ГРАДОТ ВО ОГАН, 2

Век и две децении подоцна, само триесетина години пред големиот пожар, 1660-1661, во „in partibus Levanti“ пристигнува и престојува во Скопје неуморниот патописец Евлија Челебија, автор на десеткнижните „Патописи“ („Сејахатнаме“), кој во својот препознатлив стил, со нескриен восхит, го опишува градот со 2.150 дуќани: „Сите главни улици се рамни, поплочени со убава бела калдрма. Има многу учени луѓе, градски првенци, големи господа. Тоа е гнездо на поети и луѓе пријатели на сиромашните. Жителите особено се наклонети кон задоволствата и уживањата. Љубовта и насладата се голем влог во нивните вљубени срца“.
Оваа хедонистичка слика на градот десет години подоцна се дополнува со сведоштвото на англискиот лекар Едвард Браун за „Скопиа или Скупи, или како што Турците го нарекуваат Ускопиа, во подножјето на Монт Орбелиус (Скопска Црна Гора), на брегот на реката Аксиус, во многу убав и пријатен крај, со еден дел градот е на ридот, а со вториот во рамнина“. Во градот и околу него, забележува Браун, се наоѓаат голем број места, „сите засадени со дрвја, опколени со ридишта и долини“.
Речиси во истиот историски период, двајцата патописци – Браун од една растечка колонијална империја што во наредните два века ќе го освојува светот и Челебија од сѐ уште моќната, но веќе подослабена империја, што во следните два века постепено ќе ги губи својата сила и територии, значи од две доста различни историско-социјални средини – се сплотени во една многу сродна, восхитувачка импресија од градот. Патувањето и патописите подразбираат промена и свежо проживување на видливиот свет, но тие различности на новите места се многу помалку неочекувани за еден отомански поданик отколку за еден човек од Запад (како, на пример, во случајот на големите патописци Ибн Батута и Марко Поло). Но посетите на Челебија и Браун на Скопје, остварени во кусо меѓувреме, ја покажуваат блиската интимна доживеаност на градот како убав и впечатлив.
А токму во тие години веќе се навестуваат Австро-турските војни (1683-1699) по кои Отоманското Царство по првпат е принудено, според мировниот договор во Сремски Карловци, да се откаже од големи територии (во Унгарија, Славонија, Трансилванија), а за чие време убавото Скопје ќе исчезне во големиот немилосрден пожар.
Клучниот лик во трагичниот настан со опожарувањето на градот е потомок на познатото имотно благородничко семејство од Сиена, во чиј родослов му претходат и двајца папи, Пиј II (единствен папа што напишал автобиографија) и Пиј III. Генералот Енеа Силвио Пиколомини.
Со благослов на татко му (кој му обезбедува комфорен апартман, со слуги и кочија) и благодарение на влијателното италијанско лоби во Виена, тој од родната Сиена се сели во престолнината на Хабсбуршкото Царство, каде што решително почнува да ја гради својата војничка кариера. Покажува дека и покрај првичната помош од роднините, самостојно поседува силни војсководечки способности, па од потпоручник во војната против Франција во 1675-та, тој во Австриско-турските војни го носи чинот генерал-потполковник, што сосема го оправдува за време на Мохачката битка, кога храбро и решително го запира нападот на бројно надмоќната турска коњица и со тоа прави пресврт на текот на битката на хабсбуршка страна.

(продолжува)