Изложбата на Мирослав Масин, насловена „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“, ќе биде отворена во Даутпашиниот амам вечерва, во 20 часот. На комплексното творештво на Мирослав Масин, за естетичките категории и темите на интерес, пишува Ана Мартиновска.
– Ако примитивизмот е антирационалистичка и антиматеријалистичка филозофија, потрага по потеклото и апсолутите, по недопрената и неконтаминирана човечност и побуна против линеарната, мерлива, капиталистичка логика, тогаш секако дека Масин без поговор ја следи линијата на страсните поддржувачи на примитивизмот како Пикасо, кубистите, германските експресионисти, дадаистите и надреалистите. Само за потсетување, во срцето на програмата на германските експресионисти лежи ничеовската романтичарско-дијалектична претпоставка дека мора да се вратиш назад за да одиш напред. По таа логика, бегството од современоста значи враќање кон примитивниот човек неупропастен од развојот на цивилизацијата, или во визурата на Масин, кон првиот човек, кон прачовекот, кон мајмунот. Веројатно затоа мајмунот од сликата на Масин го има прстот на чело, па гледа во јајцето (уште еден универзален симбол за потеклото и постанокот) прашувајќи се како да ја поврати загубената димензија на човештвото. Неговата визија не е отпор кон технолошкиот напредок, ниту иронија или игнорирање на придобивките на модерноста, туку повеќе е предупредување за насоките во кои се движи човештвото денес – вели Мартиновска.
Според Викторија Васева Димеска, сликарот вечно живее во недоумица и дилема меѓу сопствената личност, самиот себеси, и долгот да создава за човештвото, меѓу внатрешната изолација и анализа на внатрешниот дијаграм на човек и надворешната должност да создава нешто што ќе биде солидарно со човештвото.
– Тој е истовремено и едното и другото. Најмногу е едното, а тогаш најмногу чезнее за она второто и обратно – вели таа.
Драган Јовановиќ Данилов смета дека низ егзорцистичко ослободување и надреалистично спиритуализирање, цртежите на Масин ја разоткриваат таинственоста на некои дамнешни невидливи пораки, кои овој цртач ги пренесува во опсегот на видливото.
– Најдобрите цртежи на Масин се оние во кои линијата (истата линија месечарка за која пишувал поетот и цртач Анри Мишо) магиски се одвојува од формата и, водена од силата на некоја нејасна намера, тргнува некаде кон езотеричното – вели тој.
Елизабета Шелева посочува дека „во актуелната ликовна поетика на Мирослав Масин неоспорна и забележителна е постапката на стилизација – сведувањето на телесните ликови/форми до фундаментални белези: клун, око, задник, стапало – а потем и нивна слободна хибридизација: неочекувано спојување сѐ до степен на преплетување и/или стопување на различните тела, животински видови и родови.
– Подложени на процесот на болна трансформацииіа, затечените во природата облици, бои, граници – на стилизиран начин стануваат заемно конгруентни, односно истргнати од небитие во битие како нови, овој пат хибридни суштества, во своето позитивно, афирмативно, врз сликарското платно докажано и еднаш засекогаш освоено постоење – вели Шелева.
Според Маја Чанкуловска-Михајловска, кураторка на изложбата, наметнатите ограничувања и норми, пред сѐ општествени трансформации и насилни мерки на приспособување и експериментална затвореност се отфрлаат и настанува еден жизнерадосен конгломерат на фрагментирани делови на телото што врескаат во екстаза и радост, што, од своја страна, е резултат на прифаќањето на самата животна суштина на видот/родот и другоста одразена во сопствената различност.
– Со и наспроти сите претходни анализи и критики на еволуцијата и цивилизациските вредности, мајмуните (мајмуноликите предци) на Масин се восприемаат како одраз на авторската идеја на нивно доживување и претставување како симбол на слободата и прифаќање на себството – вели таа.
Изложбата ќе биде отворена до 15 јуни.