ГРАДОТ ВО ОГАН, 1

За насловот на една од моите омилени есеистички книги (од младоста до денес), „Sterstunden der Menschheit“ на Стефан Цвајг, (преведена како „Ѕвездените часови на човештвото“ или, може постриктно, „Големите мигови на човештвото“), самиот Цвајг во воведот ќе нагласи дека: „Таквите драмски збиени часови, полни со всредоточени судбини, во кои само за еден единствен ден, за еден единствен час, а често и само за една единствена минута, е збиена одлуката што го надживува времето, се ретки во животите на поединците и ретки во животниот тек на историјата. Тука се обидувам да се потсетам на неколку такви ѕвездени часови од различни времиња и зони – ги нареков така зашто сјајно и непоколебливо како ѕвезди ја расветлуваат ноќта на минливоста“. Цвајг заведувачки нѐ внесува во тие куси временски сегменти со несогледливи ефекти: како конквистадорот Васко Нуњес де Балбоа со својата десперадоска банда го открива Тихи Океан, како „запечатениот“ воз ги превезува од Швајцарија, преку завојуваната Германија, Ленин и неговите 30 соработници, како слепата послушност на верниот Наполеонов маршал Груши го „потпомогна“ поразот кај Ватерло… впечатливи примери на кус настан што предизвикува долгорочни последици.
Препрочитувајќи ја книгата на Цвајг, на скопската тераса едно топло летно претпладне, се замислив: кој би можел да биде тој краткотраен решавачки миг за овој град, кога се свртува историското кормило не само за современиците туку и за генерации што доаѓаат по нив? Земјотресот да, но катастрофалните земјотреси што го рушеле Скопје низ историјата биле удар од непоткупливата природа, што се случуваат надвор од човековите размисли и планови.

А наспроти тоа, ако, во цвајговска насока, го бараме човечкиот фактор што во еден кус миг ја сменил историската физиономија на градот, тогаш веднаш ми се наметнува палежот на Скопје на 25-27 октомври 1689-та по наредба на хабсбуршкиот генерал Силвио Пиколомини.
Во 16 и 17 век, овој град наречен Ускуп, бил еден од најразвиените многужителни балкански центри на Отоманската Империја. „Пропатував низ цела Румелија сиве овие години, видов многу прекрасни градови благословени од Бога, но ниту еден од нив не ме восхити со својата убавина како рајскиот град Ускуп низ кој тече реката Вардар“, запишал турскиот патописец од 17 век Дулгар Деде. Речиси век и половина пред доаѓањето на Пиколоминиевата армија, во Ускуп живеел, работел, а тука и починал Иван М. Држиќ, член на добро организираната дубровничка колонија трговци што, плаќајќи ѝ уредно годишен арач на власта, ја организирале, како важна дубровничка филијала, трговската размена меѓу Отоманската Империја и Западот. Иван е постариот брат на ренесансно разиграниот комедиограф Марин, со прекар Видра, авторот на „Дундо Марое“, „Скуп“, изгубениот „Помет“… Постои претпоставка дека во 1547-та Марин го посетил брат си во неговиот скопски дом. Во „Лексиконот на Музејот Марин Држиќ“ е запишано дека Иван починал, неженет, во Скопје 1554-та, а истата година, во решението (на латински) на МВ од 28.04.1554. стои дека „им се дозволува на чуварите на имотот на покојниот Иван Марин Држиќ во регионите на Левантот да назначат еден или повеќе овластени представници за враќање на имотот на починатиот“.

(продолжува)