текстови. Но, никој во соседството не рапуваше, па кога се преселив во Гент, голем град, сите ми рекоа дека, за жал, немам талент за рап. Се согласив со тоа. Па добив предлог текстовите да ги претставам на сцена вербално, што беше новитет, а тогаш се организираше првиот слем-настан во Белгија и си помислив дека тука можам да ја интерпретирам мојата рап-поезија и да се натпреварувам. Секако, многу еволуирав оттогаш, неколкупати бев финалист на националните поетски слем-шампионати во Белгија. Го запознав Игор Трпчески во 2016 година во Белгија, кој беше таму како победник од Македонија. Тогаш имаше групен натпревар на кој учествував, бев со двајца други со кои имавме заеднички текстови. Имаше две холандски и две француски групи, а во публиката беше Игор во улога на жири-комисија. И, ако добро се сеќавам, нашиот тим победи, па така со Игор Трпчески, како дел од жирито, нашиот тим дојде до можност да отидеме на европскиот шампионат – се сеќава Кевин.
Иако на светската слем-сцена општоприфатено е дека настапот треба да трае три минути и да испрати порака до публиката, Кевин вели дека на поетскиот слем треба најважна да е поезијата.
– Мислам дека има неколку поети што можат да бидат добри и на хартија и на перформанс. Вистина, многу малку се таквите слем-поети. Порано бев против објавување книга, го сакав само настапот, но сега мислам дека тие песни можам да ги интерпретирам на сцена, ги приспособувам за настап. Поезијата за на сцена е направена за да биде лесно сфатена, сакаш публиката да ти даде високи поени, а за да ти даде висока оценка таа нема време да размислува за тоа што си го кажал. Ќе размислува ако е апстрактно, тие не можат да ја прочитаат, тие имаат можност да ја чујат песната само еднаш, па мислам дека е логично оваа поезија да биде разбирлива за сите. Ако треба да се размислува за неа, тоа значи дека предизвикала помала емоција. Кога пишуваш длабока поезија, тоа е многу потешко да го интерпретираш лесно на сцена, мора тоа да биде поезија што лесно допира. Не премногу лесна, но доволно лесна за да се разбере од прво слушање. Има неколку такви поети што можат да ги направат и двете работи, но тоа се само неколкумина, кои се екстремно талентирани – додава Амсе.