Револуционерниот холандски роман на 434 страници „Макс Хавелар или Аукциите за кафе на Холандската трговска компанија“ од Едуард Дувес Декер, попознат преку псевдонимот Мултатули (во превод: „страдав многу“), во превод од англиски јазик на Стефан Марковски и Викторија Митрикеска-Марковска, е објавен на македонски јазик, во издание на „Современост“ од Скопје.
„Макс Хавелар“ (првично објавен во 1860 година), наречен од индонезискиот романсиер П.А. Тоер „книгата што го уби колонијализмот“, широко се смета за еден од највлијателните холандски романи, кои поради живописната и остра критика на колонијалистичката експлоатација во периодот на Холандски Источни Инди (денешна Индонезија) послужиле низ годините како материјал за постколонијалната книжевна критика и теорија.
И покрај одредени промени пред печатењето, книгата постигнала голем успех и предизвикала голема јавна и политичка дебата, издвојувајќи се како единствен ваков книжевен феномен во холандското општество.
Едуард Дувес Декер-Мултатули (1820–1887) е роден во Амстердам и работел како висок колонијален службеник во Холандските Источни Инди дваесетина години. Неговите спротивставувања кон злоупотребите во холандскиот колонијален систем довеле до нарушени односи со претпоставените и, на крајот, до негова оставка во 1856 година. Тој се надевал дека објавувањето на овој роман ќе го отвори патот кон реформирање на колонијалниот систем, а него ќе го врати на функција како висок службеник во колонијалната управа, што не се случило.
Социјалната критика на Мултатули продолжила и во неговите подоцнежни дела, како што се: популарната драма „Училиште за принцовите“ (1872) и полуавтобиографскиот роман „Воутертје Питерс“ (1890), за едно младо момче од крајот на 18 век во Амстердам.
Неколку години по објавувањето на „Макс Хавелар“, Мултатули заминал во Германија, а во 1877 г. престанал да пишува. Денес тој се смета за најголем холандски писател од 19 век и основоположник на современата холандска литература. Меѓу неговите обожаватели се и Д.Х. Лоренс и Сигмунд Фројд.